СЕ ПРОШИРУВА ПАЗАРОТ НА СТРУЈА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ТРГОВЦИ Од 1 јуни ќе можат да продаваат повеќе струја во Косово
Регулаторите на двете земји во 2023 година одлучија взаемно да ги признаваат лиценците за снабдување и трговија со струја што е значаен чекор за одвивање на трговијата.
Македонските снабдувачи и трговци со електрична енергија oд 1 јуни ќе имаат можност да снабдуваат нови 1.000 потрошувачи од косовскиот пазар, каде што стартува дополнителната фаза на либерализацијата на пазарот со електрична енергија, соопштија денеска од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Косовскиот пазар на струја е отворен за македонските трговци од 2023 година кога е потпишан меморандум за взаемно признавање на лиценците за снабдување и трговија со струја меѓу регулаторните тела на двете земји.
Вчера пред македонските снабдувачи со струја, косовскиот регулатор ги презентира и чекорите како тие полесно да пристапат на пазарот.
Од Регулаторната комисија велат дека трговците треба да ја искористат можноста да продаваат дополнителни количини на струја во Косово.
– Поголем пазар, носи поголема конкуренција, а бенефитот е пониски цени за електрична енергија. Сега за помалку од еден месец, односно од 1 јуни ќе бидат на располагање дополнителни 500 GWh со кои ќе може да се тргува на слободниот пазар на Косово и ова е одлична бизнис можност за нашите снабдувачи и трговци – изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Претседателот на косовскиот регулатор – Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово (ЕРО) Имер Фејзулаху им посака добредојде на македонските снабдувачи истакнувајќи дека тие имаат повеќе искуство со оглед на тоа дека македонскиот пазар е одамна либерализиран.
– Ова е само меѓу чекор кон приклучување кон единствениот пазар кој го бара од нас Европската Унија. Во прилог на сите ни е да има намалени административни бариери, а зголемена конкуренција – изјави Фејзулаху.