БЛАГОДАРНОСТ ЗА ПОДДРШКАТА КОН ЕУ И ЗА ЛЕКУВАЊЕТО НА ПОВРЕДЕНИТЕ ОД КОЧАНИ Министерот Муцунски во посета на Шведска
Од страна на министерката Стенергард беше потврдена поддршката за македонската интеграција и принципиелната определба на Шведска за континуитет во политиката на проширување, соопштија од Кабинетот на минитерот Тимчо Муцунски.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој е во посета во Шведска, денеска во Стокхолм се сретна со министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Мариа Малмер Стенергард.
Од кабинетот на Муцнски информираа дека на средбата се разговарало за повеќе теми, вклучително и билатералните односи и можностите за продлабочување на соработката во различни области, со акцент на трговската и економската соработка, евроинтегративниот процес на државата, како и за актуелни регионални, европски и глобални прашања.
„Министерот Муцунски го потврди силното партнерство и пријателските односи меѓу двете земји, изразувајќи благодарност што Шведска е силен политички и билатерален партнер. Тој упати искрена благодарност за поддршката во евроинтеграцискиот процес на државата, како и до државата и шведскиот народ за брзата и одлучна реакција по пожарот во Кочани, кога дел од пациентите беа лекувани во Стокхолм“, соопштија од Кабинетот на минитерот.
Тој информираше и за реформските процеси во земјата, со посебен акцент на Планот за раст, реформата на правосудниот систем и имплементацијата на европските стандарди, се додава во соопштението.
„Од страна на министерката Стенергард беше потврдена поддршката за македонската интеграција и принципиелната определба на Шведска за континуитет во политиката на проширување. Министрите разменија мислења и за актуелните геополитички состојби во Европа и регионот на Западен Балкан. Во оваа насока, министерот Муцунски нагласи дека Република Северна Македонија ќе продолжи да биде фактор што промовира добронамерен ангажман, стабилност, добрососедски односи, отворен дијалог и активна регионална соработка“, се вели во соопштението.