ФИЦО И ВУЧИЌ ЛАЖАТ ДЕКА СЕ БОЛНИ ЗА ДА НЕ ОДАТ НА ПАРАДАТА ВО МОСКВА?! Кружат шпекулации за здравствената состојба на двајцата лидери
Во пресрет на парадата на 9 мај во Москва, српскиот претседател Александар Вучиќ и словачкиот премиер Роберт Фицо ги откажаа своите активности, а се појавија разни шпекулации, меѓу кои и екстремни тврдења дека можеби биле отруени за да не отпатуваат во Москва.
Во пресрет на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот со воена парада на 9 мај во Москва, единствените двајца европски лидери, покрај претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, кои најавија учество на овој настан, српскиот претседател Александар Вучиќ и словачкиот премиер Роберт Фицо, неочекувано ги откажаа своите активности за наредните денови, што беше причина за појава на шпекулации на социјалните мрежи, но и во некои медиуми.
Така, рускиот портал 360, без да понуди никакви докази, пласираше теза дека двајцата политичари можеби биле отруени за да бидат спречени да отпатуваат во Москва.
Други руски портали цитираа политички аналитичар кој оцени дека Вучиќ и Фицо можеби лажираат дека имаат здравствени проблеми од „стратешки причини“.
Вучиќ во саботата беше хоспитализиран во болницата во Белград, откако предвреме се врати од посетата на САД, поради, како што беше образложено, здравствени причини. Лекарите подоцна соопштија дека неговата состојба е стабилна, наведувајќи дека причина за хоспитализацијата бил покачен крвен притисок.
Засега сепак е неизвесно дали Вучиќ ќе отпатува за Москва. Српскиот вицепремиер Синиша Мали изјави дека конечната одлука за тоа ќе биде донесена за неколку дена.
Фицо, од друга страна, изврши измени во неговиот распоред на активности за оваа недела, при што ја откажа и најавената посета на Велика Британија, без да бидат дадени причини за промените.
Словачките медиуми шпекулираа дека ваквите промени можеби се поврзано со здравствени проблеми на Фицо, кои се последица од обидот за атентат врз него од пред 1 година.
Сепак, Фицо вчера одржа прес-конференција на која изјави дека неговите планови за патување во Москва на 9 мај не се променети.
– Моето здравје не е ваша работа… Постојат работи поврзани со нападот што понекогаш ме спречуваат да седам во автомобил 4 часа. Тоа е сѐ што ќе кажам – одговори тој на новинарско прашање за неговата здравствена состојба.
Европската Унија изминативе недели во неколку наврати им препорача на лидерите на земјите членки и на државите кандидати за членство во ЕУ да не присуствуваат на манифестациите во Москва, поврзани со одбележувањето на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна во Европа на 9 мај.
Според ЕУ, Русија ги користи ваквите настани за да ја оправда својата агресија врз Украина, па присуството на нив само ќе и даде легитимитет на руската инвазија.