🎥 ДВЕ ОТВОРЕНИ ШАХТИ ЗЈААТ ВО АЕРОДРОМ Од Водовод рекле дека шахтите се сопственост на станарите
Центарот за управување со кризи веднаш ги информирал надлежните од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ на Град Скопје, а оттаму им било кажано дека и двете шахти се во сопственост на станарите и на деловните објекти во околните згради.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево алармираа за две отворени шахти во општина Аеродром, што претставуваат опасност за граѓаните.
Како што појаснуваат, минатата седмица преку социјалните медиуми биле пријавени две отворени шахти – едната спроти трговскиот центар „Скопјанка“, а другата веднаш по подземниот премин на булеварот Кузман Јосифовски – Питу, кај зграда број 28, пред „Спортлајф“.
Како што наведуваат од ЦУК, веднаш биле информирани надлежните од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ на Град Скопје. Оттаму им било кажано дека и двете шахти се во сопственост на станарите и на деловните објекти во околните згради.
Објавено е и видео на каналот на Јутјуб на ЦУК, каде директорот Стојанче Ангелов упатува апел за итно преземање мерки околу шахтата спроти ТЦ „Скопјанка“. Тој нагласува дека постои ризик некој сериозно да се повреди.