СОУЧЕСНИЦИТЕ НА ПАЛЕВСКИ БИЛЕ ДЕЗОРИЕНТИРАНИ ЗА ТОЧНОТО ВРЕМЕ „Јас бев наведнат да му ги одврзам рацете, а ти му пукаше во слепоочница“, му рече Манев на Палчо
Од каде знам дека е пукано во главата? Знам, затоа што иако беше покриен со церада, главата му беше поставена кон отворот на земуницата. Извртен беше кон десно, нозете му беа право, рацете врзани. Јас бев наведнат да му ги одврзувам рацете, па во таа положба знам каде му е главата. Во тој момент пријде и испука во главата. Пукна од левата страна, значи во левата слепоочница. Оттаму знам каде точно е застрелан, рече Манев.
Првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо денеска во суд се соочи со Велибор Манев, кој е второобвинет за грабнувањето и убиствата што се случија во ноември 2023 година во Велес и во Скопје. Судијата Ивица Стефановски му дозволи на Палевски да седи додека го испрашува Манев, зашто обвинетиот рече дека не можел долго да стои.
– Кажавте дека јас сум присутен на настанот, дека во 7.45 Панче бил совладан од Боре, а вие сте го врзувале и завиткан со церадата во гепекот сте го ставиле во неговиот „цитроен“, а за тоа време јас сум влегол во куќата и сум го зел телефонот. Во ОЈО Скопје на 6.12.2023 година сте дополниле дека телефонот бил на полнач. Ве прашувам како успеавте да видите како наводно сум во куќата и го земам телефонот на Панче, додека го врзувате и го носите Панче во гепек – праша Палевски.
– Лично видов дека влезе внатре во куќата, а откако ставив гориво доле на паркингот, тогаш ни кажа дека телефонот си го извадил од полнач и си го фрлил во долот – рече Манев.
– Додека сте полнеле гориво не сте можеле да ме видите како фрлам, како тогаш знаете каде е најден телефонот од полицијата и истото сте го кажале во ОЈО – праша Палевски.
– Палевски самиот ми кажа дека го фрлил во долот во капините – рече Манев.
– Има ДНК врз телото на Панче од извесен Александар Велиновски од Делчево, дали го познавате? – праша Палевски.
– Не – рече Манев.
– Колку време траеше грабнувањето на Панче? – праша Палевски.
– Четириестина минути. Туркање, врзување, изнесување од претсобје до гепек. Палевски имаше време да пуши цигара, да нѐ уверува дека сѐ е во ред „Немајте гајле“, за после тоа да седне на возачкото место во возилото на Панче и да нѐ спушти долу кон паркингот, каде ставивме гориво – рече Манев.
– Кажавте дека после тие 40 минути сте се упатиле кон местото Рудник, но невистина говорите, но камерите на „Романтик“ ги евидентирале возилата во 10.30 часот. Што правевте во куќата на Панче од 7.45 до 10.30 часот – праша Палевски, а судијата реагираше да не коментира.
– И самиот добро знаеш што сме правеле и како сме правеле. Ставање гориво без брзање, како што ме наведуваше, полека, немај галје, па полека движење по патот, без брзање, тоа правевме – рече Манев.
– Во исказот во судот тврдите дека сте заедно во „цитроенот“ со Боре Видевски, а сведокот Стојан Кулеџиовски од СВР Велес изготвил службена белешка утврдил едно лице во „цитроенот“. Дали сте сигурен дека со вас е Боре Видевски? – праша Палевски.
– Во „цитроенот“ бевме четворица. Двајца во пикапот напред, кој го возеше Палевски и двајца назад во „цитроенот“ на Панче, кој го возев јас – рече Манев.
– Не е одговорено дали Боре Видевски беше со вас во „цитроенот“ – рече Палевски.
– Колку што се сеќавам, да – рече Манев.
„ПРАШАЈТЕ ГО ПАЛЕВСКИ ЗОШТО ЈА УБИ ВАЊА“ Манев вели дека само Палевски го знаел планот за откуп
– Во ОЈО на 6.12.2023 година тврдите дека во „цитроенот“ со вас е Влатко Кешишев, а не Боре Видевски. Па ве прашиувам дали со ќотек во полицијата сте го промениле исказот на оваа околност? – праша Палевски.
– Не знам што да кажам, бевме четворица, по двајца во возило, дали е Боре во „цитроенот“ или во „реното“, малку игра улога – рече Манев.
– Значи не знаете кој точно е со вас во „цитроенот“. Кој е со вас во „цитроенот“? – праша Палевски.
– Еве сум изумил, не знам точно. Тука се и Боре и Влатко, тие ќе кажат кој во кое возило бил – одговори Манев.
– Во „Романтик“ камерите ве евидентирале во 10.30 часот. Во колку часот стигнавте во Рудник? – праша Палевски.
– По 15-тина минути стигнавме до дупката во која требаше да биде спуштен Панче – рече Манев.
– Која е причината од домот на Панче до „Романтик“ да патувате два часа, а од „Романтик“ до Рудник за 15 минути – праша Палевски.
– Ти самиот добро знаеш која е причината. Не ја сфаќам смислата на ова прашање. Точно е дека од паркингот на кој што тргнавме до езеро, до „Романтик“, се стасува за 15 минути. Многу добро знаеш колку време поминавме. Со таа разлика што од местото на тргање од паркингот кај пругата до „Романтик“, патот е прав и без кривини, а од „Романтик“ до местото е тесен и со кривини. Не знам што е поентата со брзините, се возеше според условите. Сами кажавте дека од паркингот до „Романтик“ се стига за 15 минути – рече Манев.
– Како стигнавте за два и пол часа, од 7.45 до 10.30 часот кога ве евидентирале камерите? – праша Палевски.
– Од 7.45 часот, ние не тргнавме во истиот момент. Се ставаше гориво во „цитроенот“, имаше време и цигара да пуши, тој го развлекуваше времето. Без телефон и без саат не можам да кажам точно во колку часот сме тргнале од паркингот – рече Манев.
– Според вашето кажување, јас сум пукал во Панче во неговата слепоочница, а на 6.12.2023 година во ОЈО кажувате „не видов точно, бидејќи беше покриен со церадата но најверојатно беше пукан во главата на некои 10 сантиметри“. Како исчезна церадата и како точно тврдите, според извештајот на судска, дека сум пукал во слепоочницата. Каде исчезна церадата? – праша Палевски.
– Церадата беше извадена од земуницата заедно со трупот на Панче. Каде е сега, не знам, како можам да знам – рече Манев.
– Не беше прашањето каде е церадата. Во 2023 велите дека ви пречела церадата, а во 2025 велите друго. Кога не видовте точно? Во 2023 година не гледате точно, во 2025 гледате точно каде е пукано во Панче – рече Палевски.
– Од каде знам дека е пукано во главата? Знам, затоа што иако е покриен со церада, главата му беше поставена кон отворот на земуницата. Извртен беше кон десно, нозете му беа право, рацете врзани. Јас бев наведнат да му ги одврзувам рацете, па во таа положба знам каде му е главата. Во тој момент пријде и испука во главата. Пукна од левата страна, значи во левата слепоочница. Оттаму знам каде точно е застрелан. Плус и Јавното обвинителство даде докази – рече Манев.
– Сега кажавте дека логично заклучувате дека сум пукал во слепоочница, а на минатото рочиште рековте дека сте виделе дека пукам во слепоочница. Зошто ги менувате исказите? – праша Палевски.
– И претходно, а и сега велам дека е пукано од левата страна – рече Манев.
– Во исказот рековте дека сте планирале да го причувате Панче 3-4 дена, па да го пуштите. Зошто во двата искази пред ОЈО во 2023 и сега пред судот не спомнавте ниту пак на местото на настанот се пронајдени вода и храна. Како планиравте Панче да преживее 3 до 4 дена?
– Не беше планот 4 дена, туку 24 часа. Вода и храна ќе му спуштевме откако ќе го однесевме возилото во Скопје. На враќање ќе му спуштевме и вода и храна. Се задржавме половина час најмногу. Ако ги гледаме камерите временски на „Романтик“, 15 минути до горе и уште пола час, сето тоа што го направи горе, отепувањето и фрлањето, временски треба да е околу 11 и 15 часот – рече Манев.
– Кажавте дека по убиството на Панче сте биле под закана за вашето семејство, но во ОЈО на 6.12.2023 година сте изјавиле „Јас нему му верував слепо, како и сите други што бевме во групата“. Зошто заканата не ја кажавте ниту во ОЈО ниту во полиција, кога сите се веќе уапсени, а јас во отсуство. Од кого се плашевте да кажете дека сте под уцена и закана? – праша Палевски.
– Јас кога побарав адвокат во полиција, почнаа да ме испитуваат на нивниот стар начин и морав да проговорам. Побарав заштита на мојата фамилија, затоа што сум уценет. Не знам дали го има или го нема тоа во полицискиот записник. Реков дека на распитот бев избезумен од тепањето – рече Манев.
– Дали јавните обвинители ве тепаа и ве правеа избезумен? – праша Палевски.
– Не – рече Манев.
– Зошто ним не им пријавивте за тепањето? – праша Палевски.
– Затоа што во затвор ме тепаа и бев под закана од нив да не кажувам. Бев облечен во парталава кошува и исфлекани пантолони. Точно е дека ЈО ме праша дали ми треба лекарска помош, а јас од страв реков не. Откако заврши распитот, ја замолив обинителката да ме врзат за радијатор, да останеме насамо и да ѝ кажам што ми се случува во затворот. Таа ме одби, а во затворот следеше нова тортура – рече Манев.
– Кажавте дека во шок сте возеле до Хиподром и сте го паркирале „цитроенот“ во Маџари, а потоа со „рено кангу“ сте дошле во партијата, во среда, на 22.11.2023. Во колку стигнавте во канцеларијата? – праша Палевски.
– Не знам колку беше точно, бев без телефон и без саат. Механичкото возење од Рудник до првичното паркирање на возилото во Маџари не знам колку време траеше, затоа што бев во ненормална состојба и возев механички. Прв пат се освестив кај сум и што сум и дојдов при себе кај надвозникот во Хиподром. По пат ниту имам разговарано со Боре, не проговоривме и не знам како стасав до таму. Колку време сум возел, не знам – рече Манев.
– Ќе се согласите ли дека пред 12 часот не сте можеле да бидете во Скопје? – праша Палевски.
– За 45 минути се стига во Скопје, можеби сме биле и пред 12 часот, не знам точно. Откако влеговме во канцеларијата, Влатко отиде да вари кафе, Боре во тоалет, јас и Палевски останавме сами и повторно ме уцени – рече Манев.
Адвокатот на Палевски Јовица Страшевски побара подолга пауза, зашто имал предмет во Апелација на кој морал да присуствува. Судијата даде пауза од 20 минути.