СЕ БАРААТ НОВИ 48 ЧАСА ЗА БЕКТЕШИ, ТРАЈКОВСКИ И МАКСУТИ Обвинителството бара продолжување на притворот за 16 до вкупно 18 лица
Истрагата останува во тек, а правосудните органи ќе донесат конечна одлука во однос на натамошните мерки против осомничените за трагедијата во Кочани.
Основното јавно обвинителство во Кочани побара продолжување на мерката краткотраен притвор за 16 лица опфатени со истрагата, чиј првичен притвор од 48 часа истекува денес. Истовремено, на уште две лица притворот им беше одреден вчера, со што вкупниот број на лица за кои е побарана оваа мерка се искачи на 18.
„Обвинителството до надлежниот суд достави предлози за продолжување на мерката краткотраен притвор за 16 лица, додека уште две лица добија притвор во текот на вчерашниот ден. Постапката продолжува и се преземаат сите неопходни истражни дејствија“, соопштија од Обвинителството.
Истрагата останува во тек, а правосудните органи ќе донесат конечна одлука во однос на натамошните мерки против осомничените за трагедијата во Кочани.
Меѓу притворените на кои им е изречен 48-часовен притвор се и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и поранешниот директор на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски.
Мерката краткотраен притвор се предлага во особено сложени предмети, кога е потребно да се прибере поголем обем на докази за проверка на сите околности и евентуално формално поведување истрага. Оваа мерка, предвидена согласно член 170 од Законот за кривичната постапка, може да се определи најмногу два пати по 48 часа без да биде донесена формална наредба за спроведување истражна постапка.
Тоа му овозможува на јавниот обвинител да го задржи лицето за кое постои сомнение подолго од основните 24-часа полициско задржување. Смислата на оваа законска одредба е да му овозможи на јавниот обвинител да има доволно време, особено во тешки и сложени предмети, да ги преземе сите активности и да ги утврди фактите и околностите, како и конкретните својства и дејствија на лицето кои ќе ги испитува понатаму во истражната постапка.
По формалното отворање на истрагата, јавниот обвинител предлага нови мерки за обезбедување на осомничениот, односно краткотрајниот притвор се укинува и најчесто се определува редовен притвор.