ОВА Е МАСОВНО УБИСТВО, ДОЗВОЛЕНО СО МИТО И СО КОРУПЦИЈА Мицкоски нема да има милост за администрациската мафија и за оние што се бранат играјќи на етнички карти
Да му одговорам на оној што прави полноќни пресконференции, тука нема политика, ќе одговарате сите кои сте се дрзнале да водите политика на грбот на овие деца што ги изгубија животите. И нема да имаме милост за никој, кој сака нека биде, од дома за уши ќе ги вадиме, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Во 2024 година се издадени само 12 лиценци за кабаре, а можете да претпоставите колку клубови работат низ државата, шокантна е состојбата по тоа прашање, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој ги посети повредените од пожарот во Кочани кои се лекуваат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
– Од овие 12, не знаеме на колку им е истечена дозволата, која е со рок со една година. Нè очекува многу работа. Очигледно е дека некој не си ја работел работата и сега се обидува под наводно некаква политизација да ги сокрие криминалните активности што ги правел додека бил на функција. Нема да има милост, кој сака нека биде, од која сака етничка припадност нека биде, од која сака политичка партија нека биде. Тоа што се случувало е повеќе од криминал. Ова е масовно убиство што некој дозволил да се случи, со мито и со корупција – рече Мицкоски.
Тој додаде дека клубот „Пулс“ во Кочани, каде викендов во пожар загинаа 59 млади луѓе, имал лиценци за работа само во 2021 и во 2023 година, а во останатите години работел без лиценци.
– Кој знае и во тие две години како се издадени лиценците и врз основа на кои елаборати и документи, оти видовме за 2024 година како се издадени и дека под тоа архивско бројче е заведена коресподенција со странски инвеститор. Да му одговорам на оној што прави полноќни прес-конференции, тука нема политика, ќе одговарате сите кои сте се дрзнале на овој начин да водите политика на грбот на граѓаните и на овие деца што ги изгубија животите. И нема да имаме милост. Ако мислат да играат на етничка карта и на политиканство, како што се обидоа вчера со полноќни прес-конференции, од дома за уши ќе ги вадиме, тоа треба да го знаат – рече премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека ќе ги затворат сите ноќни клубови што работат без дозвола.
– Се боревме со политичката мафија, ги победивме на избори. Се боревме со мазут мафијата, ги ставивме во притвор. Се боревме со коцкарската мафија, дел избегаа, дел се во притвор. Се боревме со енергетската мафија, дел избегаа, дел се во притвор. Се боревме со уличната мафија, сите се во притвор. Ќе ја победиме и оваа администрациска мафија – рече Мицкоски.
Не можеме да се справиме со толку мафијашки кланови, додаде тој, „еден по еден ќе ги требиме и ќе ги истребиме до последен“.
На новинарско прашање за оставки по катастрофалниот пожар, премиерот рече дека е подготвен самиот да ја прифати целата одговорност.
– Ја прифаќам целата одговорност, ако тоа е желбата на поединци, но не сега, не додека не ги поразиме сите кои на криминален начин го сторија ова. А после ќе одиме на избори и граѓаните ќе кажат кој треба да сноси одговорност – рече Мицкоски.
Тој уште еднаш се заблагодари на здравствените работници за пожртвуваноста, на соседните држави и на сите други кои излегоа во пресрет и прифатија дел од пациентите, како и на оние што испратија свои медицински тимови.
Најави дека попладне ќе биде отворена сметка за донации за сите хумани граѓани кои сакаат да помогнат по трагедијата во Кочани.