УСТАВНИТЕ СУДИИ СЕ ПРОГЛАСИЈА ЗА НЕДОПИРЛИВИ Уставот не предвидувал никаква можност да бидат разрешени

Уставните судии тврдат дека членот 72 од Уставот не се однесува на нив, но во тој член е наведено дека интерпелацијата може да се поднесе за секој носител на јавна функција: „Интерпелација може да се постави за работата на секој носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи“.

505

Македонскиот Устав не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија, ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт, соопшти денеска Уставниот суд.

Оваа реакција од Судот доаѓа по најавите на пратениците на ДУИ дека ќе поднесат интерпелација за работата на уставните судии, кои ги изрекоа на завчерашната седница за интерпелации на петте членови на Судскиот совет.






„Уставниот суд како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста не подлежи на начелото на поделба на власта. Уставотворецот го поставил Уставниот суд над трите власти затоа што тој е контролор на нивните постапки, акти и дејствија. Самостојноста и независноста на Уставниот суд и на уставните судии имаат најсилна уставна гаранција. Уставот не му дозволува на Собранието со законски решенија на кој било начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии“, соопшти Уставниот суд.

Институтот „интерпелација“ предвиден во членот 72 од Уставот, додава Судот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии.

„Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата т.н. уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд“, се вели во соопштението.

Основите за престанок на функцијата уставен судија, се додава, се предвидени во членот 111 од Уставот.

„Секоја постапка или дејствие преземено надвор од оваа уставна одредба би претставувало грубо кршење на Уставот, повреда на уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд. Уставниот суд укажува до сите државни органи дека се должни да се придржуваат на утврдените со Устав надлежности, бидејќи никој нема повеќе права од оние коишто Уставот му ги доделува. Секој е должен да ја унапредува уставната, правната и политичката култура како основи на едно демократско општество. Секој е должен да го почитува Уставот“, соопшти Уставниот суд.

Уставните судии тврдат дека членот 72 од Уставот не се однесува на нив, но во тој член е наведено дека интерпелацијата може да се поднесе за секој носител на јавна функција. Членот 72 гласи: „Интерпелација може да се постави за работата на секој носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи. Интерпелација можат да поднесат најмалку пет пратеници“.

Според членот 111, „на судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка. Судијата на Уставниот суд ќе биде разрешен од должноста ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, што го утврдува Уставниот суд“.

Мандатот на уставен судија трае 7 години, без право на реизбор.

Пратеникот од ДУИ, Илир Хасани, завчера најави дека е поднесат интерпелации за судиите на Уставен суд, како што рече, затоа што „допираат таму каде што не треба, во јазикот, духот и срцето на државата во правичната застапеност“.

Ова премиерот Христијан Мицкоски го прокоментира како страв од разоткривање на криминалите на ДУИ, на кои, како што рече, најмалку им е дојдено до јазикот и до уставните судии.

Можноста пратениците да покренуваат постапки за интерпелации и за уставните судии ја истакнаа петте членови на Судскиот совет кои ги избира Собранието. Во писмените одговори до пратениците на наводите што беа изнесени против нив во интерпелациите, тие реагираа дека ова е преседан и утре може да се случи да се покренат интерпелации и за судиите во Уставниот суд кои исто така се избирани од Собранието.

Поврзани содржини