АДМИНИСТРАТИВНА БОРБА ЗА ОПСТАНОК НА ЦЕНТАРОТ ЗА ДЕЦА ОД УЛИЦА ВО ШУТО ОРИЗАРИ Здружението ќе се бори да си ја врати лиценцата

Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари се соочува со можност за затворање, откако Министерството за социјална политика донесе одлука за одземање на неговата лиценца. Причината, според надлежните, е тоа што просторот во кој функционира не ги исполнува стандардите. Од здружението што го управува Центарот тврдат дека направиле обиди да ги усогласат условите, но не добиле конкретни насоки за потребните подобрувања. Додека се чека исходот од жалбената постапка, 24 деца кои секојдневно го посетуваат Центарот остануваат во неизвесност.

89

Дваесет и четири деца на возраст од 4 до 14 години кои секојдневно престојуваат во Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари, наскоро би можеле да останат без своето сигурно прибежиште.

Министерството за социјална политика, демографија и млади неодамна донесе одлука за одземање на лиценцата на Центарот, со образложение дека просторот каде што функционира не ги исполнува стандардите.






Од здружението што го управува Центарот сметаат дека одлуката е неправедна и дека е резултат на бирократски пропусти, со оглед на тоа што и покрај нивните обиди да ги усогласат условите, не добиле конкретно известување за евентуалните недостатоци.

Министерството, пак, тврди дека финансиската поддршка годинава е насочена кон друг давател на социјални услуги, кој, според нив, ги исполнува пропишаните критериуми.  Станува збор за здружението „Иницијатива за развој и инклузија на заедниците“.

„На јавниот конкурс имаат право да аплицираат здруженија и приватни даватели на социјални услуги согласно условите пропишани во истиот. На јавниот конкурс аплицираше и Здружението на граѓани Заштита на правата на детето за социјалната услуга – дневен престој за деца во ризик-деца на улица, но по спроведена постапка од страна на Комисијата за обезбедување средства за социјални услуги од општините и другите даватели е констатирано дека истите не ги исполнуваат условите пропишани во горенаведениот Јавен конкурс, за што Здружението е благовремено известено и информирано. Воедно, информираме дека од страна на Комисијата за лиценцирање на даватели на социјални услуги при Министерството за социјална политика, демографија и млади до Одделението за социјално вклучување, доставено е мислење за неисполнетост на условите за вршење на работа од социјалната заштита-за услугата центар за дневен престој за деца во ризик и воедно дава мислење за одземање на дозволата за вршење на работа во социјалната заштита за обезбедување на именуваната услуга, врз основа на што е изготвено соодветно Решение и истото е доставено до Здружението согласно позитивните законски прописи“, велат од ресорното министерство за Плусинфо.

Од Дневниот центар, пак, сметаат дека Министерството било целосно некоректно, односно дека постојат повеќе недоследности и контрадикторности во целата постапка за одземање на нивната лиценца за работа, па ќе се жалат до Второстепена комисија.

Оливер Бачановиќ, претседател на Здружението за заштита на правата на детето, под чија капа спаѓа Центарот, во разговор за Плусинфо вели дека воопшто не е едноставно на тие 24 деца сега да им кажете дека повеќе нема да имаат каде да одат.

– Откако Дневниот центар изгоре со градинката „Снежана“ во 2017 година, бевме преселени во дел во амбулантата во Шуто Оризари, а потоа во куќа спроти оваа здравствена установа, за на крај, во септември 2024 година, да најдеме нови простории. Се преселивме по укажување дека претходните простории не биле соодветни. Додека реновиравме во новата локација на Иљо Војвода, на 1 октомври 2024 дојдоа од Комисијата на министерството. Видоа, разгледаа, но не ни пратија никаков записник, дали чини, или не чини. Во подоцнежното Образложение од Министерството за одземање на дозволата за вршење на работа во социјалната заштита, не стои кои се причините за тоа зошто ‘не е соодветен просторот’, туку министерот донел Решение врз основа на Комисијата која изврши увид во нашите простории, а од која ние не добивме записник за она што е констатирано, иако повеќе пати се обраќавме кај надлежните и ги ажуриравме со фотографии со измените што ги правевме во просторот за да се прилагодиме на барањата согласно стандардите на Правилникот за работа. Оттаму немаше никаква реакција. Иако, морам да додадам дека, дури и ако просторот не ги исполнува сите критериуми, треба да се има сенс за целокупната ситуација во општеството и за потребите на децата, наместо да се затвара еден толку потребен и докажан дневен центар. Пошироката слика е дека имаме потреба од повеќе дневни центри и дека наместо да ги намалува, министерството треба да наоѓа начин да ги зголемува ваквите капацитети. А нашиот центар не е само просторот, туку и целото акумулирано знаење и искуство што би згаснало со нашиот тим – вели Бачановиќ.

За да биде конфузијата поголема, тој додава дека тие, во меѓувреме, имајќи лиценца за работа, биле легитимни да се пријават на конкурсот за доделување финансии за социјални услуги и да добијат управен договор.

На овој конкурс пак, распишан на 24 декември, останале без поддршка, наводно, заради задоцнето даночно уверение од УЈП.

Иако документот за даноци бил побаран во законскиот рок (на 25 декември 2024), како што вели Бачановиќ, тој им бил издаден на 3 јануари 2025 година, неколку денови подоцна, по крајниот рок на конкурсот (30 декември), поради што министерството не ја прифатило апликацијата.

– Се пријавивме како што се пријавуваме секоја година. Не ни е прв пат. Со сета потребна документација и притоа укажавме дека сме поднеле барање до УЈП во законскиот рок. Бараниот документ го доставивме на истиот ден кога ни беше издаден од УЈП, но сепак, воопшто не беше разгледана апликацијата – посочува Бачановиќ.

Во февруари дознале дека нивната апликација е отфрлена, а дури сега, на 7 март, дошол официјален допис дека им се одзема лиценцата за работа, бидејќи не бил соодветен просторот кадешто функционира Центарот.

Така кругот се затвора, па Бачановиќ вели дека поентата е во тоа дека некој што е проверен во работата, поради бирократски причини и пост-фестум потези во документацијата, се доведува во ситуација да ја затвори вратата.

Тој се надева дека ќе добијат позитивен одговор по жалбената постапка со оглед на големиот број правни пропусти и недоречености.

Координаторката на Дневниот центар, Ирена Велкоска, објаснува дека киријата за просторот, храната и за хигиенските средства за децата досега успеале да ги обезбедат благодарение на донации од компанијата ТестДевЛаб, Ротари клуб Скопје Север и индивидуални донации од хумани граѓани.

Таа посочи дека изминативе години им помогнале на повеќе од 600 деца и многу од нив ги извеле на вистинскиот пат.

Поврзани содржини