ВЛАДАТА НЕМА ДА СУБВЕНЦИОНИРА ПЛАТИ, ЌЕ ГРАДИ ГРАДИНКИ, ПАТИШТА… Работодавачите треба да ги платат придонесите за минималец од 500 евра

Премиерот Христијан Мицкоски појасни дека во буџетот не е предвидено субвенционирање на плати.

229

На следната владина седница во вторник ќе бидат предложени тројцата членови за Комисијата за утврдување на репрезентативноста на синдикатите, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Коментирајќи го барањето на Сојузот на синдикати на Македонија за зголемување на минималната плата, Мицкоски рече дека прво треба да се избере репрезентативен синдикален претставник, а потоа да се разговара за зголемување на минималната плата.






– Жалам што Сојузот на синдикати на Македонија полека, но сигурно, се претвора во партиска бина или гласноговорник на коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ и практично тоа што овие го говорат во Парламентот, тие го говорат на прес-конференции. Тие одбрале таков начин да функционираат. Жалам што во минатото изостана овој предлог. Тие мислат дека сега ќе го исцрпат Буџетот и дека ние ќе дадеме 100-200 милиони денари за нив нема за улици, градинки, училишта, канализации… – рече Мицкоски.

Тој додаде дека како Влада ќе го прифатат барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 30.000 денари доколку синдикатите и работодавачите се договорат за оваа сума, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.

– Дополнителните придонеси што би ги плаќала Владата, не се предвидени во Буџетот – рече Мицкоски.

ССМ во понеделникот на прес-конференција соопшти дека бара дополнително зголемување на нето платата од 6 000 денари, а работодавачите една година да бидат ослободени од социјалните придонеси, односно придонесите да ги субвенционира државата.

Ваквиот предлог, според изјавите на дел од претставниците на работодавачите, не е прифатлив, а одлуката треба да биде донесена на Економско-социјалниот совет кој засега нема закажано седница.

Поврзани содржини