Два светогледи
Некогашната здружена бандитско-коруптивна коалиција (иако партнерите, барем за сега, успешно избегнуваат јавно да се ословуваат и поддржуваат) и понатаму е цврста и со стратешки видоизменето делување преку обиди сите сопствени погрешни политики кукавички да ги подметнуваат во другиот табор.
Македонија во континуитет од неколку години, а особено последниве месеци по изборите и тоталната политичка хаварија на бившата коалиција, се соочува со крајно контрадикторни процеси во внатрешната и меѓународната политика – што ќе рече ние со/кон себеси и другите со/кон нас – коишто (планирано, смислено?) тендираат да ги опструираат приоритетните цели: ослободување на општеството од криминално-коруптивните пранги на бившата власт, започнување на неопходните реформски зафати и суштински поинакво канализирање на македонските евроинтегративни текови. И во таа спротивна насока делуваат различни сили, некои со (веќе) препознатливи акции, вокабулар и крајна намери, други низ силата на инстинктите во обидите за (незаслужено) одржување во врвовите на лукративната политика како нивен единствен животен модус.
Некогашната здружена бандитско-коруптивна коалиција (иако партнерите, барем за сега, успешно избегнуваат јавно да се ословуваат и поддржуваат) и понатаму е цврста и со стратешки видоизменето делување преку обиди сите сопствени погрешни политики кукавички да ги подметнуваат во другиот табор. Притоа, преку препознатливо арогантното апострофирање на некакви „судбински теми и проблеми“ од типот на, од една страна, т.н. Закон за јазиците, Охридскиот договор, отворените закани за дестабилизација и слично и, од друга страна, со „спасоносни“ но страотно проѕирни и презадоцнети повици за некаква заедничка, натпартиска стратегија за долгорочен развој, континуирано ја дефокусираат јавноста од катастрофалните откритија за нивното практикување на власта што полека излегуваат на површината. И очекуваните од јавноста консеквенции што (ќе) мораат да им се случат.
Таквата „стратегија на кукавицата“, и понатаму здушно рекламирана од нивните интелектуални приколки, за среќа, не поминува во јавноста. Како што не помина ни кај „стратешкиот“ партнер кој, со ставањето на двајца вицепремиери (Анѓушев и Груби) од таа бандитска спрега на „црната листа“, отворено ја делегитимираше таа коалиција.
Она пак што дополнително загрижува е целосното отсуство на срам, морал и политичка с(о)вест за државата во урнатини што ја оставија зад себе – едно тотално корумпирано, криминализирано, политизирано и партизирано општество спрострено врз опскурни лично-групни профитерски заговори и страотно недемократски меѓупартиски договори. А тие сега доаѓаат на наплата, особено во меѓуетничките односи врз коишто еден коалициски партнер градеше кули ни на небо ни на земја а другиот наплатуваше политички, материјално и во изборни гласови.
И сето тоа, за жал, повторно нè враќа на некои стари позиции, во самиот центар на толку дивергентни светови и светогледи што цивилизираните односи ни изгледаат како научна фантастика. Зашто, двата последни драстично спротивставени примери – отворената закана на претседателот на дуи (малите букви се … знаете веќе што) и говорот на претседателката на државата во Собранието – реално го отсликуваат дијаметрално различниот светоглед со којшто се соочува државата. Или, поточно, вокабуларот прецизно дијагностицира супституција на проевропските со моноетнички очекувања наспроти имплементацијата на цивилизирани демократски стандарди, ги открива лажните прогресивни приказни наспроти заложбите за слободата, правото и правдата како единствена можна „идеологија“, ја нуди агресијата и говорот на отворените закани наместо речникот на националното, европското и меѓународното право како единствено прифатливо политичко оружје итн.
За жал, ние и денес, во третата деценија на дваесет и првиот век – една ронка во немерливото море на Времето – се соочуваме со диригирани проетнички лекции наспроти можен дијалог на аргументи, слушаме за „аги“ и „слуги“, за робовладетелски односи коишто некои струи сакат да ги наметнат на целото општество, за урагани и торнада што можат да збришат не само народи/нации туку ги поништуваат и елементите на основниот кодекс на денешните прогресивни демократии. Меѓу нив и почитувањето на другиот! И тоа се условува со само еден збор – закон. Ако го нема него, и тоа онака, по волјата на една врхушка, или ако во него некој смени макар и запирка, животот во државава ќе застане, повторно ќе се активираат силите на Злото, ќе се пука и ќе се убива небаре се води војна за завладување на светот … Но, на кој и каков свет? И за која и каква „кауза“?
Немам илузии дека Македонија секако е далеку од нормална не пак од идеална држава, што повторно е болно наследство од неспособноста, неукоста и алчноста на одделни политички „елити“. Но сепак, барем во некои сфери, има препознатлива интринсична доза на современост и проевропска ориентација. Особено во почитувањето на етничките права, дури и над (не само) европските стандарди. Но (ни) тоа не може да опстојува ако е еднострано и постојано под сила на заканите, ако неопходната доминација на политичкиот дијалог темелен врз аргументи во континуитет се заменува со ситни политикантско-демагошки викотници.
Или, ако претседателката на државата говори за градењето стандардна европска држава со демократски политички систем, ако ги потенцира слободата, правото и правдата како нејзина идеологија, смета дека одбраната на државниот и националниот интерес е соодветен политички мотив а добрата волја заснована на аргументи е исполнителен политички инструмент во внатрешната политика, тогаш за што се залагаат другите гласови? На пример оној кој нуди само урагани и торнада? Или оној кој во нејзиниот говор бара некаква – и каква тоа друга? – визија а не умее ни да објасни што е тоа бидејќи никогаш и не ја запознал во неговата „секта“?
Оттука, повторно и по којзнае кој пат, државата како да се наоѓа на крстопат помеѓу два светогледи во обете насоки: внатрешната стабилност и меѓународната курентност. Тие секако се во нераздвојна интеракција односно едната (барем делумно) ја условува другата, но тоа ли е причината за обидите за дестабилизација на земјата? Зашто, ако позицијата на државата полека но сигурно се менува во меѓународни рамки, ако Македонија покажува дека сепак не е само безимена територија и народ без историја, јазик и култура, дека силата на аргументите може да се спротивстави на силата на големината …, им одговара ли навистина тоа на сите? На оние кои се китеа со некакви проевропски и прогресивни ордени а всушност се покажаа само како ситни криминалци и локални трговци? И тоа ли е, покрај губењето на неограничената власт, главната причина за овој силно најавуван dance macabre?
Некој ќе рече дека двата светогледи мора да се спојат во еден, но што ако се неспоиви? А впрочем, нели беа споени – или барем така нè убедуваа! – во изминатине седум години, па резултираа во – што? Оттука, современите демократии во вакви мали држави не можат да подразбираат такви нефункционални „пачворк системи“ на неспоиви светогледи. Затоа впрочем и инсистирањето на градењето стандардна европска држава со демократски политички систем, со темелни вредности како слободата, правото и правдата и одбраната на државниот и националниот интерес. Зашто, „алтернативата“ ја видовме, нели?