ДОЖИВЕАВМЕ ЗАЕВ ПАК ДА НЀ ИЗВИСИ – ЗОШТО МАКЕДОНИЈА НЕМА УДЕЛ ВО АЛЕКСАНДРОПОЛИС? Од голем „инвеститор“ во Грција, останавме со прстот во уста

Беше најавено дека земјава ќе инвестира 25% од вредноста на гасната централа во Александрополис, односно ќе учествува со 100 милиони евра во инвестицијата, како и учество од 10% во вкупната инвестициска вредност. Но, зошто од тоа нема ништо?

2,264

Македонија не успеа да го изгради гасниот интерконектор со Грција, ниту да изгради гасна централа пред да почне да работи гасниот терминал во грчки Александрополис, но не закупи ни термини за пренос на гасот преку гасоводот Грција-Бугарија иако плати 3 милиони евра закуп на регасификација во терминалот со надеж дека ќе купува гас. Сега е сè поизвесно дека тие пари ќе пропаднат, како што е веќе јасно дека нема да имаме удел во терминалот и во гасната централа во Грција најавени како проекти кои се важни за енергетско осамостојување на земјава во кои требаше да се инвестираат повеќе од 150 милиони евра.

Вака некако изгледа приказната за македонското учество во инвестицијата во терминалот и во гасната централа во грчкиот град Александрополис најавен како пандан на рускиот гас за регионот.






Што кажа, а што излажа претходната влада за инвестицијата во Александрополис?

Првичните информации од Владата предводена од Зоран Заев беа дека Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен природен гас, а беа и потпишани меморандуми за соработка на ЕСМ и Национални енергетски ресурси со компании од Грција.

„Нашата намера е да вложиме одреден процент во гасниот терминал Александрополис кој што е вреден околу 400 милиони евра, и во кој има грант од ЕУ од 170 милиони евра и во кој ние ќе партиципираме со 10 проценти, а Грција и Бугарија партиципираат со по 25 проценти, а останатиот дел е приватен капитал“, напиша Заев на неговиот профил на Фејсбук.

– Ја најавувам првата директна инвестиција, а тоа е нашето учество во гасоводот Александрополис. Доживеавме нашата земја да инвестира во Грција, во гасниот терминал во Александрополис, инвестиција меѓу 6 ипол и 7 ипол милиони евра и ќе имаме 10 проценти учество, Грција има веќе 20 проценти учество, Бугарија има 20 проценти учество, една американска и една грчка компанија се останатите партнери и да учествуваме со 25 проценти во Гасната централа на природен гас во Александрополис – рече Заев на седница за пратенички прашања во Собранието во декември 2020 година.

Изградбата на интерконекторот со Грција, како што рече тој, е проект вреден 54 милиони евра, од коишто, од инвестициската рамка за Западен Балкан, имаме 14 милиони евра грант.

– Завршена е целата документација, почетокот на 2021 година очекуваме почеток на изградбата на овој интерконектор, којшто ја дава за прв пат можноста да влезе втор, трет, четврти, петти извор на гас – рече Заев во 2020 година.

Најавено беше дека земјава ќе инвестира 25% од вредноста на гасната централа во Александрополис од 800 мегавати, која треба да чини околу 400 милиони евра, односно да учествува со 100 милиони евра во инвестицијата. Тогаш беше најавено дека се очекува и учество со 10 отсто во вкупната инвестициска вредност од 370 милиони евра за гасниот терминал.

Две години подоцна, на крајот на 2023 година поранешниот премиер Димитар Ковачевски изјави дека нашата земја има закупено капацитет во гасниот терминал во Александрополис и дека земјава не е сопственик на дел од терминалот.

– Изразивме подготвеност да бидеме дел од гасниот терминал преку кој ќе биде транспортиран ЛНГ гас од САД и од други земји кои се наши партнери. За таа цел со одлука на Владата веќе имаме закупено количини на гас за потребите на Северна Македонија. Гасниот терминал има свои сопственици и доколку некој од нив има намера да продаде дел од своите удели кои ги поседуваат нашата држава е подготвена да купи дел од гасниот терминал и да стане дел од сопственичката структура – изјави тогаш Ковачевски.

Тој рече и дека дотогаш сопствениците на терминалот не донеле таква одлука.

Гасот може да влезе само преку Ќустендил-Жидилово, ама тој коридор не е закупен за оваа година

Сегашниот статус на проектот за енергетско осамостојување на земјава е дека „Номагас“ сè уште нема стекнато 10% учество во сопственоста во ЛНГ терминалот во Александрополис, а ЕСМ нема сопственост од 25% во тамошната гасна централа како што беше најавено во 2021 година, кога проектот беше претставен пред македонската јавност.

Новото раководство на ЕСМ и министерката за енергетика Сања Божиновска на 1 октомври на пуштањето на гасниот терминал во Грција, алармираа дека земјава нема корист од тоа што терминалот веќе работи бидејќи гасот не може да стигне во земјава поради ненавремено реагирање на поранешните раководства во ЕСМ и „Номагас“.

„Согласно достапната документација, АД ЕСМ во проектот Александрополис има закупено само капацитет од 1,8 T Wh годишно, односно 4,95 GWh/ден, за период од 15 години. Имено, поранешното раководство на ЕСМ преку ЕСМ Продажба закупило само половичен преносен капацитет за гасната година 2023-2024, но без можност за влез на гасот во Македонија, затоа што интерконективната точка Ќустендил-Жидилово, не била закупена за оваа година. Единствената интерконективна точка од која може да се донесе природен гас во земјава Ќустендил-Жидилово, Бугарија, е со ограничен расположлив капацитет од околу 5,1 гигават час дневно, и притоа е изложен на огромна конкуренција. Од друга страна, интерконекторот Грција-Македонија сè уште не е изграден, како ни дистрибутивната мрежа во границите на Македонија. Токму затоа, домашната компанија ќе забележи загуби од околу 3 милиони евра“, откри новото раководство на ЕСМ пред неколку дена.

Министерката за енергетика Сања Божиновска оцени дека земјава засега нема никаква корист од пуштањето на терминалот за гас во Грција.

– Она што во моментов нè загрижува, врзано за диверзификација на снабдувањето со гас, е што терминалот за течен природен гас во грчки Александрополис почнува да функционира, а ние од тоа засега веројатно нема да имаме никаква корист. Иако беше најавено дека Македонија е сопственик на 10% од терминалот и на една четвртина од гасната централа, она што како документација може да се најде е само дека сме платиле 3 милиони евра за капацитет. Односно, нема никакви документи за некаква сопственост и вклученост за земјава во целиот проект. За сè што сакаме понатаму да направиме, треба да дискутираме, меѓутоа ситуацијата сегашна е таква – изјави Божиновска.

Каде се документите за сопствеништвото во Терминалот Александрополис? 

Министерката дала налог ЕСМ да ја пронајде целата документација врзана за најавената инвестиција за да се види што всушност се случило и за да се планираат следните чекори.

– Исто така ќе ја испитаме можноста закупниот капацитет што е платен да му го препродадеме на некој друг, да не биде дека залудно сме потрошиле толку пари – изјави Божиновска за „Блумберг Адрија“.

За излез од состојбата зборува и поранешниот директор на „Номагас“ и експертите. Според нив, решението е ако ЕСМ и „Номагас“ го довршат процесот на преземање на сопственоста во терминалот во Александрополис за што има оставено пари во буџетот на претпријатието и да ги продадат капацитетите за регасификација за годинава за што има интерес на берзите од повеќе земји.

– Процесот за сопственоста од 10% на „Номагас“ во Терминалот не беше завршен бидејќи има 5 акционери сопственици на терминалот Александрополис, меѓу кои и „Бугартрансгас“. Овие акционери требаше да ни продадат по 2% од акциите но поради изборите во Бугарија процесот не беше завршен. Како поранешен раководител на „Номагас“ оставив повеќе од 10 милиони евра наменски средства во Буџетот на претпријатието за да се заврши процесот на добивање на сопственоста, во моментот кога тоа ќе биде можно. Во однос на изградбата на интерконекторот процесот е запрен до избор на изведувач на работите и тоа може да се заврши и процесот да продолжи – вели Бајрам Реџепи, поранешен директор на „Номагас“.

Ќе си ги поврати ли ЕСМ трите милиони евра?

Според познавач на состојбата, ЕСМ која има закупено капацитет за регасификација во терминалот нема да ги изгуби парите, ако го продаде капацитетот на заинтересирани земји, бидејќи закупот на капацитет за регасификација на течниот гас е предвиден со потпишаниот договор кој е повеќегодишен.

– Колку што сум запознаен ЕСМ во првите години, според договорот, закупува мали капацитети, односно според тоа како ќе ги процени потребите. Сега кога нема да купува гас, капацитетот за претворање на течниот гас во гас може да го продаде на заинтересирани земји. За тоа неколку години се интересираат Унгарија, Романија и други земји. Значи, на берза може да го стори тоа за да не трпи загуби – вели тој.

И професорот Ристо Цицонков смета дека институциите треба да најдат решение на состојбата, а во меѓувреме и да разјаснат до каде се нашите инвестиции во Грција и на изградбата на гасното поврзување со јужниот сосед и што ќе се прави со оваа инвестиција понатаму.

– Се гледа дека нешто не е во ред околу овој проект кој претходната власт го најави како значаен за нашето енергетско осамостојување. Што се случи со интерконекторот? До каде е изградбата на гасоводот? Ништо не се знае. Но, каква и да е состојбата, институциите треба да најдат решение и да го раздвижат проектот, бидејќи е значаен за земјава иако овој гас за нас ќе биде далеку поскап од оној кој доаѓа од наоѓалиштата во Азербејџан и другите земји извознички на гас – вели Цицонков.

Професорот Константин Димитров исто така смета дека изградбата на гасоводот е значајна за земјава, а лошото управување со парите на претходната власт довело до безизлезна состојба на овој проект.

– Ние од тој течен гас сме платиле дека можеме да го купиме, но не сме го купиле. Не сме платиле ниту право за транспорт на некакви количини гас. Тоа значи дека сме фрлиле пари за да се пофалиме пред народот дека сме направиле нешто иако не сме го направиле. ЕСМ сега, колку што знам, има обезбедено гас до крајот на јануари, а што ќе прави потоа? Ќе распише нов тендер и ќе набави уште за да ја реализира обврската – објаснува Димитров.

Тој смета дека земјава ќе има корист од изградбата на најавеното гасно поврзување со Грција и гасоводот само ако домашната економија користи поголеми количини гас.

– Добро е да имаме уште едно гасно поврзување на земјава кое ќе продолжи и кон Србија и кон другите земји, но треба да сметаме дека тој гас треба и да го трошиме, бидејќи сегашното поврзување со Бугарија овозможува пренос на 800 милиони нормални кубни метри гас, а ние користиме само 400 милиони нормални кубни метри гас. Ако не изградиме барем една когенеративна гасна централа во земјава да троши од тој гас, нема да имаме никаков ефект од оваа инвестиција освен приходот кој би го добивале од таксата за пренос на гасот низ земјата – вели тој.

 

Мицкоски планира да го заврши гасоводот колку што може побрзо

Прашањето за гасниот коридор 10 кој е дел од ФСРУ во Александрополис и е од витално значење за зајакнување на енергетската безбедност во Централна и во Југоисточна Европа и намалување на нивната зависност од рускиот природен гас, обезбедувајќи алтернативен извор на снабдување преку Грција до Унгарија беше тема и на разговорите на македонскиот и српскиот премиер на нивната средба во Скопје.

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека изградбата на интерконекторот и гасоводот кој ќе ја поврзе земјава со Грција и со Србија ќе биде поволна и за Европската Унија. Тој очекува до крајот на годинава да заврши тендерот за изградба на интерконекторот, а проектот да биде готов до 2027 година.

– Финансирање имаме обезбедено, ЕБОР и ЕИБ практично ќе бидат финансиерите на овој проект, очекувам договор и веќе на пролет да почне да се гради, но тоа не би значело ништо доколку не биде во фаза на развој и изградба и интерконекторот со Србија – рече Мицкоски.

Тој рече дека капацитетот на интерконекторот со Грција е 12 милијарди нормални кубни метри природен гас, а ние во земјава трошиме само 500 милиони нормални кубни метри.

– Целта е да се инвестира и потоа како транзитна држава да обезбедиме дополнителна опција за Централна Европа од нови 12 милијарди нормални кубни метри природен гас за покрај од Јужниот поток да има од каде да се добијат уште некои количини гас – рече Мицкоски.

Поврзани содржини