КОГА ЧОВЕК ОД ЗБОР ЌЕ ВЛЕЗЕ ВО КУЈНА Љубител е на чорби и пржени лепчиња, ги кара и месојадите и вегетаријанците и има најдобар рецепт за пијана риба
Тихомир Јанчовски е современ македонски книжевник, вешт на зборови, но и со кујнските алатки. Сепак, вели, готвењето е социјална работа, па и најголемите домаќинки ги баталуваат тенџерињата кога ќе останат сами
Нашиот соговорник Тихомир Јанчовски кој неодамна одбележа 25 години од своето творење, овојпат, што би рекол тој – за „нешто сосема поразлично“ – за готвењето.
Вели дека готви од свои 16 години, а најдобар во оваа вештина бил кога имал околу 20-21.
„Учев да готвам сѐ и сешто од мајка ми, па знам да правам и манџи и мусака на многу начини, Имам бајалди (посно), сосови за шпагети (знам едно 10, бидејќи имам работено во италијански ресторан), а правам и одличен пијан лосос“, вели Тихо и додава дека всушност, рецептот за последново е ист за која било риба, но нему најмногу му се допаѓа кога е со лосос со оглед на тоа што, според него, „крапот е најтапа риба што постои“.
Вели дека имал интерес за готвење уште од мал, а како и повеќето од нас, најпрвин научил да подготвува јајца на сто начини.
Сепак, најмногу се сеќава на јајцата на масло кои му ги правела баба му кога сакала да го орасположи.
„Сега веќе нема такво кравјо масло како порано, па си правам јајца на путер. Омилени ми се пржените лепчиња со јајца и да смеам, а не смеам баш многу затоа што сега имам шеќер и притисок, мислам дека и цел леб малку ќе биде.
Баш сабајлево, после 3 години воздржување, си испржив скромно, само две кришки леб со едно јајце, малку вода и сол и ги изедов во сласт.
Најчесто ги јадам со сирење и со чај од липа, а убаво одат и со јогурт“, раскажува нашиот познат поет кој освен што е докажано вешт на зборови, е вешт и со кујнските алатки (за нас ново и недокажано, но му веруваме на збор).
Целиот текст прочитајте го на „Арт кујна“.