СПЕРМАГЕДОНОТ Е САМО МИТ? Научниците имаат добри вести за мажите
Поговорката дека квалитетот е битен, а не квантитетот, важи и во светот на сперматозоидите, а можеби сите студии во последните години не кажуваат многу за здравјето на мажите и нивната сперма. Она што кажува е нивниот животен стил, а тој, се вели во студијата, треба да се испитува за секоја индивидуа одделно.
Не може со јасност да се каже дали бројот на сперматозоиди кај мажите ширум светот опаѓа, сугерира нова студија од истражувачи од Велика Британија, Канада и Данска. И ова е добра вест! Тоа значи дека повеќето студии кои во последните 30 години покажуваат дека спермата се намалува во индустриските земји поради загадувањето и изложеноста на пластики и хемикалии едноставно не мора да бидат точни и да се толкуваат на тој начин.
Новата студија разгледала податоци од 6.758 мажи на возраст од 18-45 години од четири града во Данска, кои аплицирале да станат донатори на сперма во најголемата банка за сперма во светот, Cryos International. Податоците го опфаќаа периодот помеѓу 2017 и 2022 година, а сите примероци биле оценети на ист начин.
– Обично се верува дека бројот на сперматозоиди кај мажите опаѓа. Не видовме таква промена и тоа сугерира дека во оваа популација на апликанти за донатори на сперма, во овие четири дански градови, концентрациите на сперма не се променија помеѓу 2017 и 2022 година – рече коавторот, професорот Алан Пејси од Универзитетот во Манчестер, во изјавата испратена по е-пошта до ИФЛ Наука.
Всушност, копајќи уште подлабоко по наодите, тимот успеал да најде намалување на вкупниот број сперматозоиди кај овие мажи само од околу 0,1 до 5 проценти годишно и тоа меѓу 2019 и 2022 година. Ова намалување не се смета за статистички значајно.
Сепак, научниците забележале дека за истиот период подвижноста на спермата кај испитаниците се намалила за 16 до 22 проценти – што е значително. Една од тезите е дека ова се совпаѓа со периодот на светската пандемија со ковид-19 кога новиот вирус имаше влијание на здравјето на луѓето.
Но, не само на здравјето, туку и на нивната подвижност и животен стил.
Тимот не е сигурен дали една ваква студија со мал број испитаници може да предвиди дека ова се случува со сите мажи во Данска.
Напротив, научниците велат дека потребно е да се собираат податоци за животниот стил и навиките на секој маж одделно за да се откријат подетално причините.
Интересно е што ова значи дека е можно да се развие персонализирана програма за подобрување на квалитетот на спермата за секој од испитаниците. Toa сугерира и дека причините кај секој маж се разликуваат.
Накратко, оваа студија би сугерирала дека важи старата поговорка дека битен е „квалитетот, а не квантитетот“.
Студијата е објавена во списанието Human Reproduction.