МИСТЕРИЈА ВО ЛОНДОН Три пронајдени напуштени бебиња имаат исти родители
ДНК-тестовите презентирани во Семејниот суд во источен Лондон потврдија дека бебето Елса е сестра на две други бебиња, момче и девојче, пронајдени во многу слични околности во 2017 и 2019 година.
Напуштено новороденче што беше пронајдено претходно оваа година во Њухам, источен Лондон, е третото дете напуштено од истите родители. ДНК-тестовите презентирани во Семејниот суд во источен Лондон потврдија дека бебето Елса е сестра на две други бебиња, момче и девојче, пронајдени во многу слични околности во 2017 и 2019 година.
И покрај апелите на градската полиција, нивните родители не се откриени. Би-Би-Си доби специјална дозвола од судот да објави информации за роднинската поврзаност на пронајдените бебиња и дека се црнци. Судијката Керол Аткинсон рече дека приказната е од голем јавен интерес бидејќи бебињата ретко се напуштаат во модерна Британија.
Објавувањето на информациите не беше поддржано од локалните власти или Англиската служба за советување и поддршка за деца и семејство, која ги советува судовите за најдобриот интерес на децата. Од полицијата исто така соопштија дека не сакаат „ненамерно да ги промовира или поттикнува мајките да оставаат несакани бебиња на јавни места“.
Бебто Елса го пронашол маж кој го шетал своето куче во јануари годинава. Елса била најдена во најстудената ноќ во годината, завиткана само во крпа во чантата. Во истиот дел на Лондон се пронајдени уште две бебиња, момчето Хари и девојчето Роман.
Во документите стои дека Елса имала папочна врвца, а лекарите проценуваат дека е родена само еден час пред да биде пронајдена. Таа била премрзната и плачела. Судот објави дека Елса, Хари и Роман ќе знаат дека се во роднинска врска и дека веќе има планови да имаат некаков вид на контакт додека растат.
Во Англија и Велс, случаите на напуштање на новородени бебиња се многу ретки. Заводот за национална статистика последен пат објави податоци во 2015 година, а според нив, во претходните 3 години не е регистрирано ниедно напуштање на бебиња.
Медиумите објавијадека е најдено напуштено бебе во Хакни, источен Лондон, во 2020 година и друго во Бирмингем во 2021 година. Нивните мајки на крајот биле пронајдени неколку месеци подоцна.