КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА КОМАНДИРОТ НА ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА ВО КРУШЕВО Обвинет за лажна пријава за оддавање на службена тајна
Од Синдикатот на полицијата на Македонија бараат одговорност и од началникот на ОВР Крушево кој како што посочуваат несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности и му дозволил на пријавениот лажно да пријави кривично дело со кое му нанел штета на Синдикат.
Синдикат на полиција во Македонија до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против лицето Н. Б. кој во моментот на извршување на делото бил работно ангажиран како Командир на ПС ОН Крушево, заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело “лажно пријавување на кривично дело” по член 366 од Кривичниот законик, информираа од Синдикатот.
„Постои основано сомнение дека пријавениот Н.Б во својство на службено лице –Командир на ПС ОН Крушево на ден 20.03.2024 година пријавил едно кривично дело „Оддавање на службена тајна”, иако знаел или требало да знае дека на ниту еден начин не е сторено пријавеното дело, ниту пак има елементи и битија потребни за да биде сторено, а сето тоа го сторил со цел да предизвика штета на Синдикат на Полиција во Македонија“ – информираат од Синдикатот на полицијата.
Од Синдикатот бараат одговорност и од началникот на ОВР Крушево кој како што посочуваат „очигледно со пропуштање на должен надзор или на друг начин, несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности и му дозволил на пријавениот лажно да пријави кривично дело со кое му нанел штета на правното лице Синдикат на Полиција во Македонија“.
Можеби ќе ве интересира
„Се прашуваме како воопшто е возможно Командир на полициска станица да нема елементарни основни познавања во полициското работење и очигледно и тука станува збор за ставање на неподобен и неписмен партиски кадар, а сето тоа на штета на угледот на Министерството за внатрешни работи.
Ја повикуваме внатрешната контрола во МВР, по допрен глас да го истражи наведеното и против овој неподобен раководител командир да преземе мерки за негово разрешување од позицијата командир на ПС ОН Крушево“ – стои во известувањето од Синдикатот на полицијата.