Законот не обврзува никого да ја гласа техничката влада

Не треба и не може да биде спорно дека опозицијата нема никаква обврска да ја гласа владата, бидејќи е таа наметната со закон, а уште помалку да го гласа премиерот, во чии избор нема никаква улога. Друго ќе беше доколку опозицијата имаше улога во нивното одредување.

1,174

Македонија, и се’ е можно. Засега, само во негативна насока, што се потврдува – речиси секојдневно. До утре  ќе имаме премиер којшто не е дораснат на функцијата. Негова најнова бесмислица е изјавата дека ВМРО ДПМНЕ мора да гласа за техничката влада, ако сака во неа да има свои претставници.

Зарем не му е познато на човекот дека се работи за техничка влада, којашто е ЗАКОНСКА ОБВРСКА, а не за политичка влада, по избори? Никој не се прашува дали сака во неа, или не, и под кои услови, туку е обврзан да учествува. Нема и не е потребен никаков договор околу нејзиното формирање – се’ е според закон. Не e во прашање никаква коалиција и нема заедничка програма за нејзиното работење, ниту е потребна било каква согласност за таа цел. Програмата ја поднесува премиерот, којшто го одредува мнозинството и опозицијата нема улога во тоа. Единствена задача на владата е да ги спроведе изборите.






Сосема е друго кога се бира политичка влада, по избори. Тогаш, навистина нема логика некој да партиципира во истата, а да не ја гласа. Нормално е дека нема ниту таква меѓународна пракса, на што се повикува сегашниот премиер, без врска со нашиов случај. Такво нешто би било и невозможно бидејќи, според праксата, по изборите се прават коалиции, се договараат заеднички програми, се прават комбинации за министерските места, има пракса кој ќе биде премиер… Се’, за да се дојде до мнозинство, за нејзино изгласување.  Сето тоа обврзува.

Ништо од сето тоа не е случај сега кај нас, кога се прави техничка влада, по закон. Мора да се следи законот, и ништо друго. Ако во него стои дека сите учесници во владата, мора да ја гласаат, опозицијата не би имала избор и би морала да ја гласа. Арно ама, такво нешто нема, ниту може да има. Затоа, опозицијата постапува по свој избор – дали ќе гласа, или не, а нејзините членови во владата се гарантирани со законот, и никој не може да ги оспори.

Објаснувањето на сегашниот премиер, којшто ја уназади државава по сите критериуми, дека опозицијата мора да гласа за техничката влада и дека, ако не го стори тоа, местата коишто ПО ЗАКОН им припаѓаат во неа – ќе останеле празни, е надвор од умот. Неговото мислење дека немало таков случај во светот – да бидеш дел од влада а да не гласаш за неа, не е само неодржливо, туку и смешно. Работите очигледно не му се јасни. Тоа важи за политички влади, по избори, а не за технички, како нашава, по закон.

Не треба и не може да биде спорно дека опозицијата нема никаква обврска да ја гласа владата, бидејќи е таа наметната со закон, а уште помалку да го гласа премиерот, во чии избор нема никаква улога. Друго ќе беше доколку опозицијата имаше улога во нивното одредување.

Факт е дека двата дела од техничката влада, тој на позицијата, и тој на опозицијата, ќе бидат цело време длабоко конфронтирани едни со други. Секојдневно ќе војуваат меѓу себе. А некој, сега, без основно чувство за реалност, бара некакво единство во гласањето за новата влада. За какво единство, или согласност може да се работи? За никакво. Во 100-те дена на владеење, интересите на власта и опозицијата, и нивните ставови, сосема логично, дијаметрално ќе бидат спротивставени.

ВМРО ДПМНЕ се сосема со право што не го сакаат Џафери за премиер. Воопшто не е спорно дека е тој контроверзна личност и не заслужува да го гласа опозицијата. Сите се сеќаваме како (дали?) беше избран за спикер. Во албански медиуми веќе се слави дека командант на УЧК, којшто сакаше да ја распарчи Македонија, станува нејзин премиер.

Врвни правници тврдат дека нема легална основа тој да биде техничкиот премиер, бидејќи СДСМ го добива мандатот, а не ДУИ. Тие се истрчаа да дадат свој кандидат, ама фактот што СДСМ го прифати, тоа автоматски значи дека е (и) нивен. По таа основа, нема никаков проблем. Формална пречка – нема.

Мора да се признае дека изборот на Џафери носи и позитивен сигнал од ДУИ. Намерно го избраа него за таа функција бидејќи, ако делегираа друг, а можеа, вториот и третиот човек во државава, спикерот и премиерот, ќе беа Албанци. Тоа секако ќе им бодеше очи на Македонците.

Да потсетиме и дека опозицијата, прво, не ја сакаше техничката влада и предлагаше таа да се укине. Сосема со право, бидејќи е таа срам за државата. Се залагаа за таков исчекор, иако тој немаше да биде во нивна корист. Второ, опозицијата е обврзана со закон да учествува во техничката влада. Не е тоа по нејзин избор.

Трето, од опозицијата воопшто не зависи кој ќе биде премиерот, ниту каква ќе биде програмата за работа, што ќе ја предложи тој. По логиката на нештата, ако таа не одлучува за нешто, има целосно право да ја оспорува одлуката на другите, да ја критикува, и да се противи на истата. Во најмала рака, тоа значи да не гласа за нивниот избор. Опозицијата најави дека токму тоа ќе го прават, и никој не може тоа да го оспори.

Четврто, можеби и клучно, ако некој се обиде да ја елиминира опозицијата и, сепак, да формира техничка влада, тоа ќе биде целосно нелегално. Во таков случај, техничка влада апсолутно не е потребна и тоа ќе биде тешка злоупотреба.

Изјавите на премиерот, коишто предизвикуваат конфузија во општеството, се резултат на фактот што не му е јасно дека во светот, веројатно никаде, и нема некаков сличен сурогат, како нашата техничка влада. Споредбите коишто ги направи, не му служат на чест. Таа ни е силеџиски наметната од странците и се покажа како непотребна и штетна.

Во секој случај, ако власта не сака техничка влада, нивно е  да не ја изгласаат. Кај нив е мнозинството во Собранието. Арно ама, тие се армасаа со ДУИ и немаат простор за отстапки.

Македонија не смее да си дозволи да формира нелегална техничка влада, без опозицијата. Тоа ќе биде нов срам за земјата, и ќе не оддалечи уште повеќе од ЕУ.

Поврзани содржини