ЗЕЛЕНСКИ ГО СПОМНА ЗБОРОТ ВОЈНА 14 ПАТИ Путин за Новата година порача „нема да се повлечеме!“

Спомнувајќи „војна“ 14 пати во својата 20-минутна порака, Зеленски исто така вети, исто како и пред една година, дека слободна Украина ќе надвладее. За разлика од неговиот говор, Путин во своето новогодишно обраќање до нацијата само на моменти алудираше на војната, а најави дека „никогаш нема да се повлечеме, затоа што нема сила што може да нé раздели“.

1,449

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во долг и поетичен новогодишен говор ја оддаде честа на издржливоста на својот народ во време на крвопролевање, додека рускиот лидер Владимир Путин го истакна единството на неговата земја во кратка и строга порака во која само на моменти алудираше на војната, пишува Ројтерс.

– Главниот резултат на годината, неговото главно достигнување: Украина стана посилна – рече Зеленски во телевизиското обраќање и вети дека земјата ќе произведува повеќе сопствено оружје.






Спомнувајќи „војна“ 14 пати во својата 20-минутна порака, Зеленски исто така вети, исто како и пред една година, дека слободна Украина ќе надвладее.

– Без разлика колку ракети ќе истрела непријателот, без разлика колку гранатирања и напади – гнасни, безмилосни, масивни – непријателот ќе изврши во обид да ги скрши Украинците, да ја заплаши, да ја сруши Украина, да ја истера под земја, ние сепак ќе се кренеме – рече тој, облечен во зелена облека.

Коментарите на Путин драстично се разликуваа од оние на Зеленски.

Путин ги нарече руските војници „наши херои“, но не ја спомена Украина по име и не се осврна на „специјалната воена операција“. За разлика од ова, во ланскиот говор на Путин војната беше на прво место, претставена како егзистенцијална борба.

За новата 2024 година Путин во костум и црвена вратоврска порача:

– Повеќе од еднаш докажавме дека можеме да ги решиме најтешките проблеми и никогаш нема да се повлечеме, затоа што нема сила што може да нé раздели – порача Путин додека во позадина се наѕираа ѕидовите на Кремљ во ноќта.

Војната – најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна – се приближува на својата втора годишнина, без да се гледа крајот. Илјадници се убиени, милиони Украинци раселени и безброј градови се претворија во урнатини.

 

Поврзани содржини