НАШАТА БОРБА МОРА ДА БИДЕ ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА И КРИМИНАЛОТ Пендаровски побара обединување во борбата за демократска и функционална правна држава
Претседаелот на државата смета дека како и пред 130 години, така и ние мора да ги надминеме нашите поделби и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот и напредок на секој нејзин граѓанин.
Како што борбата на револуционерната генерација беше за слободна и праведна држава, така нашата борба денес мора да биде против корупцијата, непотизмот и криминалот што раѓаат недоверба, социјална неправда и масовно иселување на младите. Како и пред 130 години, така и ние мора да ги надминеме нашите поделби и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот и напредок на секој нејзин граѓанин, се вели во честитката на претседателот Стево Пендаровски по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
Пендаровски во честитката потсетува дека на овој ден, пред точно 130 години, шестмина млади луѓе ја основаа македонската револуционерна организација која успеа да ги обедини најхрабрите и најобразованите луѓе на своето време околу една заедничка цел – слободна македонска држава.
„Оваа млада и напредна генерација успеа да ја зацврсти вербата на македонскиот народ дека само со сопствени сили може да се избори за слобода и правда. Иако поради соседните пропаганди, притисоци и аспирации нашата револуционерна борба имаше и успеси и падови, целта остана иста. Илинденското востание ја даде Крушевската Република, a Народноослободителната и антифашистичка борба државотворниот АСНОМ“, се наведува во честитката на претседателот Пендаровски.