Што не разбира премиерот?

1,162

Знам дека многумина би го корегирале ваквото прашање од насловот односно би го замениле со прашањето: зошто премиерот ништо не разбира!? И тоа, исто така, би била можна варијанта (од многуте други) за насловно прашање, не само за премиерот. Но јас овде немам намера да губам време правејќи скица за негов портрет, напротив. Впрочем, таквиот напор би бил бесмислен, но мислам дека конечно треба да се споделат барем некои дилеми за неговите разбирања, или „разбирања“ (ако повеќе сакате) за македонските актуелни состојби, а што произлегуваат од неговиот последен јавен скандал со еден новинар. Не само поради фактот што тој скандал, во целава катастрофална ситуација во државава е особено важен, туку токму поради фактот што точно ги исцртува повеќето негови неразбирања!

А меѓу нив, секако, и оние „вознесени“ лекции за некакви негови државни „концепти“, што заслужува посебно внимание, но во друга прилика. Сега се побитни неговите навики да ги навредува луѓето, но и да изнесува отворени квалификации за нешта коишто тотално не ги разбира. Помеѓу останатото и за фашизмот односно за нечие фашистичко однесување, што е навистина скандалозно.






И овде не станува збор само за тоа колку тој не ги разбира тие нешта – што, секако, е и негов личен проблем – туку поради фактот што целата негова партиска јавност „мудро“ молчи, застанувајќи на тој начин зад односно поддржувајќи ги таквите негови „размисли“. Па во таа насока, прво, и прашањето: кој овде, во светлината на форсираните македонски евроинтеграции, воопшто и има право да говори, на пример, за фашизмот, или да обвинува други за фашистичко однесување?

Зашто, ако во улогата на премиер сте одмолчале формирање на „културен“ клуб со името на ноторниот фашист Ванчо Михајлов среде Битола, кое и какво право имате другите да ги нарекувате фашисти? Згора на тоа, ако делото сте го повториле и со случајот на сличниот „културен“ клуб во Охрид крстен Борис III – да, компањонот на Хитлер! – тогаш, уште еднаш: од каде ви е воопшто правото, морално и секакво друго, да обвинувате други за фашизам?! Или, ако баш сакате, ако двегодишново македонско талкање по беспаќата на т.н. евроинтеграции ги согледате низ широкоаголен историски објектив, фашизмот веднаш ве удира в лице – директно, силно, незадржливо! А однесувањето на премиерот не ја држи страната на македонската традиција на антифашистичка борба. Напротив!

Инаку, како би ги протолкувале оние „милнозвучни“ ноти по кои „пее“ оваа власт на чело со овој премиер во однос на помирливото спроведување на сите ригидни квази-историски барања на источниот сосед: промена на историскиот наратив во македонските учебници особено во однос на периодот на Втората светска војна, бришење на одредницата „бугарски фашистички окупатор“ од македонските споменици и спомен обележја, прикривањето на еврејскиот егзодус во Македонија во времето на бугарската фашистичка окупација итн.?

Да, многумина од оваа власт и дел од нејзината „интелектуална“ клиентела тоа го нарекуваат политика, но таквото нецивилизирано однесување апсолутно не може, па и не смее, така да се нарече. Најблаго речено, тоа може да биде квази-политика, односно „политика“, но повеќе би му прилегала дефиницијата неразумно политикантство и отсуство на историско чувство и почит кон жртвите што Македонија ги дала во антифашистичката борба. А во тој контекст, сѐ уште е свежо и она негово неумесно „мудрување“ за некакво пежоративно „комунистичко време“ – сместувајќи го таму дури и Дарт Вејдер (sic!) – и тоа само еден месец пред 11 Октомври.

Оттука, со кое право, па и образ, ако сакате, премиерот обвинува други за – фашизам? И ќе биде ли барем толку доблесен да се извини не само на новинарот кому му беше упатена навредата, туку и на јавноста. Впрочем, во таа насока ќе го спомнам неодамнешниот меѓународен скандал во којшто, сепак несвесно, беше вплеткан канадскиот премиер Трудо, аплаудирајќи му на украинскиот фашист Хунка во канадскиот парламент. Меѓутоа Трудо, како цивилизиран политичар, веднаш се извини за постапката: „Тоа беше грешка што длабоко го посрамоти парламентот и Канада. Сите (…) длабоко жалиме што стоевме и ракоплескавме, иако не бевме свесни за контекстот“! Се разбира, така денес се однесуваат современите културни и демократски политичари.

Но, можеби поинтересно е прашањето дали премиерот воопшто знае што е фашизам и дали навистина може истиот да го препознае не само во нечие прашање – коешто, патем, немаше ама баш ништо заедничко со тој поим – туку и во вкупното општествено милје што македонскиот партократски систем, сега на чело со неговата партија, го продуцираат во земјава? Зашто, не само погоре наведените негови лични примери, туку на добрите познавачи на аспектите на фашизмот целиот овој недемократски македонски политички амбиент (а особено политичките партии како негови носители) страотно им наликува токму на тој сега повампирен фашизам.

И тоа е нешто над што политиката, а особено премиерот, треба да се замисли. И треба да знае дека современиот фашизам не се кити со оние некогашни историски обележја (црни кошули, свастики, логори…). Односно, како што предупредува Еко, современата „фашистичка игра може да биде играна во многу форми“! „Вечниот фашизам“, или таканаречениот „ур-фашизам“ (повторно Еко), е лесно препознатлив и денес поради многуте негови типични карактеристики. И доволно е во земјата притаено да оживеат само една или две од тие карактеристики и фашизмот веднаш интринсично да се згрутчи околу нив. А кај нас, богами, се препознаваат повеќе такви карактеристики.

И меѓу нив првата, основната: отсуството на демократија! Односно, никулците на диктатурата и автократијата во политичките партии, македонски и албански подеднакво, по дефиниција е една од суштинските одлики на фашизмот. И тие никулци, сега веќе длабоко зафатени во почвата на системот, потоа директно се прелеваат и во македонското општество. Резултатот е – Македонија денес, на чело со овие партии.

Понатаму, толку омилениот нивен елитизам – преоблечен во нивните „државотворност“, „прогресивност“ и сите други слични будалаштини, сега дополнети и со некаков приглуп евроинтегрализам како „државен концепт“ – е уште една омилена „специфика“ на фашизмот. И толку успешно негувана во „водечките“ овдешни партии, македонски и албански. А со љубениот елитизам, рака под рака, одат и семоќните партиски „лидери“ како нови фирери и/или дучевци, кои жарат и палат не само во партијата туку и во државата. Со неодминливата партиска врхушка секогаш построена зад нив да им го чува грбот!

Или, на пример, оние црвени елеци на овдешниве смешни „социјалдемократи“ на нивниот „Пат кон Европа“? Замена за некогашните црни кошули? Па има(ше) ли барем еден паметен во таа партија?!

И, се разбира, уште цела низа прикриени манифестации од типичен фашистички происход во севремена облека: нивната непогрешливост дури и во глупоста и контрадикторноста; авторството над единствената вистина; антипросветителските политики во образованието, науката и културата; одбивноста кон модернизмот; вистината како најголемиот непријател на државата…, итн., итн.

Па затоа и прашањата, не само за премиерот: дали овие нешта, оваа „трансформација“ во државата е само збир на случајности или…; дали се води тивка, или нова „културна војна“ за редефинирање на државата по нечии „чудни“ стандарди; дали станува збор за идеолошко репозиционирање на државата…? Би умеел ли премиерот да даде некаков разбирлив одговор?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини