ИЗРАЕЛСКАТА АРМИЈА СЕ ЗАКАНУВА, АРАПИТЕ ОБЕДИНETИ ВО ПОДДРШКА НА ПАЛЕСТИНЦИТЕ Секој има своја „кауза над сите каузи“
„Ова е кауза над сите каузи, кауза за сите Арапи. Важно е палестинскиот народ да остане непоколеблив и присутен на својата земја“, предупреди египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.
Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари денеска ги предупреди Палестинците во северниот дел на Газа да се евакуираат, нагласувајќи дека Израел „ќе нападне со сета сила“.
-Ние сме решени и подготвени за следните фази од војната – рече Хагари на прес-конференција, пренесува „Тајмс оф Израел“.
„Фокусирани сме на Газа, но распоредивме сили низ целата земја и тоа ни овозможува да дејствуваме истовремено во сите правци“, додаде тој.
Хагари кажа дека стотици илјади палестински цивили досега се евакуираа од северот на Газа на југот од енклавата, откако израелската армија вчера издаде предупредување дека наскоро ќе изврши жесток напад врз областа.
Тој посочи дека Хамас се обидува да ги спречи цивилите да се евакуираат „бидејќи лидерите на организацијата се кријат под нив“.
Повиците за хуманитарен коридор или пат за бегство за Палестинците од Појасот Газа наиде на остра реакција кај арапските соседи.
Египет, единствената арапска држава што ја дели границата со Газа, и Јордан, кој е веднаш до Западниот Брег окупиран од Израел, предупредија дека Палестинците не смее да бидат принудени да ја напуштат нивната земја. Тоа ги одразува длабоките арапски стравови дека последната војна на Израел со Хамас во Газа може да предизвика нов бран на трајно раселување од земјата каде што Палестинците сакаат да изградат идна држава.
„Ова е кауза над сите каузи, кауза за сите Арапи. Важно е палестинскиот народ да остане непоколеблив и присутен на својата земја“, предупреди египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.
Јордан предупреди дека секој потег на Израел кој би поттикнал ново бегство на Палестинците од териториите кои ги населуваат, би го турнал регионот во амбисот на поширок регионален судир.
Јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади, изјави дека израелската блокада на хуманитарната помош за палестинската енклава Појасот Газа и принудувањето на тамошните жители да ги напуштат своите домови, претставува „очигледно кршење на меѓународното право“.
Саудиска Арабија ги прекина разговорите за потенцијална нормализација на односите со Израел, изјавија саудиски дипломатски извори за ДПА. Монархијата ги прекина разговорите со посредство на САД за нормализација на односите со Израел поради израелското ракетирање на Појасот Газа.
Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман минатиот месец потврди дека двете земји се движеа кон нормализација на односите. Но, Ријад вчера излезе со сериозна критика за „присилното преместување на палестинскиот народ од Газа“ и го осуди, како што го нарече, „континуираното гаѓање на цивилите“.
До пред две години Египет и Јордан беа единствените арапски држави со дипломатски односи со Израел. Преку американско посредство, Израел од 2020 година воспостави односи со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, Мароко и Судан.