ЧЕТВОРИЦА ПОЖАРНИКАРИ ПОЛЕСНО ПОВРЕДЕНИ Повеќе од 4 часа се гаснел пожарот во фабриката за мебел во Тетово
Четворица пожарникари се полесно повредени при интервенцијата за гаснење на огнот во објектот на патот од Тетово кон Попова Шапка, кој почна утринава околу 6 часот. Пожарникарите интервенираа повеќе од четири часа само да се изгасне огнот, а останати се таму доколку има потреба за нова интервенција при изнесување на изгорениот материјал.
– Изгоре дел од објектот, каде што се прави мебел и се знае дека има дрвени материјали. Го спасивме од пожар горниот дел. Беше тешко да влеземе и поради топлината. Се интервенираше со десет возила. После четири часа огнот беше изгаснат, но имаме дежурни таму. Ситуацијата се следи бидејќи има голема топлина и се вади изгорениот материјал, ако има потреба да се интервенира пак – информира командирот Авни Амети.
Меѓу повредените е и командирот Амети.
– Лесно се повредени, со рани на носот, ногата и вдишан чад – информира Амети.
Територијалната противпожарна единица Тетово интервенира и во Добарце каде од саботата гори депонија. Денеска интервенции на отворено имале и во Челопек и во Теарце.