УЧЕБНИЦИ ЌЕ ИМА, А И НОВ ПОДОБРЕН Е-ДНЕВНИК Министерството ветува успешен почеток на учебната година
Во соопштението на МОН се истакнува дека ниту еден наставник нема да остане без работа, без часови, заради воведување на новите интегрирани наставни програми.
Учебници за учениците ќе има. За време на летниот период годинава, Министерството за образование и наука успеа сите одобрени учебници да ги испечати и до 1 септември истите ќе бидат испорачани до училиштата и на располагање на учениците, соопшти Министерството за образование и наука.
– Еден мал дел учебници, кои не се испечатени се всушност сé уште во постапка, односно за одобрување на истите одлучува Националната комисија за учебници, по што и тие ќе бидат испечатени и испорачани. Во меѓувреме на располагање ќе бидат помошни материјали за ученици и прирачници за наставници кои ќе ја збогатат наставата. Истите се изработени од страна на Бирото за развој на образованието и ќе бидат достапни само во електронска форма на веб страната на Бирото. Секако, постои можност секое училиште на своја иницијатива, индивидуално да одлучи да ги испечати – се вели во информацијата од МОН.
Во однос на интегрирањето предмети, МОН вели дека овој процес не е нов, се спроведува десетина години наназад и како резултат на него е произлезен предметот природни науки, за кој досега никогаш немало реакции.
– Интегрирањето на предмети не предвидува укинување на содржини. Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети. Секој наставен предмет ќе има повеќе модули што ќе овозможат ученикот да ја изучува наставната содржина од повеќе аспекти, односно да добие поцелосна слика за одредена случка, процес, состојба и слично – тврди министерството.
Во соопштението се истакнува дека ниту еден наставник нема да остане без работа, без часови, заради воведување на новите интегрирани наставни програми. Бројот на часови е идентичен како и порано, а она што се воведува е нов пристап, базиран на искуствено учење, на поврзување на она што се учи со реалноста, на учење преку експерименти и развивање критичко мислење.
Големо олеснување за наставниците, смета МОН, ќе биде воведувањето на новиот електронски дневник кој треба да ги надмине предизвиците на кои тие укажуваа досега. Софтверското решение е веќе изготвено, со поддршка од ИПА фондовите на ЕУ и е во фаза на тестирање, по што ќе биде тестирано во одреден број училишта до конечно имплементирање во сите училишта во државата.
„МОН ќе продолжи да ја имплементира Концепцијата за основно образование и покрај обидите на одредени политички чинители да го поткопаат процесот на реформирање. Две фази се веќе успешно спроведени, следи третата која ги опфаќа трето и шесто одделение, а следната година и останатите, погорни одделенија – седмо, осмо и деветто“ – се вели во соопштението.