ГОЛТАРИ ДОАЃААТ, МИЛИЈАРДЕРИ СИ ОДАТ Мицкоски предлага да се направи ветинг на политичарите
Ценам дека имотот на голем дел од тие политичари и нивниот потесен круг на семејство во прв ред – изнесува во милијарди, истакна лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Не треба спуштање на дебатата на ниво на естрада за да се провери потеклото на имот на политичарите кои влегоа во политиката како голтари, а потоа излегоа како милијардери, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој побара да се направи потекло на имот на политичарите во Македонија.
Според него, не треба нов закон или законски измени за ова да се реализира.
– Во политиката имаме многу политичари кои влегоа како голтари, а излегоа како милијардери. Ценам дека имотот на голем дел од тие политичари и нивниот потесен круг на семејство во прв ред – изнесува во милијарди. Пред да влеземе во ветинг на судството кој е памфлет од барање, јас сметам дека треба да се искористат постојните законски надлежности кои ги има Управата за јавни приходи и другите институции и да направиме ветинг на политичарите. Еве, нека почнат од мене и моето семејство, како прв пример. Јас сѐ ќе ставам на увид и ќе покажам потекло на имот. Во Македонија можете да го видите едноставено потеклото на имотот. Доволно е да видите само луксузни недвижности, да видите колку луксузни автомобили се возат и ќе видите кои се тие луѓе. Побарајте им го потеклото на имотот ќе видите дека немаат пријавено ниту еден процент од тоа кое го поседуваат – рече Мицкоски.