Слобода или смрт

1,346

Кога една власт, која и да е, наместо да ги решава со години запоставените горливи проблеми во сите државни сегменти, почнува да се занимава со цензура на песни, тогаш нештата сериозно замирисуваат. Кога една власт дозволува нејзини тотално некомпетентни партиски ботови и собраниски потрчковци да оценуваат текстови на песни и да ги квалификуваат вака или онака, човек сериозно ќе се запраша: па има ли барем еден просечно умен во таа власт кој може да го сопре тоа лудило? Или тоа треба да им го каже некој од странскиве амбасадори?

Зашто, независно од музичките квалитети на дотичната „Нешто ќе те питам бабо“, за што може да се расправа „долго и широко“, да се занимавате само со една (историска) реченица во спотот за песната – Слобода или смрт – и во неа да барате извор на омраза, поттикнување на насилство и слични будалаштини, треба многу, многу да не знаете. А малку и да сте приглупи. Но тоа, впрочем, е еднакво на она шизофрено прогонување на првото македонско знаме од времето по осамостојувањето небаре и тоа е, исто така, знак на некаква омраза, насилство, непријателство… итн. Таква хистерија во медиумите и на социјалните мрежи се рашири и апропо глетките од матурските прослави, каде младите го вееја токму тоа знаме и беа нарекувани со секакви грди имиња. И тогаш напишав дека многу бргу некому од овие загрижени „прогресивци“ ќе му падне на ум да ги прошири забраните за спомнување и на луѓе, па еве и – на песни. Можеби ќе палат и огнови, којзнае?






Притоа, „умниве прогресивци“ покажуваат тотално отсуство на интелигенција, знаење, познавање на историјата на сопствената држава… Зашто, ако не знаат што пишувало на знамето на Крушевската република, што знаат кутрите? Згора на тоа, забораваат и на официјалната државна химна каде што децидно се пее: Македонците се борат за своите правдини! И се повторува – двапати. А таа борба била за слобода, и смртта како алтернатива! Ако пак „Слобода или смрт“ како гесло не е прикладно, дали можеби е подобро да се пее – ЕУ или смрт? Дали тоа повеќе ќе им одговара?

Како и да е, актуелнава власт сѐ уште глуми дека не ги разбира – или грешам, можеби навистина не разбира? – димензиите на штетите што ги (на)прави во државата и дека сето ова е само повратен одговор од граѓаните, симбол на отпор против нејзините катастрофални внатрешни и надворешни политики што ја водат државата во траорна иднина. Тој отпор сѐ уште ја нема широчината на „Шарената револуција“, но не значи дека нема да ја добие, нели.

Фразата „Слобода или смрт“ е единственото македонско мото, или гесло, што преживеало векови, лозунг што одекнувал во сите народноослободителни движења од средината на 19 век до денес. Ако тоа оваа власт не го знае, ништо не знае. А впрочем, токму тоа мото се наоѓаше и на многу транспаренти во времето на „Шарената револуција“, што овие ги донесе на власт. Но овие бргу забораваат, заборавија сѐ што се случуваше пред само неколку години, заборавија на сите ветувања претворени во лаги, на сите колнења во името, идентитетот, јазикот, културата…, на сите реформи што ги трансформираа во сопирачки за напредокот на државата па сега виновни им се историските лозунзи што луѓето со гордост ги паметат и изговараат.

Речиси е неверојатно толку да не се познава историјата на сопствениот народ, да се игнорира минатото и традицијата, да се работи спротивно од вековните стремежи на своите претци, па дури да почнува да пречи и лозунгот под којшто илјадници сонародници гинеле за денешната слобода. Замислете современа Франција да го игнорира мотото на Првата Република „Liberté, égalité, fraternité“, од 1790 година присутно на сите најважни државни симболи! Или познатиот слоган „Смрт на фашизмот, слобода на народот“ што ги движеше југословенските народи во борбата против нацизмот и фашизмот, или слоганот „Подобро гроб отколку роб“ од познатите априлски демонстрации во 1941 година во Белград како вовед во почетокот на народниот отпор во тогашна Југославија! И замислете што сѐ би смислиле за овие и вакви зборови овие надобудни полуписмени „чувари“ на нашиов современ проевропски дух. Или треба можеби да почнеме со време да викаме „Еден народ, една држава, еден лидер“?

Просто станува жално да се гледа како една власт се препелка во глупостите на своите претставници, како една (некогаш сериозна) партија е препуштена на владеењето на провинцискиот менталитет на некакви самонаречени првенци и лидери, како една држава се губи во сегашноста заборавајќи си го минатото, што е еднакво на „губење на детството“ (Хандке) односно е рамно на пресметано самоубиство. Ниту во една нормална држава, ниту во еден нормален систем со амбиции да станува просперитетен и прогресивен, не може нејзините најлоши претставници да го имаат главниот збор. А ние денес живееме во таква држава, во таков систем кој низ негативната селекција планира да си овозможи долговечност. Дури и преку криминални и коруптивни зделки, преку повикување на странскиот фактор да решава локални прашања/дилеми, па и препуштањето на целокупната власт – законодавна, извршна и судска – на полуписмени пробисвети кои не знаат ни од каде доаѓаат ниту каде одат.

Ние во моментов не знаеме кој што добива од овие политикантски случувања во државава, но знаеме дека тоа нема уште долго да остане тајна. Милијардите ќе се стопат, милионите ќе се потрошат. Ќе останат „голите“ лица на узурпаторите, на незнајковците, на криминалците…, но ќе останат и нивните семејства. Го сакале тие тоа или не. Трагите секогаш остануваат во историјата, па и вечно. И потомците нема само да се смеат на идиотштините од типот на прогласувањето на слоганот Слобода или смрт за непожелен во македонското општество. Попрво ќе се срамат, биле тука, во Македонија, или во некое странство, ама само како – „богати“ туѓинци. Но впрочем, тие и сега се тоа дури и во сопствената земја. Пред нас како да се развива филмот со некои историски формулации на Делчев, на пример онаа дека „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа“.

Никогаш во Македонија добросостојбата и „среќата“ не дошле однадвор. „Кој мисли инаку, тој се лаже, и себеси и другите“. Затоа овие кои така мислат седат онака, како во „Мапет шоу“, како што премиерот седи на столчено на самитот во Молдавија. Сега, кога мислевме дека сите погрешни избори се минато свршено време, дека некои нешта се одамна апсолвирани, на современата сцена се појавува некаква тотално неспособна полуписмена булумента која се претставува како политичка партија и воведува хаос во земјата. Ништо не им е свето освен простата акумулација на лични богатства и „политиката“ купи-продај во интерес на таа амбиција. Сѐ друго, па и оваа наводна загриженост заради одделни историски зборови и/или симболи, се само начин за свртување на вниманието од коруптивните криминали и владеењето на политикантските мафии со државата. И ништо друго.

П.С.

Би било фер некој од Амбасадата на САД да им потшепне „прогресивниве“ тутмаци дека изворната варијанта на фразата „Слобода или смрт“ е на Патрик Хенри (1736-1799), Американец, гувернер на Вирџинија и еден од основачите на САД и во оригиналната форма гласи:  Give me Liberty, or give me Death (Дајте ми слобода или дајте ми смрт)! Можеби тоа би сменило нешто во нивното сегашно глупирање?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини