Кога ние, граѓаните на оваа пеколно криминална творба со наводни државни атрибути, би почнале да ги искажуваме сите наши разочарувања од последниве петнаесетина години, би се испишала објективна современа историја на тој период. Но би се пишувала подолго време, и би имала многу страници. А веројатно би започнала од „антиката“ (поточно со онаа наша шизоидна антиквизација и нејзините главни налудничави актери), па преку средниот век би стасале до оние наши омилени тогашни ликови, па би дошле до Илинден 1903 и потоа неизбежниот Ќосето, па онаа киднапирана „Шарена револуција“ од страна на шарената лага викана СДСМ, па Пржински, па Преспански, па Бугарски договор… На некои земји им требаат векови да го поминат ова што ние турбо го поминавме за неколку години. Плус – со сето тоа некои се гордеат, го сметаат за успех!
Онака, на маргините, може да се допишува и за оние широкогради 130 милиони евра за некаква белосветска фабрика за електрични автомобили којашто никој не може да ја види бидејќи е, нели, невидлива, па оној фамозен ЕУ „прогресивен“ пристапен договор во којшто се кријат уште пофамозните два бугарски протокола, па форсираната енергетска криза, па Русија како виновник за сите катастрофи во регионов… И како круна на таа наша неописливо живописна рецентна историја доаѓаат „Бехтел и Енка“ со нивните милијарда и триста милиони евра и нашиве компетентни слепци кои го кријат договорот небаре ќе се пробива канал од Скопје до Ламанш!
Но и тоа не е доволно разочарувачки за нас, ние не смееме да се пожалиме на мудрото ни водство, освен на – катастрофално лошото судство. Тоа не е нивен производ, тоа не се нивни пајташи туку се веројатно наши платеници да ја подриваат државата. И нивниот кредибилитет. Судството ја уби економијата, ја поттикна инфлацијата, ги донесе Бугарите во Уставот…, а богами бргу ќе се открие дека нивните пипци допираат дури и до „Бехтел и Енка“.
За жал, овој наш петнаесетгодишен период повеќе наликува на хорор четиво отколку на класичен историски наратив со херојски призвук. Кога некој на таа кратка историја на македонската глупост би ги додал и цифрите на потрошени – да не речам украдени – државни буџети, упропастена економија, уназадено образование, наука, култура, девастирано здравство…, колкаво би било нашето разочарување? Ако некој има право да каже дека е можеби разочаран, тогаш тоа сме ние, македонските граѓани, и никој друг. Но, како и сѐ друго во нашава современа хорор драма, нештата добиваат извртена перцепција: сега се разочарани оние кои требале нештата да ги сработат, а ние, по обичај, треба да – молчиме!? Што вообичаено и го правиме. Ние немаме право да бидеме разочарани бидејќи тоа би бил антидржавен чин, контра нашето ЕУ интегрирање и „стратешките партнери“ (едно смешно човече веќе нѐ прогласува и за патопсихолошки случаи!), против нашите долгорочни интереси и нашата светла иднина, нели?
Се разбира, сето претходно би бил само кроки – или трејлер – на нашите децениски разочарувања, на коишто ние всушност немаме право. И тоа право нам ни е ускратено или пренесено на некои „повисоки инстанци“. Како амбасадорите на нашите „стратешки партнери“, како нашите вицепремиери, претседателот на државата и останатите од таа фела. Сите тие имаат право да бидат разочарани. Од кого? Од нас? Веројатно, зашто ние ги трошевме оние 500 милиони долари за реформи во судството, ние ги изедовме и оние 600 милиони долари за спречувањето на руските влијанија во државава, ние ги ставивме в џеб – наш и на нашите семејства – и останатите неброени стотици милиони од разноразни странски фондови и помош за развој на демократијата, администрацијата, инфраструктурата, за обука на „кадри“ во САД и во ЕУ…, па оние за отворање на фотоволтаични фирми, па за откуп на државно земјиште, па за…! Не, пардон, за тоа не сме добиле странски пари? Сеедно, исто како да сме добиле, зашто оние претходно наброените всушност се прелеале на други „бизнис линии“ а не таму кадешто биле планирани. Ама, го интересира ли навистина некого тоа?
И речиси е неверојатно дека сите други освен нас се секој ден сѐ повеќе загрижени и разочарани од тонењето на ова парче земја во жабурникот на криминалот и корупцијата, но никој не вели – доста е! Збунувачки, дури запрепастувачки делува таа упорност на меѓународната заедница да се расфрла со толкави средства во очигледно неука и неспособна власт, згора на тоа поткуплива до небески височини. Или токму такви им требаат? Ама зошто се тогаш разочарани, или им треба и алиби за украдените пари?
И зарем само делови од овој „систем“ – во случајов судството – се рак раната на оваа шарлатанска власт а сѐ друго функционира беспрекорно? На пример: економијата, администрацијата, образованието, културата, науката, здравството, инфраструктурата…? Или ако се „реши“ судството сѐ друго ќе си дојде на своето место? И веќе колку години се „решава“? Пет? И никој до вчера не беше разочаран ама сега почнаа?
И зарем разочараните страни после толку години не разбраа каков ќе биде одговорот од надлежните? Ете, „госпожата“ вицепремиерка потполно ќе се согласи „дека тоа е многу сериозен проблем“, и дека сите активности што ги имаат и сите изјави што ги даваат „конечно ќе повлијаат“. Тие, против највисокиот степен на криминал и корупција во врвовите на власта, судството, администрацијата, економијата…, (ќе) се борат со – изјави!? И зарем разочараниве партнери сѐ уште мислат дека овде си имаат работа со професионална, доверлива и способна власт? Просто е невозможно умни луѓе од такви држави да не ги прочитаат овие шалабајзери за пет минути, да не им е одамна јасно со кого и со што си имаат работа
Или повторно, разочарувањето е само неопходно алиби и префрлање на вината кај другиот?!
Извор: Теодосиевски уметност