ХРВАТСКАТА ПРЕАМБУЛА Е ИЗГОВОР, МИЦКОСКИ Е СПРЕМЕН НА УСТАВНИ ПРОМЕНИ! Левица тврди дека ВМРО-ДПМНЕ ретерира од првичните ставови
Иако ВМРО-ДПМНЕ знае дека барањата на официјална Софија се вметнување на Бугарите во Уставот како конститутивен народ, под изговорот хрватска преамбула Мицкоски ја отвора можноста за седнување на маса – смета Левица.
Откако Христијан Мицкоски го премолчи неуставното воведување на двојазични униформи, деновиве јавноста е сведок на ретерирање од првичните ставови дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржат никаква промена на Уставот – реагира партијата Левица.
„Иако ВМРО-ДПМНЕ знае дека барањата на официјална Софија се вметнување на Бугарите во Уставот како конститутивен народ, под изговорот хрватска преамбула Мицкоски ја отвора можноста за седнување на маса и промена на Уставот под бугарски диктат!
Токму Мицкоски тврдеше дека неговата партија нема да поддржи никакви уставни измени и дека не може да се преговара додека нема реципроцитет со Македонците во Бугарија. Политичка незрелост е да се очекува дека официјалната бугарска политика ќе ретерира од своите неоврховистички барања, со оглед на фактот дека бугарската политика кон Македонија не е промената од времето на Тодор Живков!
Дури и ЕУ експерти предупредија дека со внесување на Бугарите во Уставот се отвора можност за Бугарија да се повикува на меѓународни Конвенции за заштита на националните малцинства и официјална Софија да наоѓа оправдувања да го кочи пристапниот процес на Македонија во ЕУ.
Дополнително, искуството потврдува дека секое отворање на Уставот под диктат на странски сили било погубно по суверенитетот и територијалниот интегритет на Републиката. Промена на Уставот под притисок и уцени на други држави е флагрантно мешање во внатрешните работи на Македонија и секој политичар кој претендира да ја освои власта мора да биде свесен за ваквиот анти-државнички чин, кој е еднаков на национално предавство“ – пишува Левица.