ДАНЕЛА ГО СПУШТИ ОСИГУРУВАЧОТ Скопје како хорор-филм, скопјани со страв се движат по мрачните улици и булевари
Навистина страв да те фати кога се враќаш доцна навечер дома, бидејќи нема улично осветлување, па покрај проблемите со кучињата скитници, сега немаме ниту светло, реагираат скопјани.
„Ќе направиме сѐ што е можно за да се намалат трошоците за електрична енергија, меѓутоа не врз грбот на граѓаните и со тоа што ќе биде загрозена безбедноста и сигурноста на градските булевари и улици“. Ова го одговори градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на прес конференција при крајот на август на прашање какви чекори ќе бидат преземени за да се намалат трошоците за струја, поради економската и енергетската криза.
Но, по сѐ изгледа, работите не течат според планот на „мајката на градот“.
До нашата редакција пристигнаа реакции на скопјани, кои велат дека со страв се движат по булеварите и улиците, пеш но и со автомобили, затоа што нема улично осветлување и Градот изгледа како да е дел од некој хорор-филм.
– Навистина, страв да те фати кога се враќаш доцна навечер накај дома, бидејќи нема улично осветлување, па покрај проблемите со кучињата скитници, сега немаме ниту светло. Чекориш и не знаеш што може да ти се случи, дали куче да те нападне или некој ќе се обиде да те ограби – вели една скопјанка.
Со цел да утврдиме дали е тоа навистина така, излеговме на терен, при што движејќи се, пеш, со велосипед и со автомобил по булеварите Србија, Јане Сандански, Видео Смилевски-Бато, АСНОМ и АВНОЈ, и тоа неколкупати, можевме да забележиме дека едната страна од булеварите е во целосен мрак. Можевме да се увериме дека Арсовска изгледа заборавила што вети пред неколку месеци.
Арсовска на споменатата прес-конференција рече дека ќе бидат спроведени мерки со цел да се намали потрошувачката на струја за улично осветлување, при што најави дека ќе биде намалена јачината на лед светилките на улиците и булеварите до најмногу 70 проценти од моќноста. Градоначалничката категорично тврдеше дека во ниту еден случај нема целосно да биде исклучувано осветлувањето на улиците и булеварите кои се во надлежност на Град Скопје.
Се обидовме да дознаеме што се случило во меѓувреме, дали Градот има многу зголемени сметки за струја, па е принуден во доцните часови да го исклучува уличното осветлување? Како што е веќе познато, за новинарите е голем проблем да стапат во контакт со градоначалничката Арсовска, која во последно време ретко одржува прес-конференции, а на нив одговара на само мал број прашања. Комуникацијата останува проблем и при испраќањето прашања во електронска форма. На нашето едноставно прашање дали и од кога е одлучено да се исклучуваат светлата на дел од булеварите и улиците во доцните часови, како и многупати досега, наидовме на молк и од страна на лицата од кабинетот на Арсовска, кои се ангажирани и платени за комуникација со медиумите.
Прашавме дел од советниците во Советот на Град Скопје дали се информирани за некакви промени на плановите на градоначалничката Арсовска за уличното осветлување, а одговорот беше негативен.
– Од градоначалничката Арсовска не сме информирани дека се преземени некои чекори, бидејќи нема никакви мерки за штедење во форма или програма. Тоа си го прават на своја рака со цел да ги намалат трошоците, но сметаме дека требаше и ние да бидеме информирани – рекоа дел од советниците.
Па така, останува скопјани да бидат многу внимателни кога се движат по мрачните улици и булевари, затоа што „мајката на градот“ сепак одлучила „да штеди врз нивниот грб и со тоа да им ја загрози безбедноста и сигурноста“, токму онака како што ветуваше дека нема да направи.
Изјавата на градоначалниката Данела Арсовска од прес-конференцијата можете да ја слушнете од осмата минута од ова видео: