ЌЕ ПРОДОЛЖИ МАКЕДОНСКАТА ПОМОШ ЗА УКРАИНА Ковачевски во телефонски разговор со Зеленски

Агресијата која Русија ја врши е за најсилна осуда, бидејќи освен прекршување на нормите, таа предизвикува и големо човечко страдање и ја влошува глобалната економија, истакнал премиерот Ковачевски, кој најавил дека ќе ја посети Украина.

111

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во телефонски разговор со претседателот на Украина Володимир Зеленски ја пренесе поддршката на Северна Македонија за украинскиот народ во бруталната, неоправдана и непредизвикана воена агресија која Русија ја врши врз Украина, соопшти владината прес-служба.

– Војната која Русија ја започна пред речиси една година е флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН. Украина е независна и суверена држава со целосно располагање на својот територијален интегритет. Агресијата која Русија ја врши е за најсилна осуда, бидејќи освен прекршување на нормите, таа предизвикува и големо човечко страдање и ја влошува глобалната економија, истакнал премиерот Ковачевски.






Во разговорот станало збор и за досегашната помош и поддршка која Северна Македонија ја обезбедува за Украина. Претседателот Зеленски ја истакнал благодарноста до македонскиот народ за сета досегашна помош и поддршка. Северна Македонија, било нагласано во разговорот, и како НАТО членка ќе продолжи со помош за Украина на сите потребни начини.

Особен фокус на разговорот бил развојот на настаните на воениот фронт, како и улогата на ОБСЕ во можностите за прекин на војната. Како премиер на земја претседавач на ОБСЕ, Ковачевски најавил дека ќе ја посети Украина.

Поврзани содржини