УБАВИОТ ЗБОР ЖЕЛЕЗНА ВРАТА ОТВОРА, АМА КОРУПЦИЈА НЕ СУЗБИВА Евроамбасадорот Гир ги научил нашите балкански финти

Борбата против корупција и за промоција на владеење на право е тешка, подвлече Гир, бидејќи вклучува отстранување на елити и воспоставени интереси кои што функционираат на ниво на криминал и корупција, но и се потпира на менување на навиките на луѓето, граѓанското општество и медиумите.

453

Државните институции мора заеднички да работат да го намалат обемот на корупција, да воведат закони и правила на однесување и санкции за коруптивно однесување, но и треба да ги спроведуваат и извршуваат овие мерки. Борбата против корупцијата подразбира и градење негативна средина за сите коруптивни навики преку засилување на клучните системи за интегритет, јавните набавки и управување со јавни финансии, како и градење државни ревизорски институции и антикорупциски тела и партнерства со граѓанското општество, компаниите и слободните и независни медиуми.

Ова го порача евроамбасадорот Дејвид Гир, на отворањето на Регионалната конференција за борба против корупцијата, што се одржува денеска во Скопје во рамки на соработката со Регионалната антикорупциска иницијатива и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал.






Скорешните настани во срцето на ЕУ, во Европскиот парламент покажаа многу сликовито со какви проблеми се соочуваме и ние во ЕУ. Одговорот на таквите ситуации се базира на ефикасноста и брзината на правосудниот систем да се справи со тие наводи и институциите да одговорат и ги решат сите слабости кои што овозможиле да се случи тоа.

Дејвид Гир Амбасадор на ЕУ во Македонија

Според Гир убавите зборови не се доволни во борбата против корупцијата, додека граѓаните очекуваат резултати, нагласувајќи дека денешната конференција ја става корупцијата во поширок регионален контекст и кажува дека е заеднички предизвик што најдобро може да се решава преку соработка и размена на добри практики.

– ЕУ, заедно со земјите членки, ОН и другите меѓународни партнери ќе ги поддржат нашите партнери од Западен Балкан во нивните напори за подобрување на демократијата, јавната доверба во институциите и да се направи еднакво поле за натпревар, конкурентност и еднакви можности за сите – изјави Гир.

Борбата против корупција и за промоција на владеење на право е тешка, подвлече Гир, бидејќи вклучува отстранување на елити и воспоставени интереси кои што функционираат на ниво на криминал и корупција, но и се потпира на менување на навиките на луѓето, граѓанското општество и медиумите.

– Сите истражувања укажуваат на уништувачкиот ефект на корупцијата врз образовните и работните можности и тоа се клучните фактори кои што ги бркаат младите од државата – изјави Гир.

Корупцијата, посочи Гир е предизвик во секоја држава и напорите против корупцијата треба секогаш да се обновуваат и прилагодуваат на новите можности и предизвици со кои се соочуваат нашите општества, било тоа да се дигитализацијата, глобалната пандемија, енергетската криза или влијанието на руската војна против Украина.

Според ЕК трошокот од корупцијата врз европската економија е 20 милијарди евра годишно и борбата против корупцијата, заедно со владеењето на правото се клучните принципи на Унијата.

– Скорешните настани во срцето на ЕУ, во  Европскиот парламент покажаа многу сликовито со какви проблеми се соочуваме и ние во ЕУ. Одговорот на таквите ситуации се базира на ефикасноста и брзината на правосудниот систем да се справи со тие наводи и институциите да одговорат и ги решат сите слабости кои што овозможиле да се случи тоа – изјави Гир.

Пристапниот процес, според Гир, е огромна можност за предводење на промените во градење на поотворено и поотчетно општество. Сега е моментот, порача Гир на медиумите и граѓанското општество, да бидете најмногу ангажирани.

– Сега имате можност за промени и ние сме тука да ве поддржиме сите – порача евроамбасадорот Гир.

Судската независност и зајакнување на професионализмот на државните институции мора да станат главен приоритет во регионот за постигнување на одржливи резултати во борбата против корупцијата. Соработката меѓу владите и граѓанскиот сектор е исто така клучна во оваа борба, потенцираше шефицата на меѓународен сериозен и организиран криминал – билатерален заменик-директор при Министерството за внатрешни работи на Обединетото Кралство и FCDO Сузи Дајкин.

Таа на денешната конференција за борба против корупцијата во Скопје порача дека е потребно да се зајакне усогласеноста и транспарентноста во бизнис секторот, но и да се зајакне соработката со граѓанскиот сектор, за корупцијата да не пушти корени во нашето општество.

– Корупцијата е огромен предизвик за владеење на правото во овој регион и креира плодна средина за организираниот криминал. Корупцијата и наштетува на економијата и на општеството и има големи и опсежни имликации. Обединетото Кралство се грижи за иднината на овој регион – рече Дајкин.

Ерик Мејер, заменик шефот на мисијата во амбасадата на САД во Северна Македонија на денешната конференција посочи дека корупцијата, финансискиот криминал и други коруптивни активности се заеднички закани во регионот.

Тој потенцираше дека САД ќе продолжи да ги поддржува напорите на регионот во борбата против корупцијата, но како што рече, за да се постигне успех, во секоја земја треба политичка волја од лидерите, потребно е судство кое ќе е независно и ослободено од политичките влијанија. Секоја земја, како што порача, треба да има свои активности во оваа борба, и да има одговорност за обврските кои ги презема.

Транспарентноста на институциите мора да биде приоритет за сите нас. Само преку унапредување на транспарентноста, ќе ја зајакнеме отчетноста и контролата. Јас немам илузии дека корупцијата целосно ќе ја победиме, но мора да покажеме видливи и конкретни резултати, да создадеме услови за владеење на правото и еднаквост на институциите, порача вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Грковска потенцираше дека треба да ја зајакнат довербата на граѓаните во институциите, а тоа ќе го постигнат само ако докажат дека со професионална, ефикасна и одговорна работа застануваат на патот на криминалот и корупцијата.

– Мислам дека сега секој ќе полага испит за политичка зрелост. Оние кои ќе го положат ќе опстојат, останатите кои ќе се борат да остане статус кво состојба, ќе бидат избришани од граѓаните. Иднината на нашите општества е во прашање. Вака, како до сега, едноставно веќе нема да може -додаде Грковска.

Поврзани содржини