НА 1 ДЕКЕМВРИ ЌЕ СЕ СЛУЧИ ЕНЕРГЕТСКО ЧУДО Сите три блока на РЕК Битола ќе проработат, сега работи само еден

Сега работи само еден блок на РЕК Битола, гас имаме за еден месец и не се знае дали ќе се набави потоа, а за мазутот велат дека „само што не стасал“. Во меѓувреме, струја има колку ти душа. Од увоз и по стара цена. Кој ќе го плати цехот?

3,985

Дали ќе бидат активирани домашните енергетските капацитети оваа зима?

Ова прашање го поставуваат граѓаните, откако со месеци слушаат ветувања дека домашните централи ќе се активираат во октомври, па во ноември и според последната најава, на 1 декември. Во меѓувреме, расте увозот на струја. Само овој месец тоа ќе ја чини Македонија 26 милиони евра.






Министерот за економија Крешник Бектеши и денеска самоуверено тврдеше дека домашните капацитети ќе се активираат набрзо.

– Сите капацитети кои се под ЕСМ ќе се активираат од 1 декември. Трите блока на РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино и Когел, како и хидроелектраните и ветерницата во Богданци – сите ќе бидат активирани. Тогаш почнува големата потрошувачка на струја. Ве уверувам дека нема да има рестрикции, а струја ќе се увезува, ако биде поевтина од домашната производна цена – рече министерот.

Список на желби

Експерти велат дека ова е само список на желби на владата, во услови кога капацитетите цела година не се подготвени за периодот кога струјата ќе биде најпотребна, а цената на енергенсите на берзите сигурно ќе расте. Тие критикуваат дека проблемите со честите застои кај домашните електрани се решаваат со увоз на струја, наместо да се работи на нивно навремено реконструирање и одржување.

Професорот Константин Димитров вели дека е загрижен од однесувањето на институциите за ова прашање, бидејќи увозот на струја ќе расте, а тоа ќе биде долг којшто граѓаните ќе треба да го платат од сопствениот џеб.

– Досега многу пати кажав дека ова ветување на владата е список на желби што тешко се остварува. Сега сите ќе треба да се молиме овој список на желби на владата да се оствари, бидејќи најважно е да бидеме сигурни дека ќе има струја. Но, списокот на желби е едно, а реалноста е многу посурова. Мене ме загрижува фактот што цела година енергетските капацитети не се подготвени. Тие требаше да почнат да се подготвуваат уште на почеток на годината. Велеа дека летото ќе се искористи за тоа, па кажаа дека за почетокот на грејната сезона ќе бидат активирани. А што имаме на крајот на ноември? Работи само еден блок на РЕК Битола, гас имаме за еден месец и не се знае дали ќе се набави потоа, а мазутот велат само што не стигнал, додека неговата цена само расте. Да не заборавиме дека и цената на струјата на берзите е променлива и дека од јануари нема да биде онаа што сега е актуелна. Ова е состојба која мора да нѐ загрижи, а слушаме само смирувачки тонови – вели Димитров.

Според него, земјава повторно ќе увезува струја во големи количества и по висока цена што ќе ја платат граѓаните, преку високиот долг што се прави.

– Кој верува дека во јануари берзанската цена на струјата ќе биде ниска? Цената се менува од час во час. Да, увоз ќе има, ама по која цена ќе биде тоа и кој ќе го плати? – прашува Димитров.

Милион евра дневно за увоз на струја

Професорот Ристо Цицонков додава дека моменталната состојба е загрижувачка. Во енергетиката имаме проблем, а тој проблем не се решава. Имаме стари енергетски капацитети, за кои поправките се скапи и долго траат, а изградбата на нови е насочена само кон обновливи извори на енергија – фотоволтаици и ветерници. Тоа целиот систем го прави ранлив и затоа сме насочени кон увоз.

– Ние трошиме милион евра дневно за увоз на струја, што е многу за држава како нашата. А сето она што го гледаме деновиве кога побарувачката не е голема, а увозот се зголемува не говори добро за состојбата во ЕСМ и подготвеноста на капацитетите. Лани се потрошени 200 милиони евра од буџетот за помош на ЕСМ за увоз на струја, јаглен, мазут, гас. Ако овој трошок го споредиме со најавената цена за изградба на хидроелектрана Чебрен од 400 милиони евра, јасно е дека за увоз на струја трошиме премногу. За две години државата ќе може сама да ја изгради оваа централа, а ние бараме приватен стратешки партнер под многу неповолни услови. Меѓутоа, никој не очекува таа да се изгради за две години. Од друга страна, добро е што сме ориентирани кон обновливи извори, главно фотоволтаици и ветерни централи, но тие не можат секогаш да произведуваат струја. Токму затоа се потребни хидроелектрани или друг вид централи кои ќе бидат потпора на системот, а како што поминуваат годините ќе ги немаме и постоечките, бидејќи се стари – вели Цицонков.

Тој додава дека сите во земјава треба да бидат свесни дека енергетските стратегии кои се носат и треба да се спроведат за да не бидеме толку увозно зависни и толку слаби во најзначајниот сектор.

Премиерот игра на фотоволтаиците

Власта упорно тврди дека енергетската трансформација што ја спроведува како стратегија, дава резултати. Премиерот и денеска се пофали дека сме први во трансформација на производство на електрична енергија од старите централи на лигнит на фотоволтаични централи, но не кажа дали зимава струја ќе има од домашно производство.

– Прв таков проект се наоѓа во Осломеј, каде што на старите наоѓалишта на јаглен ја имаме првата фотоволтаична централа од 10 мегавати, веќе пуштеноаво употреба. Се работи на втората, а со јавно приватно партнерство веќе се договорени две фотоволтаични централи од по 50 мегавати. Тоа значи дека една лигнитна централа од 120 мегавати ќе биде заменета со фотоволтаична централа од 120 мегавати. Во источна Македонија веќе се инсталираат односно се монтираат 25 мегавати ветерна централа. Во текот на изминатиот месец беше пуштена најголемата централа во државата од 17 мегавати,  од страна на странски, словенечки инвеститор – рече тој.

Дневната потрошувачка на струја во регулираниот сектор, за кој струја обезбедува ЕСМ, деновиве се движи од 10.000 до 11.000 мегавати. Ако се провери на сајтот на владата, домашните капацитети последната недела произвеле многу помалку од тоа. Како ќе биде во наредниот период на зголемена побарувачка на струја? Едно е јасно – да не е увозот на струја, тешко нас!

Поврзани содржини