САМО ГОСПОД ЗНАЕ ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ЦРКВАТА „СВЕТА ТРОИЦА“ ВО КУМАНОВО Скапува ли под ведро небо иконостас вреден 500.000 евра? (ГАЛЕРИЈА)
Верниците и почитувачите на културното наследство искрено стравуваат за состојбата и судбината на автентичниот иконостас од 1901 година, кој е дар од тогашната српска кралица Драга Обреновиќ. Оваа црква е посебно позната по богатиот и вреден иконостас изработен во Цариград, чија тогашна вредност изнесувала 1.500 турски лири или во денешна вредност околу 500.000 евра, велат за Плусинфо од Српскиот културно-информативен центар (СПОНА).
Разни делови од црковниот дотраен ентериер од црквата „Света Троица“ во Куманово, меѓу кои можно е да има и парчиња од иконостасот кој датира од 1901 година, кој е дар од српската кралица Драга Обреновиќ и чија сегашна вредност се проценува на 500.000 евра, се расфрлани во црковниот двор, под отворено небо, небаре се безвредни штици за потпалување оган.
Ова може да се забележи на фотографиите што ги објави Српскиот културно-информативен центар (СПОНА), од каде што видно загрижени за актуелната состојба во црквата бараат одговори од институциите и од Кумановско-осоговската епархија за интервенциите и за извршените измени во храмот.
– Верниците и почитувачите на културното наследство искрено стравуваат за состојбата и судбината на автентичниот иконостас од 1901 година, кој е дар од тогашната српска кралица Драга Обреновиќ. Оваа црква е посебно позната по богатиот и вреден иконостас изработен во Цариград, чија тогашна вредност изнесувала 1.500 турски лири или во денешна вредност околу 500.000 евра. Црквата е веќе некое време затворена и заклучена. Очигледно е дека внатре се извршуваат градежни зафати. Ние сме длабоко загрижени и вознемирени од фотографиите на кои се забележува искршена и расфрлена дрвенарија во дворот на црквата. Исто така, сакаме да напоменеме дека оригиналниот под на црквата беше од порцелански квадратни плочки во сива, црна и нечисто бела боја, кои формираат мноштво триаголници и правоаголници, а коj според нашите сознанија е веќе уништен со намера да се смени со некаков нов под од вештачки мермер, со што се уништува автентичноста и христијанската симболика на „рајската градина“ во самата црква – појаснуваат од СПОНА за Плусинфо.
Оттаму велат дека одговори побарале директно од митрополитот кумановско-осоговски г. Григориј, но наместо да добијат објаснување, добиле писмо со опомена пред тужба.
– Веднаш го контактиравме митрополитот кумановско-осоговски г. Григориј, но бевме затечени од неговиот одговор, бидејќи не очекувавме дека толку ќе го разлутат нашите наједноставни прашања. Наместо да нѐ удостои со објаснување, тој неколкупати ни нагласи дека неговата епархија е сопственик на недвижниот и подвижниот имот во црквата „Света Троица“, иако ние во ниту еден момент не го оспоривме тој факт. Митрополитот ни напиша и дека со одлука на надлежните органи на епархијата се преземени активности за отстранување на елементи на дотраеност и нефункционалност при извршувањето на богослужбените и литургиските дејства во самата црква. Како сопственици на предметите, наведено е во писмото, било утврдено дека тие предмети се рационално потрошени, дотраени и нефункционални. Но, не наведуваат дали во склоп на тие предмети припаѓа и скапоцениот иконостас. За да биде уште потрагично, тие ни напишале дека писмото е всушност опомена пред поднесување тужба поради наводно мешање на СПОНА во внатрешните работи на управување со имотот во сопственост на МПЦ-ОА – велат од СПОНА и посочуваат дека никаков одговор не добиле од останатите државни институции во земјава, освен од Министерството за култура кое само ја префрлило топката на друга адреса.
Плусинфо се обиде телефонски да го контактира митрополитот кумановско-осоговски г. Григориј со цел да ни објасни во каква состојба се наоѓа 121-годишниот иконостас во црквата „Света Троица“, но обидот беше безуспешен. Телефонскиот број наведен на официјалната веб-страница на епархијата постојано го одбиваше нашиот повик, а не нѐ послужи среќата ниту со мејл-комуникацијата, бидејќи и по цели шест дена откако ги испративме прашањата, одговори не добивме.
Од Министерството за култура, пак, велат дека го ценат апелот на СПОНА за зачувување на автентичноста на црквата „Света Троица“ со посебен акцент на дрвениот иконостас изработен во 1901 година, но како што потенцираат, токму оваа црква не е регистрирано споменично добро, па затоа Министерството за култура не е надлежно, туку надлежна установа е Националниот конзерваторски центар.
„Ве упатуваме на понатамошна соработка со надлежната установа Национален конзерваторски центар за сите активности кои го засегаат сегментот на заштитата на недвижното културно наследство, од изработка на елаборат за валоризација до реализација на непосредната заштита на црквата Света Троица во Куманово“, наведено е во одговорот од Министерството за култура, потпишан од министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.
За да биде уште потрагично, водејќи се по советите и препораките на министерката, веднаш се јавивме во Националниот конзерваторски институт, а оттаму, пак, добивме одговор дека и тие не се надлежни за случајот, туку надлежна е Управата за заштита на културното наследство.
– Ние не сме надлежни, ама Управата за заштита на културното наследство е ептен надлежна. Тие имаат и инспекциски служби – ни рекоа од Институтот.
Веднаш ја контактиравме и Управата за заштита на културното наследство, ама оттаму нѐ замолија да им испратиме прашања писмено преку електронска пошта. Од петокот претпладне па сѐ до објавувањето на текстот, никаков одговор не добивме.
Како изгледа иконостасот?
Иконостасот во кумановската црква „Света Троица“, според својот раскош, е идентичен со оној во црквата „Св. Петка“ во село Бедиње кај Куманово.
На иконостасот биле претставени иконите на Св. Сава, Пресвета Богородица со Христос на престолот, Исус Христос Седржител, Св. Јоаникиј (првиот српски патријарх), српскиот кнез Лазар, кнегињата Милица, Рождеството и Воскресението Христово, Тајната вечера, Преображение, Влезот во Ерусалим, Вознесението Христово, како и четири фигури на високи српски свештени лица.
Во третатта зона се наоѓаат по две фигури на српските кралеви и свештени лица, а од север кон југ Св. Никола и Св. Стефан Првовенчани во раскошни одежди и круни на главите.
На јужниот дел се наоѓа иконата на Св. Симеон Мироточив со круна, иконата на Св. Јован Крстител, а на врвот на иконостасот се наоѓа патронот на црквата – Св. Троица.
(Крстиќ Славица, Цркви и манастири во Жеглигово, НУ Музеј – Куманово, Куманово 2021, 250 – 258.).
Кој и како ја изградил црквата „Св. Троица“ во Куманово?
Изградбата на црквата Света Троица (заедно со објектот на новото училиште), според проектот на руските архитекти, се одвивала во периодот од 1899 до 1902 година, а свечено е осветена во присуство на тогашниот митрополит Фармилијан на 21 септември 1903 година, односно на празникот Мала Богородица.
Самата изградба на црквата му била доверена на прочуениот градител Михајло Ѓорѓевиќ од Тресонче, чиј син подоцна ќе стане еден од најуспешните градоначалници на Скопје.
Најголеми финансиски дарител при изградбата на црквата бил кралскиот брачен пар кралот Александар I и кралицата Драга.
На свечениот чин на осветување на оваа црква присуствувале голем борј еминентни и високи гости, меѓу кои и валијата на косовскиот вилает Ахмед Ејуб паша, српскиот конзул во Скопје Михајло Куртовиќ, рускиот конзул во Скопје Виктор Машков, како и тогашниот грчки конзул во Скопје, месниот
кајмакам, кадија, угледен кумановски трговец и дарители.
Како најголема и најпрепознатлива кумановска црква – петтокуполна, црквата „Света Троица“ била и останала вредно културно наследство на овој град.
Внатрешноста на храмот е насликана во 1904 година од прочуениот фрескописец и сликар Крсте Аврамов Дичиќ (1866-1939) од Тресонче, син на Аврам Дичов (1840-1923) и внук на уште попознатиот Дичо Зограф (1819-1871).
Подоцна следеле и сликања на внатрешноста во периодот 1968/70, и најновите во 2013/14 година.