МОРА ЛИ ДА СЕ ПРИФАТИ И ПРАКСА ШТО НЕ НИ ОДГОВАРА? На министерот Шаќири му се допаднало учебната година да почнува од 10 септември
За ваква крупна промена се потребни подлабоки анализи и дебати, зашто таа ќе изнуди големи општествени поместувања. Не е доволен само „лајк“ од министерот.
Основците и средношколците во земјава годинава се враќаат на училиште од 1 септември, иако имаше идеја учебната година да стартува 10 дена подоцна, односно на 12-ти септември, потврди за Мета.мк министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Тој најавува дека оваа нова пракса е предвидено да се воведе од следниот септември, а учебната година во тој случај ќе трае до 20 јуни.
– За оваа идеја дискутиравме поради тоа што, во некои од нашите земји во регионот како на пример Албанија, Хрватска, учебната година не започнува на 1 септември како кај нас, туку подоцна. Јас би сакал да се помести стартот, размислувам за тоа, иако треба да видиме како ќе се усогласиме со СОНК, синдикатите, како и останатите институции кои се врзани со датуми, на пример, Државниот испитен центар кој е врзан со рокови заради мноштво полагања, меѓу кои и полагањето државна матура. Инаку сметам дека идејата за пролонгирање на учебната година е добра – вели Шаќири за Мета.мк.
Како што е познато, учебната година почнува подоцна во септември во некои балкански земји, единствено поради тоа што имаат развиен летен туризам, односно имаат море. Зошто Македонија би морала да го прифати тој календар и децата да одат во училиште до 20 јуни, месец кој кај нас е традиционално топол?
За ваква крупна промена се потребни подлабоки анализи и дебати, зашто таа ќе изнуди големи општествени поместувања. Не е доволен само „лајк“ од министерот.