ОД ЛУЛЕ, ТУТУН И ЦИГАРИ ДО ЧАД СО АРОМИ И ВКУСОВИ За пушењето низ историјата, од божји лек до тивок убиец
Во 17.век за време на епидемијата на чума во Лондон (1665 година), на децата им било наложувано да пушат тутун во училниците, затоа што се сметало дека чадот е заштита од заразни болести. Тутунскиот чад имал и други чудни намени. Една од најнеобичните употреби била онаа со прибор за клистирање - чадот се дувал во ректумот на давениците.
Утре, 31.мај е Светски ден без тутун и се надеваме можност луѓето да се освестат за својата навика и да се обидат барем да го намалат бројот на испушени цигари, но и на нивните замени – електронските цигари со разни мириси и вкусови кои се релативно нов тренд, особено популарен меѓу младите.
Со векови, пушењето предизвикува големи контроверзи. Денес јавноста речиси едногласно почна да го осудува тутунот како „смртоносно растение“, но за волја на вистинатам тоа не беше отсекогаш така. Тутунот во минатото се сметал за одличен стимуланс кој спасува животи.
Денес знаеме дека тутунот убива до половина од сите корисници, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО).
Секоја година 6 милиони луѓе умираат од директни последици од употребата на тутун, додека речиси 900 илјади непушачи ќе умрат поради изложеност на чад од тутун.
Како што соопштува СЗО, тутунот е значаен фактор на ризик за заболување од незаразни болести како што се кардиоваскуларните, малигните и респираторните заболувања и дијабетесот, а придобивките од откажувањето од пушење се речиси моментални. Велат дека само по 20 минути од откажувањето паѓа пулсот, а во рок од 12 часа, нивото на јаглерод моноксид во крвта се намалува до нормална вредност. Во рок од 2-12 недели, се подобрува циркулацијата и се зголемува функцијата на белите дробови. Во рок од 1-9 месеци, се намалуваат проблемите со кашлање и отежнато дишење. Во рок од 5-15 години, ризикот од мозочен удар се намалува на вредност карактеристична за непушач. Во рок од 10 години, стапката на смртност од рак на белите дробови е околу половина од таа кај пушачите. Во рок од 15 години, ризикот од срцеви заболувања е како и кај непушачите.
Меѓутоа, со векови пушењето се сметало за здрава навика, а билката тутун Никотиана во 16 век било наречено „света билка“ и „Божји лек“.
Во согласност со популарното верување, холандскиот истражувач Гилс Еверард верувал дека благотворното дејство на Никотиана ќе ја намали потребата од лекари.
Чадот од тутун како заштита од заразни болести
„Самиот чад се смета за силен противотров за заразни болести“, напишал тој во 1587 година во својата книга „Панацеа“ или универзален лек, откривање на прекрасните својства на пушењето на тутун во луле.
Првиот Европеец кој забележал дека тутунот се користи за медицински цели е морнарот од Џенова, Кристофер Колумбо, напишала професорката Ен Чарлтон во написот објавен во списанието на Кралското медицинско друштво.
Во 1492 година, Колумбо забележал дека тутунот во лулињата чади на островите што денес ги знаеме како Куба, Хаити и Бахамите. Понекогаш лисјата се палеле со факели за да се дезинфицираат просториите и да се заштитат луѓето од болести и малаксаност.
Тутунот, веројатно измешан со вар или креда, се користел и како паста за заби во денешна Венецуела – практика која се уште живее во Индија и денес.
Португалскиот истражувач Педро Алварез Кабрал, кој пристигнал во Бразил во 1500 година, напишал дека бетумот – како што некои го нарекувале ова растение – се користи за лекување на гнојни чиреви и хронични полипи.
И во Нова Шпанија (денешно Мексико), шпанскиот монах и фрањевски мисионер Бернардо Де Сахагун од локалните лекари дознал дека болестите што ги зафаќаат жлездите на вратот можат да се излечат така што на хируршки рез би се нанела топла смеса направена од мелени листови тутун со сол.
Европските лекари и фармацевти брзо се заинтересирале за потенцијалната употреба во медицината.
Во следните векови, според колекцијата на Велкам, музејот и библиотеката за здравје, лулето или цигарите станале неопходна помош за лекарите, хирурзите или студентите по медицина, особено во салите за секцирање.
На анатомите им се советувало слободно да пушат за да го прикријат мирисот на труповите и да се заштитат од потенцијални болести кои можат да потекнуваат од безживотните тела.
За време на епидемијата на чума во Лондон во 1665 година, на децата им било наложувано да пушат тутун во училниците.
Се сметало дека чадот штити од испарувањата за кои се верувало дека пренесуваат болести.
Оние кои биле задолжени за закопување на труповите пушеле глинено луле за да се заштитат од чума.
Но, дури и меѓу раните ентузијасти, имало и такви кои се сомневале во ефикасноста на тутунот како лек.
Англискиот лекар Џон Кота, автор на книги за медицина и магија, во 1612 година се прашувал дали може да испадне дека ова растение, кое тогаш се сметало за лек, всушност е „монструозна причина за многу болести“.
И покрај загриженоста, тутунот сè уште бил многу барана стока, а фармацевтите се погрижиле секогаш да го имаат на залиха.
Најнеобичните употреби на тутунот како лек
Една од најнеобичните употреби била онаа со прибор за клистирање – чадот се дувал во ректумот на давениците.
Лекарите верувале дека чадот е ефикасен против студ и поспаност, дава топлина и го стимулира умот. Бесплатни прибори за уживање во тутун биле достапни долж бреговите на реката Темза за итни случаи.
Дување тутунски чад во увото исто така се препорачувало за болки во 18 век.
По изолирањето на никотинот од листовите на тутунот во 1828 година, светот на медицината станал недоверилив кон тутунот како супстанца за општи методи на лекување.
Но, сè уште биле достапни терапии засновани на употреба на тутун, како што е ректална примена која се препорачувала како лек за запек, хемороидно крварење и глисти.
Додека загриженоста за лошите ефекти на тутунот врз здравјето почнал да се појавува во 1920-тите и 1930-тите, марката цигари Камел се обидела да ги смири клиентите тврдејќи дека лекарите препорачуваат пушење, како и дека и самите пушат камел.
Се шпекулираше и дека пушењето го препорачуваат пејачите со цел „да се отстранат нечистотиите штетни за деликатното ткиво на грлото“.
Во текот на изминатите 30 години, штетните ефекти од пушењето станаа очигледни, како и проблемот со пасивното пушење.
Ова доведе до тоа многу земји да го забранат пушењето на затворени јавни места. Кампањите за подигање на свеста сè почесто се служеле со тактики на шок за да ја пренесат пораката до јавноста.
Во некои земји стана задолжително кутијата цигари да содржи непријатни слики на терминално болни пациенти кои боледуваат од рак на белите дробови, кардиоваскуларни заболувања и други болести предизвикани од тутунот.
Во Англија, куклата наречена „Смоки Су“ се користела за едукација на бремените жени за опасностите од пушењето за нероденото дете.
Електронските цигари и нивната безбедност
Денес, електронските цигари стануваат сѐ почести како алтернатива на традиционалните. Станува збор за уреди на батерии кои можат да се полнат кои ви овозможуваат да вдишувате никотин во пареа наместо чад од тутун.
Електронските цигари не произведуваат катран или јаглерод моноксид, двата најштетни елементи на чадот од тутунот, но тие не се целосно безбедни, според британската национална здравствена служба.
Вапувањето – како што се нарекува употребата на електронски цигари – исто така не е без контроверзи.
Philip Morris International, најголемиот светски производител на цигари кој се прошири и на пазарот на е-цигари и Juul се тужени во Соединетите Држави поради нивната наводна намера да ги таргетираат младите во маркетинг кампањите на социјалните мрежи.
Американските законодавци им се наострија и на малопродажните места кои им олеснуваат на децата и тинејџерите да купуваат електронски цигари.
Имено, според истражувањата, пареата од електронските цигари може да ги уништи клетките на имунолошкиот систем и тие да бидат многу поштетни отколку што се мислеше, покажуваат студиите.
Истражувачите откриле дека испарувањата од електронската цигара може да ја оневозможат работата на важните клетки во белите дробови и предупредуваат на широко распространетиот став дека електронските цигари се безбедни.
Сепак, според Институтот за јавно здравје на Англија тие се многу помалку штетни од пушењето обични цигари и дека луѓето не треба да се двоумат да ги користат како помош за откажување од цигарите.
Мала експериментална студија, предводена од професорот Дејвид Тикет од Универзитетот во Бирмингем, беше објавена во списанието Торакс.
Претходните студии се фокусираа на хемиските компоненти на течностите од е-цигарите, а не на пареата.
Истражувачите развиле механичка процедура за имитација на пареа во лабораторија, користејќи примероци од белодробно ткиво од осум непушачи.
Студијата покажала дека испарувањето предизвикува воспаление и дека ги оштетува алвеоларните макрофаги, клетки кои ги отстрануваат потенцијално штетните честички од прашина, бактерии и алергени.
Истражувачите велат дека некои од ефектите биле исти како кај обичните цигари и кај луѓето со хронични белодробни заболувања.
Тие предупредуваат дека ова се резултати во лабораториски услови и советуваат дополнителни истражувања потребни за подобро да се разбере долгорочното влијание врз здравјето – промените се забележани дури по 48 часа.
Иако електронските цигари се побезбедни од класичните, тие можат да бидат поштетни на долг рок.
Тие се побезбедни кога зборуваме за ризиците од рак – но ако користите електронски цигари 20 или 30 години и тоа може да предизвика хронична опструктивна белодробна болест, тогаш тоа е нешто што треба да го знаеме. Денес тие се продаваат со најразлични вкусови и ароми, па дури и како замена за слатки. Наводно, велат, ако земете од оние со арома на чоколадо и ванила, ќе ја задоволите и потребата за цигари и за слатки, а нема да се здебелите.
Во меѓувреме, Светската здравствена организација ги повика земјите да усвојат политики за спречување на употребата на тутун, како што се ограничување на рекламирањето и спонзорствата за тутунските компании и зголемување на даноците за цигари.
Според СЗО, употребата на тутун опаѓа: 20 отсто од луѓето ширум светот пушеле тутун во 2016 година, во споредба со 27 отсто во 2000 година. Но, тоа темпо не е доволно за да се постигнат меѓународно поставените цели.
Во светот има 1,1 милијарда возрасни пушачи, а 80 отсто од нив доаѓаат од земји со среден или низок приход.