Не сме ни софијанци ни брисељаци, не ни личи на Шведска и на Финска да им се закануваме со вето

Ние, кои плативме превисока цена за да бидеме дел од европскиот одбранбен сојуз, не можеме да ги напуштиме вредностите за кои се залагаме, да се приклониме кон политиката на безобѕирни уцени и да ја „избугариме“ нашата надворешна политика, за на тој начин да сме ја покажеле непринципиелноста на европската политика кон нас.

4,868

Мислев дека е шега, а тоа да ти било вистина – сериозни луѓе сериозно предлагаат Македонија да стави вето на приемот на Шведска и на Финска во НАТО. Кога ќе дошло време за одлука, која сега не може да помине без нашиот глас во Брисел.

Образложение? На тој начин ќе сме ја натерале Европа да ја согледа својата непринципиелна политика кон Македонија.






Уф, колку лоша, авантуристичка и штетна идеја!

Без оглед на сите проблеми со кои се соочуваше нашата земја во овие три децении од своето постоење како независна држава, без оглед на страшните притисоци од Грција и од Бугарија, та дури и без оглед на внатрешната политичка нестабилност и меѓуетничките конфликти што ја обременуваа во целиот тој период, меѓународната заедница сепак ја препознава Македонија како фактор на мир и стабилност во регионот.

Таа перцепција е од суштинска важност за натамошниот опстанок на Македонија како суверена и просперитетна држава и особено за нејзините евроатлантски аспирации.

Нашето најголемо и засега единствено сериозно достигнување на тој пат е што станавме полноправна членка на еден моќен систем на колективна одбрана и безбедност, систем кој, ако ништо друго, гарантира дека оваа земја утре нема да биде цел на агресија на некоја друга земја, агресија од која нема да можеме самостојно да се одбраниме.

Ние, кои плативме превисока цена за да бидеме дел од европскиот одбранбен сојуз, не можеме да ги напуштиме вредностите за кои се залагаме, да се приклониме кон политиката на безобѕирни уцени и да ја „избугариме“ нашата надворешна политика, за на тој начин да сме ја покажеле непринципиелноста на европската политика кон нас.

Со евентуалното вето за Шведска и за Финска, земји од кои секогаш сме имале директна и отворена поддршка, Македонија само ќе покаже дека станува епицентар и извозник на нестабилност во регионот, но и пошироко, во Европа.

Против непринципиелноста на ЕУ мораме да се бориме со доследност и со принципиелност, со аргументи и непотклекнување пред безобразните уцени, но не и со инает и со инфантилни каприци.

Шведска и Финска имаат право сами да оценат дали за нивната иднина е пожелно да станат членки на НАТО. Имаат право дури и да згрешат во процените! Наша обврска е да ја почитуваме нивната волја и први меѓу еднаквите да ги поддржиме во нивните намери.

Ние не сме ни софијанци ни брисељаци. Да се знае.

Поврзани содржини