НАЈДОЛГИОТ КОВИД ТРАЕЛ 505 ДЕНА Пациентот бил Британец и починал лани

Постојаните инфекции како оваа сè уште се ретки, велат лондонските лекари. Повеќето луѓе природно го отстрануваат вирусот, но пациентот имал сериозно ослабен имунолошки систем.

261

Лекарите од Обединетото Кралство веруваат дека ја документирале најдолгата инфекција со ковид досега, Тие  лекувале човек кој имал забележливи нивоа на вирус повеќе од 16 месеци, или вкупно 505 дена, пишува Би-Би-Си. Тоа е скоро година и пол. Неименуваниот поединец имал други основни медицински состојби и починал во болница во 2021 година.

Постојаните инфекции како оваа сè уште се ретки, велат лондонските лекари. Повеќето луѓе природно го отстрануваат вирусот, но пациентот имал сериозно ослабен имунолошки систем.






Пациентот првпат го фати коронавирусот на почетокот на 2020 година. Имал симптоми и инфекцијата била потврдена со ПЦР тест. Во следните 72 недели, пациентот многу често доаѓал и си заминувал од болница за рутински прегледи. Околу 50 пати во тој период, пациентот бил позитивен на тестови за ковид-19.

Лекарите од Кралскиот колеџ во Лондон и Фондацијата Гај и Сент Томас НХС, велат дека деталната лабораториска анализа покажала дека станува збор за иста, постојана инфекција, наместо повторени напади.

Пациентот не можел да ја победи инфекцијата, дури и откако му биле дадени антивирусни лекови. Сепак, ова е различно од „долгиот ковид“, каде што симптомите продолжуваат по исчезнувањето на инфекцијата.

Наодите за оваа неверојатно долга инфекција ќе бидат презентирани на Европскиот конгрес за клиничка микробиологија и заразни болести. Во тимот на докторите кои ќе презентираат е и д-р Лук Благдон Снел. Тој за Би-Би-Си изјави:

– Тоа беа тестови со брис од грло кои беа позитивни секој пат. Пациентот никогаш немаше негативен тест. И можеме да кажеме дека е една континуирана инфекција бидејќи генетскиот потпис на неа, информациите што ги добивме од секвенционирањето на вирусниот геном, беше единствен и постојан кај тој пациент.

Добрата вест е што по рекордни 505 дена, вирусот кај пациентот не мутирал во некоја нова поопасна варијанта како што тоа беше случај со делта и омикрон-соевите.

Поврзани содржини