КАКВИ РЕЗУЛТАТИ, ТАКВИ ПЛАТИ Од НСДП предлагаат резултатите од меѓународните тестови да бидат репер за платите на наставниците
НСДП смета дека растот на платите треба да ги вклучи и резултатите кои учениците ги постигнуваат на некои од меѓународните тестови за проценки на образовни достигнувања, како што се ПИСА, ПИРЛС и ТИМСС тестовите.
НСДП има разбирање за барањата на СОНК за зголемување на платите, но цени дека понудените 10% од Владата треба да бидат прифатени од нивна страна и учениците веднаш да продолжат со редовна настава. Секое друго постапување на СОНК во однос на понуденото, ќе отвори сомнеж во јавноста, не за социјални, туку за политички мотиви за нивните ставови во однос на штрајкот во образованието, смета партијата.
„Како социјалдемократска партија го поддржуваме социјалниот дијалог и зголемувањето на платите, но воедно цениме дека треба да се уважат и реалните околности. НСДП е на ставот дека во овие моменти не треба да се третираат само социјалните аспекти на проблемот со платите во основното и во средното образование, туку треба да се оди чекор напред, да се почне да се бараат и резултати и да се решаваат суштинските проблеми. Затоа, НСДП смета дека Владата на Македонија во нејзините намери за воспоставување методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор, во делот на основното и средното образование, како референтна точка да ги вклучи и резултатите кои учениците ги постигнуваат на некои од меѓународните тестови за проценки на образовни достигнувања, како што се ПИСА, ПИРЛС и ТИМСС тестовите“, се наведува во соопштението на НСДП.
На овој начин, воспоставувајќи методологија на раст на платите втемелена и на објективни мерења на испорачани резултати, додаваат оттаму, ќе се зголеми и отпорноста на образованието кон политичките манипулации и инструментализации во делот на тоа што е прифатливо, а што неприфатливо ниво на раст на платите на наставниците.
„Стихијното решавање на социјалните проблеми во образованието не претставува суштинско третирање и на проблемот кој со години наназад го разјадува македонското општество. Веднаш е потребен системски одговор и на суштинското прашање: Зошто нашите ученици кога ќе подлежат на меѓународни стандарди на проверка на нивните способности, знаења и вештини кои ги стекнале во училиштата, подучувани од наставниот кадар кој деновиве штрајкува, секогаш имаат потпросечни резултати?“, прашува НСДП.