СО ЦАРИНА ИЛИ БЕЗ МАСЛОТО ЗА ЈАДЕЊЕ ГО НЕМА ВО МАРКЕТИТЕ Производителите велат побарувачката e двојно зголемена

Производителите на масло за јадење во земјава велат дека укинувањето на царината за увоз нема да ја промени моменталната ситуација на пазарот, без стабилизирање на цената на маслото согласно реалните берзански цени.

755

Дали последната мерка на владата за бесцарински увоз на масло за јадење и ограничената продажба во маркетите ќе ја промени сликата во продавниците каде што полиците определени за овој производ најчесто се празни, а цената расте со секоја набавка?

Компаниите производители на масло за јадење во земјава велат дека мерката нема да ја промени моменталната ситуација на пазарот без стабилизирање на цената на маслото согласно реалните берзански цени и ограничување на продажбата во маркетите. Дел од нив, имаат проблем и со набавка на суровина за производство (сурово сончогледово масло) поради забранетиот извоз од Србија, а дополнителни количини не можат да набават од други земји.






Владата ја укина царината за увоз на масло за јадење како мерка со која очекува да се стабилизира пазарот на овој производ поради зголемената побарувачка од граѓаните кои изминатиот период ги празнат полиците во маркетите од страв дека нема да ја има оваа намирница. Со ваквата мерка од владата очекуваат и цената на маслото за јадење да се намали за најмалку 20 отсто, бидејќи досега за овој производ се пресметуваше царина по стапка од 29 отсто.

Претходно владата ја укина и маржата за овој производ, па очекувано е дека покрај паниката кај граѓаните и трговците да се причина за предизвиканата криза со снабдувањето со масло за јадење бидејќи немаат есап да го продаваат. Тие изминатиов период молчат околу овие владини мерки. Дел од нив, се обидоа да ја ограничат продажбата поради паниката на граѓаните, но беа казнети од инспекторите.

Денеска, пак, министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека е одлучено да се ограничи продажбата на сончогледово масло за јадење во трговските објекти.

Компаниите производители на рафинирано масло за јадење сметаат дека мерката за увоз на масло без царина нема да влијае на моменталната ситуација на пазарот, бидејќи вистински излез од кризата со високата цена на маслото за јадење може да има само со стабилизирање на цената согласно реалните берзански цени.

– Излезот од моменталната криза го гледаме во стабилизирање на цената на маслото согласно реалните берзански цени. На долгорочен период кризата за храна допрва почнува и единствениот излез го гледаме во домашно производство на суровина односно сончогледово семе и намалувањето на зависноста од увоз за овој основен прехранбен продукт. Ние како единствена фабрика во државата за преработка на сончогледово семе последниве години водиме кампања за враќање на сончогледот на македонските полиња со договорно производство и финансирање на семенскиот материјал и гарантиран и навреме исплатен откуп на сончогледот. Нашиот капацитет за преработка на семе е доволен за задоволување на потребите на пазарот од сончогледово масло за јадење за 11 месеци во годината – велат од „Кристал 1923“-Велес.

Сашо Наумоски, генерален извршен директор на „Витаминка“ од Прилеп во чиј состав работи фабриката за масло за јадење „Брилијант“ вели дека прво е потребно да се тргне рампата за увоз од Србија за да се овозможи увоз на сурово масло, да се ограничи продажбата на масло за јадење во продавниците, а потоа да се размислува за зголемување на производството на сончоглед во земјава.

– Ургентно е потребно тргање на рампата и обезбедување непречен проток и увоз од Србија, што верувам дека може да се случи секој момент, исто така решение што веднаш ќе даде резултат е ограничување на продажбата. Затоа што ако нема непотребно купување големи количини од странски државјани како и складирање количини од нашите граѓани, македонските производители можат редовно и доволно да го снабдуваат пазарот. А како решение на подолг период секако е обезбедување поголемо домашно производство на сончоглед. Во секој случај проблемот побрзо би се решил кога Владата би соработувала со нас и да ни помогне на нас производителите за снабдување со сурово масло, да се обезбедат средства затоа што сите се соочуваме со недостиг на обртен капитал затоа што сега цената на суровината е четири пати повисока – вели Наумоски.

Според него, и покрај бесцаринскиот увоз тешко оди набавката на сурово масло за јадење бидејќи и европските земји го немаат, а договореното со партнерите во Србија не може да стигне поради забраната за извоз од страна на Србија.

– Вообичаено работиме на принцип на предвремена набавка на суровини што го обезбедува тековното производство за следните неколку месеци и моментално имаме производство и го снабдуваме пазарот со потребните количини. Во моментов веќе е договорена и поголем дел платена количина од 4 500 тони од српски партнер, за што чекаме да биде дозволен извоз. А за да не дојде до недостиг на масло за јадење во следниот период, се трудиме да најдеме начини за обезбедување суровина од Бугарија, Украина, Романија. Иако овие пазари се поскапи, сепак во моментов се единствената опција. Затоа, за да нема влијание врз крајната цена на маслото за нас приоритетен пазар е српскиот – вели Наумоски.

Од „Кристал 1923“, пак, велат дека моментално немаат недостиг на суровини бидејќи ги увезуваат од Бугарија.

– Во моментов „Кристал 1923“ – Велес како единствен производител на масло од сончогледово семе во земјава и еден од трите производители на рафинирано масло за јадење нема недостиг на суровини. Моментално истите ги увезуваме од Бугарија – велат од компанијата.

И од двете компании велат дека потрошувачката на масло за јадење во земјава е двојно, а во одредени периоди и тројно зголемена, но дека и покрај тоа тие редовно го снабдуваат домашниот пазар со овој производ.

– Редовно и континуирано го снабдуваме пазарот и со зголемување на побарувачката и ние го зголемивме производството. Ако вообичаено трошевме по 1000 тони месечно, сега со зголемената побарувачка, потрошувачката е двојно зголемена. Моменталната потрошувачка на дневно па и неделно ниво е тешко да се предвиди, само во овие 13 дена од април имаме три пати повеќе продадено од истиот период лани. Тешко е да се предвиди затоа што постојано се менува а голем удел во тоа има и фактот што освен нашите граѓани, кои панично купуваат, затоа што маслото кај нас има најниска цена, чест е случајот да доаѓаат од Грција, Бугарија и Албанија и да купуваат големи количини масло за јадење. И затоа можеби Владата треба да размисли да воведе ограничување на продажбата во продавниците – вели Наумоски.

Тој додава дека поради недостиг на масло за јадење и во другите европски земји компанијата има барање за извоз од некои од нив.

– Сите земји во ЕУ имаат недостаток на масло за јадење и таму цените се многу повисоки од кај нас и затоа ние секојдневно имаме барања за извоз од Италија, Австрија, Германија, Грција … – вели Наумоски.

Од Министерство за економија при објавата на одлуката за укинување на царината најавија дека сончогледово масло ќе се увезува од Турција и од Бугарија. Се очекува во текот на неделава Србија да ја повлече забраната за извоз со што ќе се подобри состојбата со снабдувањето.

„Потребата да се укине царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење до 31 мај 2022 година е да се задржи тековната состојба на домашниот пазар од можноста на сериозни нарушувања поради недостаток на стоки, неопходно потребни за производството, преработката и за животот и здравјето на граѓаните, до новата реколта, како и дополнителен стимул за одржување на снабдување на домашниот пазар од растот на цените“, ја појасни владината одлука министерот за економија Крешник Бектеши.

Според него, целта мерката е заштита на домашниот пазар и граѓаните во време на криза за да се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните.

Тој денеска соопшти и дека вчера е одлучено да се ограничи продажбата на масло за јадење во трговските објекти.

– За да се одржува тековната состојба на домашниот пазар со масло од сончоглед за јадење во продавниците и да се избегне нарушувања од непотребна појава на недостаток на масло од сончоглед за кај трговците на мало, ограничувањето по купувач ќе важи до 31 мај 2022 година – наведе во соопштението Министерството за економија.

Поврзани содржини