ПОДГОТВЕНИ СМЕ ЗА СИТЕ СЦЕНАРИЈА ЗА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА Пендаровски порача дека засега нема опасност по територијалниот интегритет на Македонија

Во однос на тензиите на украинско-руската граница, Пендаровски изјави дека Македонија како земја членка на НАТО ги направила сите неопходни подготовки за можните сценарија во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните во овој регион, за кој рече дека останува потенцијално високо ризична зона.

347

Безбедносната состојба во земјата е стабилна и засега нема индиции кои би укажувале дека би можело да дојде до загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, информираше по денешната 14-та Седница на советот за безбедност, претседателот Стево Пендаровски.

Во однос на тензиите на украинско-руската граница, Пендаровски изјави дека Македонија како земја членка на НАТО ги направила сите неопходни подготовки за можните сценарија во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните во овој регион, за кој рече дека останува потенцијално високо ризична зона.






– Ги поздравуваме дипломатските напори на различни нивоа, кои ги преземаат главните фактори во меѓународната заедница, со кои им се дава шанса да дијалогот и преговорите, а не на оружјето и воинствената реторика – изјави Пендаровски.

Во тој дел од светот, нагласи Пендаровски, има мали симболични знаци за деескалација на реториката во изминатите неколку денови, но се уште е рано да се прогнозира како ќе се одвиваат настаните понатаму.

Не треба, посочи Пендаровски, да се верува во пропагандите дека НАТО како Алијанса ќе се ангажира на украинска територија во случај ако „Русија би напаѓала“, нагласувајќи дека „тоа нема да се случи“.

– НАТО како Алијанса досега нема донесено одлука за свое борбено учество во Украина. НАТО, нема ниту да донесе одлука за борбено учество на Алијансата во Украина. Сосема независно како ќе се одвива развојот на настаните таму. Зошто? Затоа што, според Вашингтонскиот договор, Членот 5, само нападот врз една членка се смета за напад врз сите и само, само во тој случај, сите други се обврзани да помагаат и со борбени трупи – изјави Пендаровски.

Пендаровски, посочи дека тоа што сега се прави, е „генерирање на сили“, односно дека НАТО во случај на кризи на своите граници кои може да ескалираат во нешто покрупно, посериозно е должна да разработи неколку сценарија.

– И тие велат – во случај да има вакво ниво на конфликт, што вие ќе понудите како членка на НАТО, на што сте обврзани. Значи, само во таа смисла се зборува за подготвеност или кревање на нивото на мобилност на Армијата. Но, не е, ниту било, ниту ќе биде, во смисла да се учествува со борбени трупи на територија на држава која не е членка на Алијансата – изјави Пендаровски.

Во однос на состојбите на регионот, Советот заклучи дека со засилената дипломатска активност на меѓународната заедница во последниот период, тензиите се делумно намалени, со што се отвора простор за повторно воспоставување на дијалогот како единствен начин за надминување на проблемите.

На седницата на Советот, во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, освен редовните членови на претседател на Собранието, Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски, министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министер за одбрана Славјанка Петровска, министерот за надворешни работи Бујар Османи, професорор на Правниот факултет „Јустинијан I“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Ненад Марковиќ, професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа Ветон Љатифи и поранешниот министер за одбрана и универзитетски професор Трајан Гоцевски, на покана на шефот на државата присуствуваа и директорор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, директорор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски и генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот на АРМ.

Поврзани содржини