ТЕНДЕНЦИЈА ЗА СВЕДУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА НА МАЛЦИНСТВО? Пазарџиската политика на ДУИ се крие зад т.н. права на Албанците
Пред неколку дена Груби одговарајќи на предлогот од ВМРО-ДПМНЕ, за реформи во законот на избори со кои се предвидува една изборна единица и намалување на бројот на пратеници, даде контроверзна изјава која ги разбранува духовите.
Изјавата на вицепремиерот Артан Груби, околу тоа дека ДУИ е подготвена да разговара за промена на изборниот модел и да се согласи на промена на Уставот само доколку се укине ограничувањето на 20 проценти за употребата на албанскиот јазик, предизвика остра реакција кај опозицискиките партии од т.н. макeдoнски политички блок.
Пред неколку дена Груби одговарајќи на предлогот од ВМРО-ДПМНЕ, за реформи во законот на избори со кои се предвидува една изборна единица и намалување на бројот на пратеници, даде контроверзна изјава која ги разбранува духовите.
– Ме радува фактот што опозицијата или најголемата опозициска партија е подготвена за отворање на Уставот. Во тој случај имаме ние и други теми кои треба да се вклучат во овие уставни измени, како што е спорот со Бугарија или вклучувањето на бугарската, хрватската, црногорската заедница и укинување на ограничувањето од 20 проценти за употреба на албанскиот јазик. Отворени сме за таа идеја и да ја збогатиме со други дополнителни идеи за да ги заокружиме сите отворени прашања – рече Груби.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека ваквиот начин на комуницирање на функционерите на ДУИ е поврзан со пазарџискиот менталитет воспоставен во владината коалиција.
„Ова нивно барање е, пред сѐ, поврзано со пазарџискиот менталитет застапен на коалицијата на власт, и помислата дека по истите принципи би се пазарале за некои нивни барања и со ВМРО-ДПМНЕ. На маса е предлог за намалување на бројот на пратеници, а со тоа и намалување на трошоците за граѓаните, како и една изборна единица што и беше барање на помалите партии од власта. Ако од ДУИ се против повеќе функционална демократија тогаш тоа треба јавно да го кажат. Инаку сосема е јасно кога ДУИ не се екологисти сакајќи да се додворат и прикажат за некаква квази напредна опција, тие се редовни тендерџии кои се занимаат со криминал, кој го споделуваат со партнерите од СДСМ. И затоа секогаш кога се фатени во тесно, тие се покриваат со некаков патриотизам, права на Албанците и слични теми, кои во реалноста ни одблиску не ги засегаат до степен приближен како што се заинтересирани за криминалот“, за Плусинфо велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија порачуваат дека немаат проблем со правата на Албанците, но им пречи дволичноста од ДУИ, од каде го одбија предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за премиер Албанец.
„Кога на маса имаше предлог за премиер Албанец, ДУИ го одби. Немаат право на национализам и поделби за тендери, народот се обединува против тендер коалицијата ДУИ-СДСМ и ќе ги порази на избори“, додадоа од најголемата опозициска партија.
Против предлогот на Груби се и од Левица. Од оваа партија ни рекоа дека правата на Албанците не би смееле да бидат предмет на пазарење и уцени, туку здобивањето на малцинските права треба да се одвива во природен демократски процес.
– Во секоја земја има една нација и еден јазик кој ги обединува малцинските групи. Тенденцијата е македонската нација да се сведе на етничка група, а државата влегува во процес на „дејтонизација“ по примерот Босна и Херцеговина. Никој не ги спори правата на Албанците и тие права не би требало да се предмет на уцени и на пазарења. Албанците и Србите имаат свои матични држави, а во Македонија треба да говориме за малцински права на припадниците на овие народи. Би сакала да го прашам Артан Груби, зошто по 20 години силеџиска политичка борба на ДУИ, голем број Албанци и натаму масовно се иселуваат во земји како Германија и како Швајцарија, каде не се говори на албански јазик во државните институции – прашува Јована Мојсовска, член на Президиумот на Левица.
Од СДСМ ја истакнаа потребата од консензус на сите политички партии.
„Ова е уште еден аргумент зошто е потребен поширок политички консензус во државата. Деновиве јавноста е сведок дека ВМРО-ДПМНЕ отвора едни исти теми. Тоа е поради две причини, прво затоа што работата на градоначниците од ВМРО-ДПМНЕ е катастрофална и второ затоа што немаат ниту една политика, предлог, решение или мерка за проблемите на граѓаните. Ставот на СДСМ е јасен, за било какви измени на изборниот модел, иницијативи за Уставни измени или слично, потребен е широк полтички и општествен консенсуз. Изборите ќе бидат во 2024 година, така има време доволно“, се вели во одговорот на СДСМ.
Во меѓувреме се огласи и премиерот Димитар Ковачевски, кој истакна дека СДСМ е прва која го поддржа предлогот на помалите политички партии за една изборна единица, и рече тоа е нивна програмска определба.
– Не може да биде предлог на ВМРО-ДПМНЕ, туку на СДСМ. Тие се сега гласни по тоа прашање зашто со ништо не се занимаваат освен со барања за предвремени избори, а нив ќе ги има во 2024 година. Несериозно е, зашто парламентарни избори имавме пред само една година, во 2020, кога се дефинираше комплетно легитимно парламентарно мнозинство кое сега е проширено со Алтернатива и има 64 пратеници во Собранието – рече Ковачевски.
Процесот за нов Изборен законик, односно на моделот на избори, рече Ковачевски, треба да биде прво во работни групи кои ќе го дефинираат, а притоа ќе бидат вклучени експерти и стручна јавност со цел да бидат видени, како што рече, сите предвидувања како ќе изгледа изборниот процес врв основа на претпоставен нов изборен модел.