Вицепремиерот во заминување Никола Димитров вели дека решил сега да зборува затоа што гајлето кое го носел како член на Владата и дел од тимот што преговара со Бугарија, повеќе нема да може да го носи сам со оглед дека нема да биде во новата влада.
– Во битката внатре во два наврати бев принуден да се заканам со оставка, односно им реков ако одите по оваа линија, тоа ќе морате да го правите без мене, а јас ќе излезам надвор и ќе бидам гласен. Ова му го кажав и на премиерот и на министерот за надворешни работи – рече Димитров во емисијата „360 степени“.
Во одговор на критиките зошто молчел додека бил внатре во владата, Димитров вели дека воопшто не молчел туку не бил толку отворен затоа што битката ја водел внатре и тоа му била задачата.
– Ако сум дел од еден тим, за своите позиции морам да се борам внатре. И не е баш дека останав без ништо, па ајде сега ќе се лутам. Ако била приказната и мојата амбиција за функции, јас добив понуда за една од најпрестижните функции во македонската дипломатија, а тоа е да ја претставувам земјата во Вашингтон или ако не е Вашингтон дури и да си изберам земја или меѓународна организација каде сакам да работам. Јавноста треба да знае дека таа функција не е толку изложена на јавност, на притисок и на стресови, а има поголеми бенефиции и околу пет пати поголема плата од платата на член на Влада – рече Димитров.