ЕКОНОМСКОТО ЧУДОВИШТЕ ШТО СЕ ВИКА КИНА Еве ја приказната на социјализмот кој се претворил во капитализам
Кинезите постојано ја туркаа својата идеја за еден голем пазар од 1,3 милијарди жители. Со невидена енергија тие организираа делегации во други земји, беа домаќини на конференции, па дури и на цели изложби, сè за да ги убедат странските инвеститори дека Кина е местото во кое едноставно мора да инвестираат.
Од комунистичкиот режим на Мао Це Тунг кој убил повеќе луѓе од Хитлер и Сталин заедно, па сè до прва економија во светот, која освен фабрики и патишта извезува идеи и нова технологија. Кина оваа 2021 година и официјално ја надмина САД, а економската ѓурултија со која ги спои социјализмот и слободниот пазарен капитализам претседателот Кси Џинпинг ја нарече со едноставно име: „заеднички просперитет“.
За Кси ова ново кинеско „братство и единство“ е некој вид на баланс меѓу социјални мерки за редовни пензии и поголеми плати од една и приватни бизниси ослободени од ланците на наметливата држава, од друга страна, пишува Атлантик. Но, ако земеме дека најбогатите 10 отсто од Кинезите ги зголемиле своите приходи од 28 на 41 отсто меѓу 1978 и 2015 година, тоа личи на обичен капитализам кај што малцинството се збогатува.
Сепак, јазот меѓу богатите и сиромашните е многу поголем во САД и европските земји. Тоа значи дека кинеската машина успеала да се одржи на нозе и да оди напред, неуморно отворајќи нови зони, одобрувајќи инвестиции и изградба на патишата и да измислува начини како парите да се свртат. Заштедата од платите на работниците целосно се користи за инфраструктура, а големата дијаспора и студентите се главниот мотор на новата успешна приказна.
Кога режим ќе каже има да расте економијата
И покрај тоа што беше заглавена во социјализмот, кинеската Влада отсекогаш беше посветена на економијата. Уште од 1970-тите години, лидерот Денг Ксијаопинг изјави дека земјата работи на раст без разлика на идеологијата или на тоа кој е на власт.
Ксијаопинг полека го воведуваше слободниот пазар, а мораше да раскине со црвената буржоазија на комунистите. Тој тогаш призна дека некои поединци и делови од земјата ќе мора да се збогатат пред другите ако нацијата сака да напредува во целина.
Во децениите оттогаш, иако кинеската влада промовираше програми за ублажување на сиромаштијата и развој на посиромашни провинции, таа во голема мера дозволи милијардите да паднат каде што можат.
Патиштата и цевките се прават од платите на работниците
Друга причина зошто Кина е успешна е затоа што земјата знае да штеди и да ги врти заштедените пари. Целта плата која ја добиваат работниците е концентрирана во четири големи државни банки. Овие пари потоа Владата ги користи за да финансира клучни проекти. Всушност, речиси 85 отсто од кинеската инфраструктура, патишта, цевки, осветлување и мрежа се исплаќа од овие пари.

Странски инвестиции се привлекуваат со згодни женски
Изненадувачка е стратегијата на Кина да ги привлече странските инвестиции преку тоа што ќе промовира згодни манекенки како што беа Шенжен и Џангјанг за да бидат „лице на економијата“. Аеродромите во Пекинг и во Шангај, Финансиската улица во Пекинг и развојната зона Пудонг се неколку примери за тоа како Кина се покажа пред странците, со таков успех што луѓето лесно носеа одлука за формирање свој бизнис таму.
Отворени врати и внимателен маркетинг
Кинезите постојано ја протежираа својата идеја за еден голем пазар од 1,3 милијарди жители. Со невидена енергија тие организираа делегации во други земји, беа домаќини на конференции, па дури и на цели изложби, сè за да ги убедат странските инвеститори дека Кина е местото во кое едноставно мора да инвестираат бидејќи земјата е стабилна, има политика на отворени врати и е посветена на воведување реформи, иако во реалноста таа остана социјалистичка.

Брзи економски зони и лесни даноци
Кина предничи пред многу земји во брзината со која одобрува нови инвестиции, странски или домашни, како и на нова инфраструктура. Оваа брзина оди рака под рака со планот да се градат економски слободни зони и посебни зони за висока технологија. Земјата мораше да направи даночни стимулации за овие зони и да биде флексибилна, што е одлика на новиот капитализам, а не на социјализам.
„Бизнис над сè“ е новото „братство и единство“
Кина не дозволи разликите во идеологијата, културата, политичките ставови или локалните чувства да влијаат на нејзините деловни перспективи. На каналите на извоз, инвестиции и технологија отсекогаш им се давало примарна важност пред сите други размислувања и веројатно тоа е она што направи во мир да живеат режимскиот и капиталистичкиот сегмент.
Дијаспора која дава … и дава уште повеќе
Кинеската дијаспора брои 60 милиони луѓе низ целиот свет. Државата реши да им даде разни бенефиции за да ги намами да инвестираат во својата матична земја. Резултатот беше тоа што Јужна Кина која беше понеразвиена успеа да процвета само поради овие напори.

Сè е направено во Кина
Има причина зошто сè е „Произведено во Кина“. Земјата се позиционираше како производствен центар, за возврат обезбедувајќи вработување на своите луѓе. На почетокот Кинезите работеа за екстремно мали плати па успеаја да ги намамат американските корпорации да ги отворат своите најзначајни подружници таму и да зависат од работната сила. Но, Кина истовремено е извор и на многу стручни лица и инженери кои сè повеќе фалат во САД, па компании како Епл целосно ги полагаат своите надежи во паметните луѓе преку океанот. Најпосле и тие не работат за мали плати како некогаш, а оттогаш сè веќе не се прави во Кина.
Бенефиции за студенти само и само за да се вратат во Кина
Некои мислат дека Кина најмногу инвестира во оружје или во инфраструктура, но земјата реши да ги пренасочи своите пари за да им помогне на студентите да напредуваат во компјутерските науки, биотехнолошкиот инженеринг, во правото, економијата и менаџментот. Истовремено, земјата им допушта на младите да студираат во странство, но со разни бенефиции ги поттикнува дипломираните да се вратат дома.