НИКОЈ НЕ ЗНАЕ ВО КАКВА СОСТОЈБА Е ТЕЦ НЕГОТИНО И најмал дефект би можел да предизвика хаварија

Експерти велат дека пред да се пушти во работа ТЕЦ Неготино треба да се изврши целосен технички преглед на сите делови од централата за да не се случи потоа хаварија.

1,496

Владата најави дека ќе ја искористи енергетската „ладна резерва“ ТЕЦ Неготино за да го намали ударот од енергетската криза. Планирано е термоелектраната да се активира од декември и да работи до април следната година, за што дополнително треба да се набави мазут, бидејќи моменталните резерви изнесуваат  околу 17.000 тони и се дел од државните резерви. Овие количевства ќе бидат потрошени за само две недели, ако се знае дека дневно за централата ќе се користат по 1.200 тони мазут.

Најавено е дека тендерот треба да го распише ЕСМ, а првиот контингент ќе го плати Владата. Сè уште не се знае кога ќе биде објавен тендерот за обезбедување мазут за работа на термоелектраната во периодот во кој е планирано да работи.






Владата, како што велат оттаму, ќе ја помогне набавката на мазут потребен за период од еден месец, во што ќе учествува и ЕСМ со свои средства. Обратните средства кои ќе се остварат со производството на електрична енергија во првиот месец, ќе бидат искористени од страна на ЕСМ за набавка на мазут за понатамошно производство, доколку од истото има потреба.

– Целокупниот процес на рестартирање на ТЕЦ Неготино ќе подлежи на пробен период и проверка на функционалноста на опремата – велат од Владата.

Оттаму велат повеќе информации околу техничката подготвеност на термоелектраната треба да дадат од ТЕЦ Неготино, но од термоелктраната засега нема никаква информација во каква состојба е термоелектраната и дали може да се вклучи во електроенергетскиот систем во толку краток рок по долгогодишното неработење.

Експертите од енергетиката велат дека не треба да се брза со ставањето во погон на термоелектраната бидејќи таа не работела од 2007 година. Пред тоа треба да се изврши добра техничка проверка, иако се претпоставува дека редовно била одржувана бидејќи државата годишно за нејзино одржување вложува по околу 3 милиони евра и постојат протоколи за одржување за време на конзервација кои предвидуваат и еднаш годишно да се активира.

Спиро Мавровски кој во секторот енергетика е 35 години и е поранешен директор за производство во РЕК Битола, вели дека пред да се пушти во работа ТЕЦ Неготино треба да се изврши целосен технички преглед на сите делови од централата за да не се случи потоа хаварија.

– Не знам во каква состојба е моментално термоелектраната и не сакам да шпекулирам околу тоа, но без целосна техничка проверка на сите нејзини делови таа не треба да се пушта во електроенергетската мрежа. Не треба да се брза со нејзино активирање. Раководниот и технички тим на термоелектраната треба да каже дали е можно нејзино активирање, пред да се случат хаварии, не само во неа туку и во системот па да се најдеме во полоша состојба отколку да задоцниме со нејзиното активирање. Колку што разбрав планирано е активирање на двата блока, а за проверки е кусо времето ако се планира пуштање од 1 декември – вели Мавровски.

Тој предлага да се активира целиот расположив човечки потенцијал кој добро ја познава проблематиката за да може успешно и во кус рок да се изврши технички прием на ТЕЦ Неготино.

– Беше најавено дека ќе се ангажира кадар од РЕК Битола да помогне, но јас мислам да се ангажираат и други луѓе за да се провери секој детаљ во производниот дел на термоелектраната пред да се пушти во производство. Зашто колку и да била одржувана таа не е вклучена да работи од 2007 година, односно 14 години, па можно е да се истрошени некои делови, можеби ситници кои би придонеле за хаварија при активирањето. Сметам дека треба да се вклучи во системот кога ќе бидеме сигурни дека таа е технички исправна и подготвена за работа – вели Мавровски.

Според него, порано термоелектраната се вклучувала во системот почесто, но зошто од 2007 година не е активирана ниту еднаш не може да каже.

Според него, добро е што ќе проработи термоелектраната бидејќи цената на струјата што ќе ја произведува ќе биде за најмалку 100 евра поевтина од цената на електричната енергија на берзите.

И професорот Константин Димитров вели дека техничка контрола треба да се направи пред да се пушти во работа термоелектраната, но тој вели дека тоа треба да се направи контрола на заштитните елементи кои се најважни.

– Да бидам појасен, не се проблем ’рѓосаните делови, тие ќе се исчистат, туку се проблем најпотребните делови, а прво и најважно е да се проверат заштитните елементи. Се надевам дека изминатите години додека термоелектраната беше конзервирана вработените во ТЕЦ Неготино ги вршеле контролите редовно како што бараат протоколите за тоа и еднаш годишно ја активирале. Техничката контрола може да се заврши брзо, ако тоа било редовна практика и ако сега работниците работат во три смени и имаат испомош од искусен технички кадар од РЕК Битола. Протоколите се јасни што треба да се контролира, односно да се види секој дел дали е во добра состојба. Најзначајно сега е да се проверат заштитните елементи. Евентуален застој на проверките би имало само ако откажале некои делови од заштитата бидејќи набавката на нови е побавна. Сепак сметам дека искусни луѓе, а верувам дека ги има во нашиот енергетски систем, ќе помогнат да се премостат и таквите недостатоци за да се почне со производство во планираниот рок – вели Димитров.

Одговори за овие и други прашања се обидовме да добиеме од генералниот директор на компанијата, но тој на телефонските повици не се јавува. Не добивме одговор ниту на прашањата испратени на официјалниот мејл на ТЕЦ Неготино. Сакавме да добиеме појаснувања во каква состојба моментално се наоѓа термоелектраната, дали и за колку дена има обезбедено мазут, колку често се правени технички проверки додека термоелектраната била вон функција.

ТЕЦ Неготино е втор најголем енергетски капацитет во земјава по РЕК Битола. Изградена е во 1987 година кога е и првпат синхронизирана во електро енергетскиот систем на тогашното ЕСМ. Главен енергенс на кој работи е мазутот со можност да се пренамени на гас.

Термоелектраната има производствена моќност од 195 мегавати и максимална моќност од 210 мегавати. Централата дневно може да преработи 1.200 тони мазут и од него за 24 часа да произведе 4.680 мегават-часови електрична енергија, со што може да се задоволат дури 20 отсто од македонската потрошувачка на електрична енергија.

Годишниот капацитет на термоелектраната изнесува 1.200 гигават часови произведена електрична енергија при работа од 7.000 погонски часови. За ова производство се потребни околу 300.000 тони мазут.

Според основниот концепт за изградба на термоелектраната таа треба да има два блока со моќност од по 210 мегавати, со тоа што изградбата би се одвивала во две фази: првата фаза предвидувала изградба на еден блок од 210 мегават часови со сета придружна инфраструктура за два блока (оџак, црпна станица за разладна вода, мазутно стопанство, постројки за хемиска подготовка на водата, помошна котларница) и втора фаза изградба на втор блок од 210 мегавати. Реализирана е само првата фаза т.е изградба на постојниот блок од 210 мегаватчасови со сета придружна инфраструктура така што сега на оваа локација инфраструктурата овозможува изградба на уште еден блок од 210 мегавати, на погонско гориво мазут, јаглен или гас.

Последната информација за бројот на вработени е 200 работници.

Во изминатиот период имаше различни експертизи за опстојувањето на овој енергетски објект од негова пренамена на гас па се до продажба на странски инвеститори, но тој остана „ладна резерва“ на енергетскиот систем која ретко се активираше до сега.

Термоелектраната, според графиконот објавен на веб страницата, редовно работела до 1989 година. Потоа се одржува на ниско производство се од 1090 година кога повторно е активирана се до 2003 година. Последен пат во системот е вклучена во 2005 година и од тогаш воопшто не е користена, односно е конзервирана.

Досега се направени три неуспешни обиди за продажба на термоелектраната. И оваа влада неодамна најави дека планира да ја отуѓи по пат на јавно-приватно партнерство, но по се изгледи се откажа откако почна енергетската криза. Владата во програмата имаше план да ја приклучи ТЕЦ Неготино и на гасоводот Неготино – Битола, а во игра беше и гасоводот од Грција.

Термоелектраната е во државна сопственост, но не добива средства директно од буџетот на државата. Таа има договор со операторот на преносниот систем на електрична енергија, МЕПСО, за обезбедување на услуга за резерва на моќност, и за таа услуга одобрените трошоци од Регулаторната Комисија за енергетика се на висина од околу 3 милиони евра на годишно ниво.

Имаше и предлог овој производствен капацитет да стане дел од ЕСМ.

Со последната одлука за нејзино активирање владата даде согласност да се склучи договор за деловно-техничка соработка меѓу АД ЕСМ и АД ТЕЦ Неготино за набавка на мазут и за производство на електрична енергија, во периодот декември 2021 година до април 2022 година, со можност за понатамошна соработка доколку за тоа има потреба.
Според овој договор, кој ќе ги регулира правата и обврските на двете страни, АД „ЕСМ“ ќе ја набави потребната количина мазут за функционирање на ТЕЦ Неготино и ќе ја преземе целокупната произведена електрична енергија.

Поврзани содржини