Македонија и тежиштето на ЕУ кон југ

За Македонија, пред чии аспирации кон евроинтеграциите, Бугарија и понатаму се испречува агресивно со тврда блокада, посебно се важни заложбите на Макрон, кој се откажа од своето претходно вето на ЕУ-проширувањето и неодамна побара отворање на преговорите со Македонија и Албанија до крајот на декември годинава, а дотогаш Софија и Скопје да постигнат договор за бугарското вето.

1,038

Францускиот претседател Емануел Макрон и италијанскиот премиер Марио Драги деновиве ќе потпишат договор за кој очекуваат дека ќе ја префрли рамнотежата на моќта во рамки на ЕУ кон југот на Европа, откако Ангела Меркел годинава ќе се пензионира и повлече од функцијата канцелар. Двајцата лидери се очекува во Рим да ги стават своите потписи на документот што се смета дека ќе биде историска спогодба.

Стратегијата на Меркел, преку нејзината политика на посредување и компромиси околу тешки прашања, во основа беше дека обединета Европа е добра за Германија. Затоа и се смета дека изборите во Германија, и изборот на нов канцелар, имаат решавачко значење за Европа, бидејќи е неоспорен фактот дека Германија е најголемата и економски најсилна членка на европската соработка. Таа нејзина улога се засили во последните години, делумно преку поддршката на проширувањето на ЕУ со нови членки, а делумно и преку Брегзит, кога Велика Британија исчезна од ЕУ.






За Македонија, пред чии аспирации кон евроинтеграциите, Бугарија и понатаму се испречува агресивно со тврда блокада, посебно се важни заложбите на Макрон, кој се откажа од своето претходно вето на ЕУ-проширувањето и неодамна побара отворање на преговорите со Македонија и Албанија до крајот на декември годинава, а дотогаш Софија и Скопје да постигнат договор за бугарското вето.

Таквите заложби на Макрон веројатно стануваа интересни и во светлината на новиот француско-италијански историски договор, со кој се очекува преместување на тежиштето на ЕУ. Деталите во врска со овој билатерален договор сè уште не се познати, но содржината се однесува на продлабочување на соработката во областа на економијата, трговијата, безбедноста и културата. Овој договор, веќе оценет како историски, ќе го замени исто така историскиот Елисејски договор, потпишан во Париз во 1963 година, како обид за надминување на долготрајните непријателства и создавање основа за пријателство и соработка меѓу Франција и Германија. Тој договор подоцна беше продлабочен во 2019 година, кога Макрон и Меркел го потпишаа Договорот од Ахен, кој се чини дека сега е стигнат до крајот на патот.

„Политико“ уште летоска пишуваше за ова можно ново политичко дуо и за нивниот поинаков лидерски стил, поаѓајќи од тоа дека Макрон и Драги изразуваат поголема волја да потрошат средства и да дејствуваат порешително, отколку што тоа го правеше поранешната алијанса Германија-Франција, а и двајцата лидери сакаат да видат една похрабра ЕУ во справувањето со предизвиците.

Но едновремено се предупредува дека богатите штедливи држави на северот на ЕУ ќе направат сè што е во нивна моќ за да ги ограничат издатоците наменети за европската финансиска соработка, додека пак земјите во Источна и во Централна Европа ќе продолжат да го предизвикуваат Макрон и неговата социјално-либералана политика, меѓу другото како отпор против екстремните појави на капитализмот и помалку ригорозниот однос кон користењето на даночните средства, со цел да се заштитат слободите, човечките права и еднаквите шанси за сите.

Во ЕУ моментно нема многумина подготвени да зборуваат, сè уште со извесен оптимизам, во прилог на поранешните прогнози на Европската комисија за прием на нови членки од Западен Балкан до 2025 година. Не е голем бројот ниту на оние кои сметаат дека тоа во најдобар случај би било можно по десетина години.

Но во разни земји-членки се зголемува бројот на парламентарни партии, пред сè, со екстремно десничарски и популистички профил, кои се противат дури и на отворањето предпристапни преговори со земјите аспиранти од Западен Балкан, иако се свесни дека процесот на преговри за членство би траел веројатно најмалку цела деценија.

Своето противење го оправдуваат со лошите искуства од досегашните кругови на проширување кон Источна Европа, имајќи предвид дека Унгарија и Полска упорно продолжуваат со кршење на принципите на владеење на правото, а членки како Романија и Бугарија воопшто не се прославија со спроведување на неопходните реформи откако беа примени во полноправно членство, така што и по една и пол деценија од зачленувањето и понатаму се убедливо најкорумпирани во ЕУ. Во дебатите во Европскиот парламент често се нагласува дека сите членки мора да ги почитуваат слободата, демократијата, еднаквоста и човековите права, вклучувајќи ги и правата на малцинствата. За Бугарија и за Грција, на пример, ова последното станува прилично напорно за слушање, кога се имаат предвид мошне ниските стандарди со кои им овозможуваат заштита на правата на сопствените малцинства.

Според критичарите, причините за противењето против натамошно ЕУ-проширување од страна на повеќе земји-членки се согледуваат во ставовите дека порано веќе се примени сиромашни земји врз мошне лабави основи. Неподготвени да функционираат во системот на европските вредности.

ЕУ се обидува да ги одржува во живот „европските перспективи“, без да каже кога членството за земјите во Западен Балкан би можело да биде актуелно. Истиот однос се применуваше и кон Турција, која најпосле се измори и му го сврте грбот на Брисел.

Дали новата франсуско-италијанска алијанса, освен што го преместува тежиштето и рамнотежата на моќта кон европскиот југ, ќе може да ги придвижи напред блокираните процеси, вклучувајќи го и проширувањето кон Западен Балкан, останува да се види.

Во спротивно, колку повеќе времето поминува, дотолку повеќе ќе се актуелизираат и нови идеи и размислувања. Балканот воопшто не е небитен кога станува збор за обидите и настојувањата на рускиот претседател Путин да ја дестабилизра Европа. Но дестабилизација на кој било од Западен Балкан би го зголемило ризикот од избувнување на голем регионален конфликт, што несомнено би имало силно влијание врз ЕУ, без оглед дали Брисел го сака тоа или не.

Поврзани содржини