ТАЗИ БРИМА НЕ Е БРИМА Дали Заев води во анкетите пред Мицкоски?

Единствена цел на оваа фингирана анкета на Брима е тешење на разочараното членство на СДСМ. Вистинската анкета за Зоран Заев и СДСМ ќе биде на 17 октомври, кога ќе го доживее најубедливиот пораз, токму од граѓаните, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

1,894

Агенцијата „Брима ДОО“ не е познатата агенција „Брима Галуп“, туку е фирма од Македонија основана од бугарскиот социолог Андреј Рајчев, а која спроведува анкети во континуитет по нарачки на премиерот Зоран Заев и преку медиуми блиски до власта. Ваква е реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако некои медиуми денеска пласираа резултати од анкетата спроведена од „Брима“, а кои прикажуваат дека Заев е скоро за 5 проценти попопуларен политичар од опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

„Повторно како и по кој знае кој пат, заради храбрење на членството и функционерите, СДСМ пушта наместени анкети преку агенцијата Брима. На јавноста добро ѝ е познато кој стои позади оваа агенција, главниот идеолог за отворање на бугарски универзитет во Македонија, Андреј Рајчев. А, зошто Бугарите форсираат дека Зоран Заев наводно ќе победи размислете сами“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по објавената анкета на „Брима“.






Од партијата прашуваат дали агенцијата „Брима“ изминатава година има земено над 120.000 евра од Владата на Зоран Заев за изготвување анкети кои ќе ја покажуваат розевата слика во Македонија?

„Патем, агенцијата Брима Доо од Скопје, не е светски познатата Брима Галуп, туку фирма од Македонија која е основана токму од бугарскиот социолог Рајчев која спроведува анкети во континуитет по нарачка на Зоран Заев, а преку медиуми блиски до власта. Зоран Заев соочен со целосен раскол и одбивањето на партиските организации да ги прифати кандидатите за градоначалници на Зоран и Вице, мора да пушта анкети на кои ќе се преставува како победник. Единствена цел на оваа фингирана анкета на Брима е тешење на разочараното членство на СДСМ. Вистинската анкета за Зоран Заев и СДСМ ќе биде на 17 октомври, кога ќе го доживее најубедливиот пораз, токму од граѓаните“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, резултатите од „Брима“ покажуваат дека Заев е најпопуларен политички лидер во земјава, кој со своите 11,8 проценти од поддршката на анкетираните убедливо води пред лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ужива 7 проценти популарност. Меѓу етничките албански политичари, пак, трката е нешто потесна, па лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со 5,9 проценти и првиот човек на БЕСА, Биљал Касами, со 4,4 отсто се најпопуларни, а по нив следуваат опозиционерите Зијадин Села од Алијанса за Албанците со 4,1 отсто и Африм Гаши од Алтернатива со 0,4 проценти.

Поврзани содржини