ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19 Нова алатка која ќе биде од голема важност за лекување
Алатката развиена со анализа на КТ скенирање на скоро 900 пациенти со ковид-19 кои биле дијагностицирани во 2020 година, може да ја предвиди потребата од респиратор со 84 отсто точност.
Вештачката интелигенција е важна алатка за лекарите, бидејќи ќе можат да испланираат како да се грижат за пациентот, а се разбира важна е и за пациентите и за нивните семејства, но исто така, од големо значење е и за болниците, бидејќи полесно ќе одредат колку респиратори ќе бидат потребни, изјави Анант Мадабхуши, професор по биомедицинско инженерство во Институтот Донел во „Кејс Вестерн Резерв“, пренесува РС Прес.
Мадабхуши се надева дека ќе ги искористи тие резултати за тестирање со компјутерски алатки во реално време на Универзитетската болница и Медицинскиот центар Луј Стоукс Кливленд, со пациенти кои боледуваат од ковид-19.
Доколку ваквиот начин биде успешен, рече тој, медицинскиот персонал во двете болници може да испрати дигитализирана слика за скенирање на градниот кош преку апликација, каде што вештачката интелигенција во „Кејс Вестерн Резерв“ ќе ја анализира и ќе предвиди дали на пациентот ќе му треба респиратор.
Сепак, речиси од почетокот на пандемијата, бројот на респиратори потребни за поддршка на пациентите ги надмина достапните резерви до тој степен што болниците почнаа меѓу себе да делат респиратори, односно со еден респиратор да дише повеќе од еден пациент.
Додека зголемувањето на стапките на вакцинација во 2021 година драматично ги намали стапките на хоспитализација поради ковид-19, потребата за респиратори повторно се појавува поради неодамнешното појавување на варијантата Делта, а тоа доведе до недостиг на респиратори во некои области на САД и во други земји.
Ова може да доведе до тешки одлуки, кој ќе добие најголема помош, а кој не, против оваа агресивна болест, рече Мадабхуши.
До денес, на лекарите им недостасуваше доследен и сигурен начин да идентификуваат кои новопримени пациенти со ковид-19 најверојатно ќе имаат потреба од респиратори. Ваквите информации би можеле да се покажат како непроценливи за болниците што управуваат со ограничени резерви на респиратори.
Истражувачите ги започнале своите напори да обезбедат таква алатка, преку проценка на првичните слики направени во 2020 година од речиси 900 пациенти од САД и кинескиот Вухан кои биле заболени со ковид-19.
Мадабхуши рече дека скеновите со помош на компјутер, односно вештачка интелигенција, откриле препознатливи карактеристики за пациенти кои подоцна завршиле на единицата за интензивна нега и им била потребна помош за дишење.
Истражувањето за оваа алатка за прв пат е објавено во списанието ИЕЕЕ за биомедицинска и здравствена информатика. Оваа алатка треба да им овозможи на здравствените работници да применуваат лекови или да започнат со интервенции порано, за да ја забават прогресијата на болеста, а ќе помогнат и при раната идентификација на оние кои се изложени на зголемен ризик од развој на тежок синдром на акутен респираторен дистрес или пак смрт.