БИЛ КОЗБИ ЈА СИЛУВАЛ ВО 2004 ГОДИНА Спортистката првпат проговори за неговото ослободување од затвор

879

Андреа Констанд, која го обвини комичарот Бил Козби за сексуален напад поради што заврши во затвор, првпат проговори за одлуката на судот славниот актер во јуни да биде пуштен на слобода.

– Бил Козби оди слободно, но тоа не го менува фактот дека луѓето поверуваа во моето сведочење – рекла таа за Ен-би-си и додала дека е шокирана и разочарана од одлуката и дека американскиот правосуден систем е погрешен.






Да потсетиме, Андреа го запознала Козби на Универзитетот Темпл во Филаделфија, каде што таа работела при кошаркарската програма, а актерот бил популарен дипломец и член на одборот.

Во своите мемоари „Моментот“ таа го опишала нивното пријателство и како една вечер во јануари 2004 година земала таблети кои тој ѝ ги понудил, верувајќи дека станува збор за билни медикаменти. Тогаш телото ѝ се вкочанило.

„Мојата неспособност да го контролирам своето тело беше застрашувачка. Со моите 182 сантиметри јас не сум ситна… Никогаш претходно, дури ниту како дете, не сум била толку физички исплашена од некој или од нешто. Но, сега немав контрола над екстремитетите“, напишала Констанд.

Козби тврдел дека се вљубил во Андреа, а адвокатите рекле дека станува збор спогодбена врска.

По полициската истрага локалниот обвинител одбил да го уапси Козби, а една година подоцна таа потпишала договор за тајност на податоците, кога поднела граѓанска тужба од 3,4 милиони долари.

Поранешната спортистка живеела во Торонто мирно сè додека обвиненијата за сексуално напаствување од повеќе од 60 жени против Козби не ја исфрлија во центар на внимание.

Андреа во 2017 година сведочела на првото судење на Козби, но и на второто во 2018 година кога поротата го осудила за насилство над жените и нивно дрогирање.

Осуден бил на 10 години затвор, а тоа било драматичен пад на комичарот кој бил познат како „американски татко“ поради угледот во јавноста.

Но, прославениот 84-годишен актер овој јуни бил ослободен откако судот во Пенсилванија ја укинал неговата пресуда.

Обвинителите во Филаделфија овој месец мора да одлучат дали ќе се жалат на Врховен суд во САД.

Андреа изјавила дека „отишла предалеку за да се врати на таа точка од својот живот“.

„Вредеше. Но, вредеше поради тоа што чувствував дека не сум сама. Цела заедница, цела армија на жени кои поминале низ истото, странци, семејства, пријатели, беа тука со мене“, додала таа.

Акцентирала дека и славењето на Козби и неговите пријатели поради излегувањето од затвор е одвратно.

„Но, не ме изненади со оглед на нивото на ароганција и недостаток на каење додека беше во затвор. Апсолутно не се кае за тоа што ми го направи. Тој е сексуален предатор кој е пуштен од затвор“, заклучила таа.

Фото: Инстаграм/Твитер

Поврзани содржини