ТАЛИБАНЦИТЕ ИМААТ ДВЕ ЛИЦА Со кабли тепале двајца новинари во затвор
Толку биле тепани што не можеле да одат, ги удирале со пушки, со нозе, ги камшикувале со кабли, ги плескале, од болка изгубиле и свест.
Талибанците се обвинети за тепање и приведување новинари кои известуваа за протестите во главниот град на Авганистан, Кабул, доведувајќи го под знак прашалник ветувањето за слобода на медиумите, пренесува Ал Џезира.
Талибанците привеле двајца новинари од „Етилаатроз“, Таки Дарјаби и Нематулах Накди, додека известувале за протестот на жените во Кабул во средата.
Двајца други новинари, Абер Шајган и Лутфали Султани, отишле во полициската станица заедно со уредникот на весникот, Кадим Карими, за да се распрашаат каде се нивните колеги, меѓутоа, во моментот кога стигнале во полициската станица, талибанците ги турнале и им удриле шлаканици, а на крајот им ги одзеле предметите, вклучително и мобилните телефони.
– Карими едвај ја заврши реченицата кога еден од Талибанците му удри шлаканица и му рече да исчезне – рече Шајган за Ал Џезира, додавајќи дека се обиделе да кажат дека се новинари.
Тројца медиумски работници биле однесени во мала ќелија со 15 луѓе, вклучително и новинари на Ројтерс и на Анадолија. Додека биле во ќелијата, слушнале дека Дарјаби (22) и Накди (28), кои биле сместени во одделни простории, биле злоставувани.
– Ги слушнавме како врескаат и плачат низ ѕидовите. Некои, исто така, слушнале како жените плачат од болка – рече Шајган.
Фотографиите објавени во онлајн медиуми покажуваат докази за физичко малтретирање и тепање со кабли. Долниот дел на грбот, горниот дел од нозете и лицето на Дарјаби се покриени со длабоки, крвави траги. Левата рака, горниот дел од грбот и горниот дел од нозете и лицето на Накди се исто така крвави.
– Толку беа тепани што не можеа да одат. Ги удираа со пушки, со нозе, ги камшикуваа со кабли, ги плескаа – рече Шајган.
Тој додаде дека насилството било толку брутално што Накди и Дарјаби изгубиле свест од болка, а талибанските стражари, исто така, однеле еден демонстрант во ќелија.
– Тој едвај можеше да оди, другите луѓе во ќелијата мораа да му помогнат – додаде Шајган.
Иако петмината биле ослободени по неколкучасовен притвор, Шајган вели дека им било дадено строго предупредување од Талибанците пред да заминат:
„Она што го правеа овие демонстранти беше незаконски и со пријавување на вакви работи, вие го кршите законот. Овој пат ќе ве пуштиме, но следниот пат нема да биде толку лесно “.
Во тоа време, протестите не биле забранети, но за неколку часа Талибанците издале декрет со кој му се наложува на министерството за правда да одобри какви било протести 24 часа однапред.
На конференцијата на 17 август, тогашниот портпарол на групата Забихула Муџахид рече:
– Приватните медиуми можат да продолжат да бидат слободни и независни, можат да продолжат со своите активности. Тие се важни. Можат да ја критикуваат нашата работа за да можеме да се подобриме.
Сепак, во следните недели, авганистанските социјални мрежи беа полни со видеа и фотографии на кои се гледаат талибански борци кои се обидуваат да ги спречат новинарите да ја вршат својата работа.
Во тој период, талибанците се соочија со обвинувања за брутален однос кон новинарите, од заплашување и физичко насилство, уништување и одземање на нивните предмети до затвор.
Шајган вели дека талибанците имаат две лица, едното покажува на надворешниот свет, а другото со кое Авганистанците се соочуваат секој ден.
– Нивните борци на улица се однесуваат како што сакаат. Никогаш не го знаете нивното расположение. Талибанците не сакаат да работиме слободно, тие сакаат медиумите да ја шират својата пропаганда во светот – додава Шајган.