Гостиварец на возраст од 34 години е жртвата во тешката сообраќајна несреќа што вчера се случи пред Стража, а во која тешко се повредени и двајца српски државјани кои биле сопатници во „мерцедесот“ што го возел Зоран Милевски – Кичеец.
МВР денеска излезе со официјално соопштение во кое се наведува дека четворица од патниците се со тешки телесни повреди и се хоспитализирани. Кичеец не е меѓу нив.
„На 04.09.2021 околу 15,30 часот било пријавено дека на магистралниот пат Гостивар-Кичево, во близина на новоселски гробишта во с.Ново Село се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од З.М.(41) од Охрид, патничко моторно возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Е.Н.(23) од с.Радиовце-тетовско, и товарно моторно возило „фургон сангјонг“, со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Б.Љ.(32) од с.Д.Бањица-гостиварско. На местото на незгодата починал сопатникот од товарното возило С.Е.(34) од Гостивар. Со тешки телесни повреди се здобиле двајца сопатници од возилото „мерцедес“ П.Ж.(51) и М.М.(42) двајцата од Р.Србија, сопатникот од товарното моторно возило М.К.(31) од Гостивар и возачот Б.Љ., а со телесни повреди повреди се здобиле возачите З.М. и Е.Н. како и сопатникот од возилото „бмв“ Р.Р.(23) од с.Г.Палчиште-тетовско констатирани во Ургентниот центар во Гостивар. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од полициската станица Гостивар во присуство на јавен обвинител“, пишува во полицискиот билтен.
Гостиварското јавно обвинителство отвори истрага за несреќата.
Кичеец, кој отстлужува тригодишна казна затвор во Струга за случајот „Рекет“ бил на 30-дневно „отсуство“. Според надлежните од затворот, бил пуштен поради болест на неговата мајка, додека пак, од Управата за извршување на санкции вчера рекоа дека имал неодложни лекарски прегледи поради кардиоваскуларни проблеми.