БОНУСИТЕ ЗА АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ СЕ КОРУПЦИЈА Власта ќе ги награди партиските војници
Професорот Борче Давитковски нема сомнеж дека уредбата е специјално наменета за 11.000 до 12.000 партиски војници кои работат во државната администрација за на власта да ѝ се „најдат“ за изборите.
Системски поткуп на административците и влијание врз гласачкото тело. Награда за лепачите на плакати и за партиските војници. Предизборен поткуп и притисок. Директна предизборна корупција.
Ова се мислењата на научната фела, на опозицијата, како и на антикорупционерите, за уредбата на Владата за исплата на додаток на плата во висина до 30 отсто за „вредните“ административци.
Владата и владејачкиот СДСМ, пак, се правдаат дека зголемените плати за дел од службениците ќе ги искешираат по изборите и дека не станува збор за предизборен поткуп. Велат дека додаток на плата можат да добијат најмногу 30 отсто од вкупниот број вработени во институцијата, при што исплатата нема да биде за оние вработени кои имаат право на додаток на плата со посебен закон или колективен договор.
На само два месеци пред локалните избори, Владата донесе уредба со која дел буџетски корисници ќе земат додаток на плата во висина до 30 отсто од износот на основната плата, поради специфичноста на работите и работните задачи и зголемен обем на работа на вработените од централната власт.
Иако се обративме и до ОБСЕ/ОДИХР, со прашањето дали на два месеца пред локалните избори уредбата за бонуси за административците е во согласност со правилата за фер и демократски избори, или станува збор за директна корупција на дел од гласачкото тело, од таму не добивме прецизен одговор. Од ОДИХР велат дека се поканети да ги набљудуваат локалните избори и дека со првичната оценка ќе излезат ден по изборите.
– Ви благодариме за интересот за набљудување на ОДИХР на изборите. Бевме поканети да ги набљудуваме претстојните локални избори и сме во процес на распоредување на нашите тимови. Со нетрпение очекуваме да ги процениме законските и кампањските прашањата од ваква природа за време на нашата мисија и тие ќе бидат презентирани во нашите прелиминарни наоди ден по изборите, после нашата сеопфатна опсервација – велат од ОДИХР.
Професорот Борче Давитковски нема сомнеж дека уредбата е специјално наменета за 11.000 до 12.000 партиски војници кои работат во државната администрација за на власта да ѝ се „најдат“ за изборите.
– Уредбата во најмала рака е непримерна, таа е политичка и е во функција на претстојните избори. Државата ќе ги наградува буџетарите кои лепат плакати и така се вработуваат. Не е ни време, а ни место, да се наградуваат административците кои и онака една година работеа од дома, пред компјутер. За каков вонреден ангажман тие сега ќе добијат плус надомест? Ако требаше да се направи отстапка и некој да се награди, тоа секако се однесува на пожарникарите и на медицинските работници – вели Давитковски.
Според професорот, уредбата практички се однесува токму на партиски вработените административци, тие да се наградат, бидејќи таа не важи за целата администрација.
Во јавноста не стивнуваат реакциите во врска со владината уредба. Прашањата кои се наметнаа се кој и со какви критериуми ќе оценува дали службеникот имал вонреден ангажман, дека извршувал специфични работни задачи, дали имал зголемен обем на работа, дали дал квалитетни услуги, дали бил стално достапен на раководното лице, дали ја завршувал работата пред утврдениот рок и дали итно постапувал, се ангажирал и ја сработил работата на отсутен колега …
Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, освен што реагира дека тоа е груб поткуп на администрацијата, упатува и на тоа дека не е дефинирано кој, колку и за што ќе зема пари.
– Клучно за нас е дека нема системски закон за плати, па се наоѓаат разни начини на зголемување на платата кај буџетските корисници. Излегува дека дискрециското право на раководното лице е кому ќе му ја зголеми платата, односно кој ќе добие бонус. Ако видите кои сè ќе бидат корисници, дека тоа се всушност, така да кажеме, сите министерства, а тука е и Владата, ние ова го сметаме како влијание врз администрацијата, односно како системски поткуп на јавната администрација и влијание врз гласачкото тело – вели Ивановска.
Од Антикорупциска потенцираат и дека по распишување на изборите, институциите не смеат да вршат исплата на плати, пензии, социјална помош и други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства, кои не се редовни месечни исплати. Односно, забрането е да се врши исплати на едногодишни трансфери и исплати на еднократни трансфери од буџетските средства или од средствата на јавните фондови. Не смее да се отуѓува државен имот и капитал и да се потпишуваат колективни договори. Не смее да се започне постапка за вработување нови лица, или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување.
За опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, станува збор за класична системска корупција на над 20.000 буџетари.
– Режимот на власт, освен за поткуп, не знае за ништо друго. Одлучи да доделува до 30 отсто на плата на администрацијата по министерствата, на стартот на изборен период. Ова е класичен режим. Ова е награда за послушност, награда за следење на несоодветните, за спроведување на недоветните одлуки, ова е награда пред избори за партиските војници. И тоа по лична процена на режимот. Пораката е бидете послушни и беспоговорни пред лошите одлуки и ќе добиете бонус – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролот на најголемата опозициска партија Наум Стоилковски денес обелодени дека решенија за 30 отсто награда на плата во администрација се потпишани дента кога е донесена уредбата, односно ден по распишувањето на изборите.
– Во ист ден, во ист час, се објавува одлука за 30 отсто награда за партизираната администрација, во ист час излегуваат решенија во владини институции, листинзи со решенија за наградени! Во ист ден, ден пред распишување избори. Па што е ова ако не изборен поткуп на администрацијата? Награда од 30 отсто на административна плата за послушниците и партиските војници. Еве дел од листите, најмалку две. На ист ден 5 август, изготвени, потпишани, испратени до министерствата решенија за додаток на плата почнувајќи 5 август заклучно со 31.12.2021 година, пет месеци. Селектирани кадри добиваат 30 отсто по предлог на СДСМ и на ДУИ, на 5 август, ден пред распишување на изборите, веќе потпишани решенија од министри. Чист случај на изборен поткуп, на однапред договорена акција, спроведена на ден пред распишување избори, додека Македонија гореше – вели Стоилковски.
Од Алијанса и од Алтернатива сметаат дека станува збор за најгрозоморен начин на предизборен поткуп.
– Ова е уште еден доказ дека Заев не само што не се разликува од Груевски, туку и го надминува. Освен поткуп, оваа уредба е исто така и притисок врз државните службеници. Фактот што не е прецизирано кој и како ќе ги оценува вработените и како ќе се определат надоместоците, остава простор за дискриминација и за селекција, односно награда само за послушните и за партиските партизани – велат од коалицијата АА-А.
Коалицијата ги повикува јавните и државните службеници најостро да се спротивстават и да ја казнат оваа дискриминаторска политика уште сега, на претстојните локални избори, а наскоро и на парламентарните за конечно по промена на власта заедно да донесат решенија кои ќе ги обезбедат и ослободат административците од секаков партиски мобинг и притисок.